Достапни линкови

Договор со недоверба: отстранување на барикадите на северот на Косово


Српскиот претседател Александар Вучиќ на средба со претставници на Србите од Косово во касарната на српската војска во Рашка во близина на границата, 28 декември 2022 година
Српскиот претседател Александар Вучиќ на средба со претставници на Србите од Косово во касарната на српската војска во Рашка во близина на границата, 28 декември 2022 година

Српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со косовските Срби изјави дека денеска ќе започне отстранувањето на барикадите на северот на Косово Претседателката на Косово Вјоса Османи пак предупреди дека доколку тоа не биде направено косовските институции ќе дејствуваат.

Попладнево започна отстранувањето на дел од барикадите на северот на Косово. Тие се тргнати од Рударе и Северна Митровица, а повлекувањето е во тек на уште неколку локации. Главните патишта кои водат кон Јариње и Брњак, граничните точки што го поврзуваат Косово со Србија, се блокирани од 10 декември.

Претходно во текот на денот беше отстранета и барикадата која се наоѓаше на два километри од граничниот премин Мердаре, на територијата на Србија. Граничниот премин Мердаре, меѓу Косово и Србија, е повторно отворен за сообраќај, откако на 27 декември беше затворен од косовската полиција бидејќи група Срби во Србија го блокираа патот до границата.

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа, по средбата со косовските Срби, го најави отстранувањето на барикадите.

„Ова не е едноставен процес и не може да се направи за два часа, како што некои замислуваа. Но во рок од 24 до 48 часа барикадите ќе бидат отстранети. Но, недовербата не се отстранува. Тие што си играат со самото постоење на Србите на Косово мора да знаат дека, како што не го дозволивме сега, нема да дозволиме ниту во иднина“, рече Вучиќ по синоќешниот разговор со учесниците на блокадите, кој беше затворен за јавноста.

Вучиќ го прочита заклучокот на претставниците на Србите од северот на Косово за отстранување на барикадите, во кој се наведува дека „немаат доверба во приштинските институции“.

„Доколку апсењата и континуираниот терор врз српскиот народ продолжат, ние засекогаш ќе го затвориме северот на Косово за дискриминаторските институции на Приштина. Тогаш ќе поставиме барикади кои никогаш нема да бидат отстранети и тоа ќе биде граница за Приштина што тие никогаш нема да ја преминат“, пишува во заклучокот што го прочита Вучиќ.

Тој рече дека од него се бара „дека нема да има признавање на независноста на Косово, во ниту една форма, бидејќи тоа е територија на Србија“.

Во меѓувреме претседателката на Косово Вјоса Османи изјави дека прашање на часови е кога ќе бидат отстранети барикадите на северот на Косово и дека косовските институции ќе дејствуваат доколку тие барикади не се отстранат бидејќи, според неа, колку се подолги барикадите, толку повеќе се загрозени животите на граѓаните и „на нашите институции заедно со меѓународните безбедносни институции“.

Србија со зголемена борбената готовност, косовските Срби со нови барикади

Таа за приштинската ТВ Клан Косова оцени дека ова се најопасните барикади досега. „Тоа се проценки на домашните и меѓународните безбедносни институции, тоа се доверливи проценки од кои по една недела ќе можеме да ја отстраниме ознаката за тајност“, рече Османи, додавајќи:

Српските сили во целосна борбена готовност
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:31 0:00

„Но, бидејќи животите на нашите полицајци, војниците на КФОР, персоналот на ЕУЛЕКС, а пред се цивилите може да бидат загрозени, сега не можам да ги изнесам тие детали“.

Претходно, во отворениот дел од средбата со граѓаните од Косово, Вучиќ рече дека се дадени меѓународни гаранции оти ќе се исполнат барањата на Србите за отстранување на барикадите.

Претседателот на Србија изјави дека поранешниот полицаец Дејан Пантиќ „пристигнал дома“ во Северна Митровица, каде ќе биде во домашен притвор. Вучиќ тоа го нарече „мала тактичка победа“.

Апсењето на Пантиќ, кого Косово го сомничи дека нападнал членови на Централната изборна комисија, беше причина за барикадите што српските претставници ги поставија на северот на Косово на 10 декември.

Неговото ослободување беше еден од условите за отстранување на блокадите, а на 28 декември властите на Косово му ја сменија мерката од полициски во куќен притвор.

Вучиќ рече дека е исполнето и второто барање на Србите, „луѓето што беа на барикадите да не се гонат“. „Тоа го имаме напишано недвосмислено“, посочи тој. Зборувајќи за барањето да не се дозволи влез на косовските специјални сили на север, тој ја спомена изјавата на мисијата на КФОР од 28 декември.

„Имаме посебен документ кој им дава права и на српскиот народ на северот на Косово и на државата Србија, но, исто така, за прв пат се наметнува обврска на КФОР да го спречи влегувањето на косовските безбедносни сили на север “, рече Вучиќ.

„Можеме ли да веруваме во сè и дали сме сигурни како (косовскиот премиер Албин) Курти или некој друг како ќе се однесува? Дали им верувам, не. И што друго?“, праша Вучиќ.

Вучиќ: зборуваме за да го зачуваме мирот, тие сакаат протерување на Србите

Одговарајќи на прашања на граѓаните, тој рече дека барикадите „послужиле барем еден збор да се слушне за тешката состојба на Србите“, и покрај тоа што „служеле за жестоки напади врз Србија“. „Резултатот што го добивме е резултат на борбата на луѓето кои излегоа на барикадите“, рече тој.

Заедно со Вучиќ, на средбата со претставниците на Србите присуствуваа и министерот за одбрана Милош Вучевиќ, началникот на Генералштабот на вооружените сили на Србија Милан Мојсиловиќ и директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово Петар Петковиќ.

На средбата со Вучиќ присуствуваа и претставници на Српската листа, најголемата партија на Србите на Косово, која ја ужива поддршката на официјален Белград.

Меѓу нив беше и потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, кој е под санкции на САД и Британија поради сомневања за меѓународен организиран криминал, односно корупција.

Радоичиќ е во бегство од косовските власти и се бара за заплашување на сведоци во корупцискиот скандал „Брезовица“. Косовскиот министер за полиција летово го означи како „водач на криминалните структури зад нападите врз косовската полиција на север“.

Во Косово се сомничи и дека е поврзан со се уште нерасчистеното убиство на српскиот опозициски политичар во Косово, Оливер Ивановиќ, во јануари 2018 година.

Шефот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ, изјави пред средбата во Рашка дека од САД и Европската Унија ја добиле „најсилната досега“ гаранција за повлекување на Србите од барикадите подигнати на северот на Косово.

Затворен граничниот премин Мердаре меѓу Косово и Србија

Од шесте гранични премини меѓу Србија и Косово, три беа затворени поради барикади. Последната барикада беше поставена на 27 декември во близина на граничниот премин Мердаре на територијата на Србија.

Властите во Косово претходно објавија дека зад барикадите стојат криминални групи кои се под заштита на Србија.

Мисијата на НАТО на Косово повика на 28 декември да се избегнат потези кои би можеле да доведат до ескалација на тензиите на Косово.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG