Србија ќе упати барање до КФОР за враќање до илјада војници и полицајци на Косово

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва најави дека Владата на Србија ќе испрати формално барање до КФОР за враќање на одреден број, „од стотици до илјада“ припадници на полицијата и армијата на Косово.

Тој најави дека утре, на 16 декември тоа барање ќе биде доставено до претставникот на КФОР на границата со Косово. Официјален Белград се повикува наРезолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) од 1999 година.

Видете и ова: Кој одлучува за враќањето на српските сили на Косово - КФОР или Белград?

По седницата на Владата на Србија, Вучиќ изјави дека одлуката е донесена едногласно.

„Тоа би ги намалило тензиите“, изјави Вучиќ на РТС и додаде дека очекува барањето да не биде прифатено, врз основа на пораките дадени изминатите денови од страна на меѓународните претставници.

Белград донесе одлука да испрати припадници на своите безбедносни сили како реакција на зголеменото присуство на косовската полиција на северот на Косово.

Минатата недела косовските власти одлучија да ги испратат силите на косовската полиција на северот на Косово, каде што живее мнозинството од српското население. По одлуката за напуштање на косовските институции, во тие сили нема Срби. Еден месец претходно, Србите од северот на Косово ги напуштија косовските институции.