Собранието го укина прогресивниот данок пред да стапи на сила

Илустрација

Собранието ги усвои измените на Законот за данокот на личен доход со кој од 1 јануари 2023 година се продолжува со примена на рамниот данок од 10 проценти, односно се укинува прогресивното оданочување и се одложува даночењето на каматите на заштедите до влезот на државава во Европската унија.

Законските измени што беа изгласани денеска, се дел од Концептот на даночна реформа, што го подготви Министерството за финансии, а кој треба да придонесе кон поголема праведност и поправична распределба на даночниот товар, со цел забрзан и одржлив економски раст.

Видете и ова: Даночна реформа без нови даноци

Тој додава дека измените во ова законско решение се постигнати преку дијалог и инклузивен процес со сите засегнати страни што го спровело Министерството за финансии и оти целата реформа се темели на Стратегијата за реформа на даночниот систем и има поддршка од Меѓународните финансиски институции.

Прогресивниот данок беше еден од столбовите во предизборната програма на СДСМ пред да дојдат на власт во 2017 година, но кратко по воведувањето ја повлекоа, потоа постојано ја одложуваа, за сега целосно да се откажат од неа.

Со измените, меѓу другото се предвидуваат оданочување на капиталните добивки остварени од продажба на хартии од вредност и удели издадени од инвестициски фонд стекнати од 1 јануари 2023 година, се укинува ослободувањето од оданочување на уплатената премија за животно осигурување, доброволно здравствено и пензиско осигурување во доброволен пензиски фонд.

Во Собранието во наредниот период треба да се усвојат и измените и дополнувањата на Законот за ДДВ и Законот за Данокот на добивка, кои исто така се дел од Концептот на даночна реформа.