Преовлада дипломатијата во смирување на тензиите на северот на Косово, смета Борел

Жозеп Борел, висок претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност

Дипломатијата преовлада во намалувањето на тензиите на северот на Косово, изјави Жозеп Борел, висок претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност.

Борел на Твитер напиша дека насилството никогаш не може да биде решение и го поздрави „одговорното раководство на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, како и тимската работа на ЕУ, Соединетите Американски Држави (САД) и КФОР.

„Благодарам на сите вклучени. Сега ни треба итен напредок во дијалогот“, изјави тој.

Видете и ова: САД и ЕУ загрижени поради тензиите на северот на Косово

Во градот Рударе на северот на Косово, денеска попладне започна отстранувањето на барикадите, јавија новинарите на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Главните патишта кои водат кон Јариње и Брњак, граничните точки што го поврзуваат Косово со Србија, се блокирани од 10 декември.

Претходно денеска беше отстранета и барикадата која се наоѓаше на два километри од граничниот премин Мердаре, на територијата на Србија.

Граничниот премин Мердаре, меѓу Косово и Србија, е повторно отворен за сообраќај, откако на 27 декември беше затворен од косовската полиција бидејќи група Срби во Србија го блокираа патот до границата.

Видете и ова: Договор со недоверба: отстранување на барикадите на северот на Косово


Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа, по средбата со косовските Срби, најави дека отстранувањето на барикадите од северот на Косово ќе започне во утринските часови, на 29 декември.

Неколку групи Срби од Косово подигнаа барикади на северот на Косово на 10 декември, кога косовските власти го приведоа поранешниот српски полицаец Дејан Пантиќ.

Косово го сомничи Пантиќ за нападот врз членовите на Централната изборна комисија, што се случи на почетокот на декември на северот на земјата.

Неговото ослободување беше еден од условите за отстранување на блокадите, а на 28 декември властите на Косово му ја сменија мерката од полициска во куќен притвор.

Мисијата на НАТО на Косово, вчера, на 28 декември, повика да се избегнат потези кои би можеле да доведат до ескалација на тензиите на Косово.