Вучиќ – КФОР го отфрли барањето за враќање на српските сили на Косово

Српски знамиња во Северна Митровица

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека КФОР го отфрлил барањето на Србија за враќање на српските безбедносни сили на Косово.

Српските власти на средината на декември до канцеларијата на мисијата на НАТО на Косово, КФОР, испратија барање за враќање на 1000 припадници на војската и полицијата на Србија на Косово.

Видете и ова: Договор со недоверба: отстранување на барикадите на северот на Косово

Во интервју за ТВ Пинк утринава, Вучиќ рече дека КФОР во одговорот навел дека нема потреба за враќање на српските сили.

„КФОР ни одговори дека нема потреба за враќање на нашите сили на северот на Косово и Метохија, како што очекувавме, иако според резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) немаат право да го одбијат тоа наше барање зашто тие не се прашуваат за тоа“, оцени Вучиќ.

Тој рече дека останува прашањето дали официјален Белград ќе се обрати до ОН да побара изјаснување на седница на Советот за безбедност. Тој наведе дека доколку би се направило тоа, Русија би ја поддржала Србија, но исходот повторно би бил потврда на одлуката на КФОР.

Вучиќ рече дека ќе ја следи ситуацијата и ќе предупредува каде КФОР не ги заштитува Србите на Косово.

Властите во Србија донесоа одлука за испраќање барање за враќање на српските безбедносни сили на Косово, како реакција на, како што тврдат, зголеменото присуство на косовската полиција на северот на Косово.

Испраќањето на барањето уследи во деновите на зголемени тензии на северот на Косово, кое во 2008 прогласи независност, која официјален Белград одбива да ја признае.

Во четири општини на северот на Косово со мнозинско српско население 20 дена беа поставени барикади кои ги блокираа патиштата кон граничните премини со Србија. Барикадите беа поставени во знак на протест поради апсењето на поранешен косовски полицаец – Србин, осомничен дека го организирал нападот врз канцеларијата на Централната изборна комисија на северот. Барикадите беа тргнати, откако полицаецот Дејан Пантиќ беше пуштен во домашен притвор.

Претходно, Србите ги напуштија косовските институции, вклучително и полицијата.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Војниците на НАТО ги отстранија последните српски барикади на Косово