Политичари како Костадин Костадинов не се пожелни во државава, истакна премиерот Димитар Ковачевски кој ја осуди вчерашната изјава на бугарскиот пратеник и лидер на партијата „Преродба“, кој при отворањето на Бугарскиот културен центар во Скопје даде изјава со територијални претензии кон земјава.
„Навистина непримерно е човек којшто е дојден како гостин во оваа држава да се однесува на таков начин. Вчера ние имавме чин на отворање на Бугарски културен центар така како што личи во Скопје со министер за култура дојден, со нашиот министер за култура, на ист начин како што сум кажал дека и ние ќе отвориме Македонски културен центар во Благоевград каков што имаме отворено и во Софија“, рече Ковачевски.
Дополни дека такви политичари воопшто не се пожелни во нашата држава бидејќи, како што нагласи, шират нетрпение помеѓу граѓаните на двете држави „само заради свој политички интерес“ и собирање политички поени.
„Такви политичари воопшто не се пожелни лично за мене во нашата држава и воопшто не мора да доаѓаат тука“, нагласи Ковачевски.
Костадинов кој вчера присуствуваше на отворањето на Културно информативниот центар на Бугарија во Скопје изјави дека Бугарија е од Охрид до Црното море, а Македонија е втора бугарска држава.
Оваа изјава вчера беше осудена и од страна на Министерството за надворешни работи.