Експерти на ОН - Третманот на талибанците кон жените може да биде злосторство против човештвото

Илустративна фотографија/Жени носат дрва во Авганистан

Третманот на талибанците кон авганистанските жени и девојчиња, вклучително и нивното исклучување од парковите и спортските сали, како и од училиштата и универзитетите, може да претставува злосторство против човештвото, рече група експерти на Обединетите нации на 25 ноември.

Оценката на специјалниот известувач на ОН за Авганистан Ричард Бенет и девет други експерти на ОН велат дека третманот на жените и девојчињата може да значи „родово прогонство“ според Римскиот статут чиј потписник е Авганистан.

Видете и ова: Младите во Кабул загрижени за нивната иднина под талибанците

Талибанците ги отфрлија овие обвинувања. Тие ја презедоа власта во Авганистан во август 2021 година, кога силите на САД и НАТО беа во последните недели од повлекувањето од централноазиската земја по 20 години војна.

Иако на почетокот ветуваа поумерена форма на владеење и велеа дека ќе ги зачуваат правата на жените и малцинствата, тие ги ограничија тие права и почнаа нашироко да го применуваат нивното исклучително тешко толкување на исламот, т.е. Шеријатскиот закон.

Јавните камшикувања, егзекуции и каменувања за наводни злосторства беа секојдневие во Авганистан за време на првото талибанско владеење, од 1996 до 2001 година, кога талибанците беа соборени од власт со инвазијата на САД и нивните сојузници по терористичките напади на 11 септември во Њујорк и Вашингтон во септември 2001 година.