Бомгартнер - Неопходна е ревизија на македонскиот Устав за да напредувате во ЕУ

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Бомгартнер - Македонците направија многу отстапки и сега не веруваат на странските ветувања

Доколку по скрининг процесот македонскиот Устав не е ревидиран, тоа значи дека процесот на европска интеграција моментално ќе биде запрен, се додека таа состојба не се промени, порачува францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер во неделното интервју на радио Слободна Европа.

Амбасадоре, по низата афери во правосудниот систем и слабите резултати во борбата против корупцијата, гледате ли вие политичка волја за справување со корупцијата и организираниот криминал во државата?

Она што е вистина е дека во текот на последните месеци имаше одредени настани коишто го предизвикаа вниманието и се поставија голем број прашања и сето тоа е предмет на следење од страна на меѓународната заедница, особено од страна на ЕУ поради причини коишто се сосема легитимни.

Она што јас би сакал да го кажам е дека треба да се гледа секоја ситуација посебно, затоа што не сметам дека сите афери коишто вие ги имате на ум, можеби се дел од корупцијата. Сметам дека има теми кои потесно се поврзани со прашањето на добро владеење, други прашања коишто се поврзани со поделбата на власта и треба внимателно да се набљудува секој случај по случај и она што може да создаде проблем е што сето ова предизвикува сомнеж, а во реалноста нас ни се потребни јасни знаци.

И уште еднаш ќе кажам дека се наоѓаме во земја каде што сите се свесни за важноста на оваа тема и мислам дека посебна важност ова прашање има и за ЕУ, затоа што владеењето на правото е во срцето на европскиот проект и во суштината на европскиот процес. Во тој поглед минатата недела беше организиран важен самит помеѓу ЕУ и земјите од западен Балкан во Тирана. На тој самит беше усвоена многу важна декларација и текстот може да го најдете на сите релевантни сајтови вклучително и на македонски јазик и во тој текст на повеќе наврати експлицитно и јасно се наведени барањата и очекувањата на ЕУ од сите земји на Западен Балкан во поглед на борба против организираниот криминал и корупција, но и функционирање на судството, јасна поделба на власта и добро владеење.

Видете и ова: Меѓународната критикува, власта уверува дека борбата против корупцијата е главен приоритет

И вашата земја во соработка со Академијата на судии и јавни обвинители, инвестираше многу пари во обуки на судии и проекти во правосудниот систем. Какво се чувствувате кога слушате дека и покрај тоа, довербата во тој систем е само осум проценти?

Точно е дека нашата земја со сопствени средства сакаше да биде од корист и придонесе за спроведувањето и зајакнувањето на правната држава, инвестираше и во судството и бевме една од земјите кои дадоа иницијатива за основање на таа институција, институција која спроведува корисна улога, институција со која и до ден денеска имаме ефикасна соработка.

Ако сакаме да расудуваме гледајќи од дистанца би кажал дека генералната состојба во земјата особено за функционирањето на судството е значително подобрена со текот на годините, затоа што тоа е веќе и нотирано во извештаите на ЕУ и мислам дека се наоѓаме во една динамика којашто се следи и треба да остане целосна и забрзана. И ќе кажам дека треба да сметаме на органите кои постојат. Она што треба да го имаме на ум е дека има реформи коишто треба да се спроведат, а вие веројатно ќе ми поставите и такво прашање, мислам дека одредени реформи можат да бидат и корисни и неопходни, но на крајот треба да знаеме дека за да може да функционира еден систем и процедури коишто се нови потребни се луѓе, мажи и жени, човечкиот фактор е суштински и тоа е причината поради која е многу важно секогаш да се промовираат оние коишто се компетентни.

Реформи се најчесто повторуваниот збор кога зборуваме за евроинтегративниот процес. Дали само владеењето на правото и борбата против корупцијата и криминалот се областите каде што најмногу потфрливме?

Не, мислам дека не може така да гледаме на нештата затоа што се наоѓаме во процес којшто е динамичен и доколку суштински ја набљудуваме состојбата ќе ви кажам дека таа тенденција постојано се подобрува. Мислам дека денешната состојба е позадоволителна од пред десет години. Станува збор за позитивно придвижување и треба тоа движење да продолжи, затоа што знаеме дека претстои уште работа и многу е важно да сите да останат мобилизирани. Тоа е политичката волја, но и волја на сите институции кои се засегнати да останат мобилизирани и затоа е важно кога понекогаш си поставуваме прашања да се има предвид таа состојба и со политичката волја да се поправи таа состојба за да се покаже јасно дека има еден пат и има волја да се напредува на тој пат. Но, на крајот она што треба да го забележиме е дека постои тесна врска, нераздвоива на патот за спроведување на реформите и сите постулати поврзани со владеењето на правото и ритамот на европското интегрирање. Колку повеќе реформи во тие области толку побрзо ќе се стигне и ќе завршат преговорите во Европската унија.

