Најмалку три лица загинаа, а четири се водат како исчезнати, откако патнички автобус излетал од мост и паднал во реката Лерез во северозападна Шпанија, соопштија локалните служби за итни случаи.
Досега се спасени двајца преживеани, возачот на возилото и еден патник . Силната струја и големиот проток поради обилните дождови што го зафатија регионот на Галиција ги попречуваа напорите за пребарување и спасување, соопштија властите.
„Преживеаните се пренесени во блиските болници со различен степен на повреди“, додаваат тие.
Автобусот на компанијата Монбус патувал меѓу градовите Луго и Виго и застанал во казнено-поправен дом во близина на местото на несреќата. Од засега неразјаснети причини излетал од коловозот на мостот и околу 21.30 часот синоќа паднал во реката.
„Според прелиминарните податоци, автобусот превезувал вкупно девет лица, возачот и осум патници“, изјави регионалната функционерка Маица Лариба.
„Нема повеќе тела во автобусот, па ја продолжуваме потрагата по четворицата исчезнати“, додаде Лариба.