Лајчак – Сега е момент за решение или спорот ќе се одолговлекува со децении

Косово - Отстранување на барикадите во Северна Митровица, 29 декември 2022

Претставникот на Европската унија за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак изјави дека нивото на недоверба меѓу двете страни е повисоко од кога било досега, дека тензиите се сè уште високи, но оти е важно лидерите во Белград и Приштина да почнат да создаваат атмосфера погодна за продуктивни разговори за нормализација на односите.

Тој за „Политико“ вели дека она што сега е навистина важно е да не се дозволи ситуацијата да се претвори во нова криза. Лајчак посочи дека рокот во март има за цел да укаже на сериозноста на постигнување договор.

„Се надевам дека за една недела нема да се соочиме со нова криза – или можеме да заборавиме на нормализацијата“, посочи тој.

Лајчак смета дека сегашниот тајминг е идеален за изнаоѓање решение, а доколку се пропушти моментот, спорот може да се одолговлекува со децении.

На 29 декември започна тргањето на барикадите во северно Косово на главните патишта кои водат кон граничните точки што го поврзуваат Косово со Србија. Тие беа блокирани од 10 декември во знак на протест поради апсењето на поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој се сомничи дека организирал напади со експлозивни направи и огнено оружје врз општинските изборни комисии и врз полициски патроли во тој дел од Косово. Косовскиот Суд на 28 декември до пушти Пантиќ во домашен притвор.

Видете и ова: Договор со недоверба: отстранување на барикадите на северот на Косово

Во четири општини во северно Косово, населени со мнозинско српско население, на 18 декември требаше да се одржат вонредни локални избори, откако досегашните градоначалници и членови на советите поднесоа оставки на функциите поради намерите на владата на Албин Курти да изрекува казни за тие што не ги смениле нелегалните српски со косовски регистарски таблички.

По притисок од западните сојузници, пред сè на САД, првин на почетокот на ноември Курти се откажа од намерата за казнување на сопствениците на српски регистарски таблички, а подоцна, на 9 декември и претседателката на Косово, Вјоса Османи објави дека се одлагаат вонредните избори за 23 април идната година.