Видете и ова: Ветинг треба, ама кој да го направи?


Откако во земјава стигна и тим експерти од Вашингтон се почесто се споменува и ветингот во правосудството. Кој е вашиот став за ветинг во правосудството, може ли да се спроведе и да даде добри резултати?

Лично мислам дека тоа може да биде дел од одговорот затоа што беа спроведени ветинзи во соседните земји, мислам пред се на Албанија и би било интересно да ги прашаат тие коишто прецизно ја спровеле таа реформа кои се ефектите кои ги донесе таа и во однос на одредени проблематики како на пример, одредени афери во последно време, може тие реформи да имаат и смисла.

Може и други реформи да бидат од корист. На пример спроведувањето на самите судски случаи, тоа значи преку информатичка процедура да се распределат судските предмети во рамки на Обвинителството и сметам дека таа техничка можност постои и во судството, но поради технички причини се уште не се спроведува оперативно. Мислам дека станува збор за тема којашто е интересна и мислам дека Министерството за правда е свесно за оваа состојба.

Ви давам и друг пример. Има Државна комисија за борба против корупција. Сите се согласни дека е тоа Комисија која има важна улога и функционира на транспарентен начин, но можеби треба да се зајакне информатички, со човечки ресурси и тоа може да биде насока за размислување. Она што сакам да го кажам е дека се уште има работи коишто треба да се променат во рамки на системот. Закони на пример коишто може да бидат предложени за да се постигне поголема ефикасност и транспарентност во судството, но на крајот повторно ќе го кажам тоа што го кажав и на почетокот. Ако го промениме системот и процедурите секогаш ќе треба да најдете човечки ресурси да ги спроведат. Затоа многу е важно акцентот да се стави на човечкиот фактор и ќе кажам дека има низа на активности коишто може да се спроведат, на пример обуки итн, но прашањето поврзано со промоција, унапреднување и вреднување според заслугите е суштинската работа.

Скринингот почна, но преговорите со ЕУ се условени со уставните измени, односно внесувањето на Бугарите во Уставот. Постои ли гаранција дека промената на Уставот ќе биде последната отстапка на нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ?

Мислам дека треба да ги раздвоиме етапите. Првата етапа сега, реално кажано е дека вашата земја веќе ги почна преговорите за членство. Нема никаков сомнеж во Европа дека вие веќе ги отворивте преговорите и ќе ве потсетам дека Северна Македонија денес се наоѓа во иста состојба како Албанија во однос на евроитегративниот процес и мислам дека и во Албанија никој нема сомнеж дека земјата ги отвори преговорите за членство. Тоа е првата работа којашто треба да ја имаме на ум и да ја истакнеме.

Друга работа е следната. Откако ќе се отворат преговорите постои првата етапа, скринингот и ние сега се наоѓаме токму во таа скрининг фаза и треба да признаеме дека што се однесува до Северна Македонија во текот на скринингот идната година ќе треба македонскиот устав да се промени, за да мое да преминеме на следната етапа. Точно е дека е услов којшто е наметнат и ќе треба да знаеме дека спроведувајќи ја согласноста којашто беше постигната во текот на летото, уставната ревизија треба да се случи и преминот на Северна Македонија во следната етапа, односно активни преговори ќе биде автоматска, односно ќе нема можност за блокада. Тоа ќе биде втората етапа.

Третата етапа е етапа којашто ќе предизвика мобилизација на Северна Македонија, тоа е активната фаза на преговори за членство и тука се ќе зависи пред се, од мобилизацијата на властите и на македонските институции. Тоа значи дека доколку очекуваните реформи се спроведат на ефикасен начин, прво на хартија, потоа на терен, тогаш текот на преговорите ќе биде забрзан. Доколку има неколку потешкотии во одредени моменти во спроведувањето на реформите, тоа ќе има последици и на преговарачкиот процес.

Што би значело евентуалното неусвојување на уставните измени за евроинтегративниот процес?

Конкретно доколку по скрининг процесот македонскиот устав не е ревидиран, тоа значи дека процесот на европска интеграција моментално ќе биде запрен, се додека таа состојба не се промени. И точно е тоа што го велев. Ревизијата на македонскиот устав е неопходна работа и она што треба да го забележиме е дека потоа ќе се донесе суверена одлука од македонското собрание којашто само тоа може да ја донесе и треба да заеме дека во Уставот не постои политичка потешкотија затоа што во македонскиот уставен модел се интегрирани голем број малцинства и вклучувањето на Бугарите нема да предизвика нова суштинска потешкотија.

Но мислам дека за да се случи тоа е потребно квалификувано двотретинско мнозинство, а во актуелната ситуација тоа значи дека ќе треба и дел од опозицијата да даде гласови за да може да се постигне тоа мнозинство. Од една страна имате реформа којашто е неопходна во одреден момент да се спроведе за да продолжите на евроинтегративниот пат, од друга страна имате реформа која не би требало да претставува ненадминлива пречка и од друга страна имате политичка реалност за која е потребен политички консензус. Затоа сите политички чинители треба да ја преземат одговорноста и најверојатно ќе биде потребен политички дијалог за да се постигне тој резултат.

Ако мене ме прашате ќе ви кажам дека имам доверба во капацитетот на политичките актери имајќи ги предвид сите супериорни предизвици и мојата препорака е да се постигне таа согласност колку што е можно побрзо. Зошто? За да се избегне таа спирала во која земјата би се нашла со задоцнување кон европскиот пат, туку да антиципира за да може Северна Македонија да напредува што побрзо на европскиот пат.

Откако го решивме спорот со Грција, Франција го запре проширувањето, а потоа стигна блокада од Бугарија. Тоа го зголеми евроскептицизмот во земјава. Како да ги убедиме граѓаните дека проширувањето со Западен Балкан е се уште на агенда на Унијата?

Ќе одговорам на наједноставен начин иако вие отворате повеќе прашања преку едното прашање. Во однос на француската блокада која ја споменувате ќе потсетам дека таа блокада не беше кон Северна Македонија затоа што и Албанија беше во истата состојба и всушност посакавме да се промени методологијата за интеграција во ЕУ и таа методологија ќе се спроведува и за вас и за Албанија. И таа методологија, е ревидирана методологија којашто ќе биде многу подобра затоа што ќе овозможи преговори за членство со побрз ритам, доколку ритамот на реформите е задоволителен и спротивно, ќе може да предизвика блокада ако во одреден момент желбата или политичкиот капацитет не напредуваат на полето на реформите. Значи станува збор за поттикнувачка методологија, којашто потенцијално има поголеми предности за земјата кандидат. И од моментот кога ние го побаравме тоа барање кое вие го викате вето, до моментот кога го сменивме нашето однесување и кажавме ДА за евроинтегративниот процес поминаа само 6 месеци. И за шест месеци ние постигнавме консензус во ЕУ за нов методолошки пристап. Тоа значи дека не бевме расположени да блокираме, туку да ги промениме работите во интерес на сите. Иако тоа предизвика тешка состојба, свесни сме за тоа, но ќе кажам дека тоа беше за повисокиот интерес на земјите кандидатки и како земја која претседаваше со ЕУ, потоа ние со помошта на сите европски институции одигравме примарна улога за деблокада на состојбите и отворање на европерспективите на Северна Македонија. И мојата земја одигра корисна улога и улога за поддршка на македонската кандидатура во ЕУ.

Што се однесува до прашањето за пораката до граѓаните ќе ви кажам дека е многу тешко зошто ќе имам многу работи да им кажам на македонските граѓани. Мојата интуиција е следна, можеби грешам, но Македонците денес не сакаат некој, особено не, амбасадор од голема земја од ЕУ да им објасни како да размислуваат, затоа што луѓето имаат чувство дека многу чекаа, многу отстапки направија и денеска не веруваат во ветувањата и тоа го разбирам и го почитувам. И затоа не сакам да давам ветувања и уште еднаш сакам да кажам дека го разбирам тоа духовно размислување, тоа е критичко размислување и добро е да постои такво размислување. Но, она што сакам исто така да го кажам е дека е нормално да имамесомнежи во ветувањата, особено кон лажните. Ако бидеме претпазливи, треба генерално да бидеме претпазливи и да немаме доверба во европските ветувања, но не треба да имаме говор против ЕУ. И околу нас има голем број на дезинформации особено против европскиот проект и откако сме го кажале ова ќе ви кажам дека Европа е комплицирана институционална машина. Точно е дека е тешка и понекогаш одлучувачкиот процес е долг, но мислам дека глобално состојбата се променува и се подобрува. Но, истовремено таа комплицирана машина е цената којашто ја плаќа демократијата. А ЕУ е и извонредна демократска машина. Може да и даваме голем број забелешки, но не може да кажеме дека не е демократска и кога има нешто да каже, кажува директно и не се крие зад никој.