МНР ја осуди изјавата на пратеникот Костадинов дека Македонија е втора Бугарија

Седиштето на МНР

Министерството за надворешни работи денеска ја осуди изјавата на бугарскиот пратеник и лидер на политичка партија - Преродба, Костадин Костадинов. Министерството, како што се наведува во соопштението, исто како што и претходно реагирало и овој пат ги осудува иредентистичките изјави кои содржат и територијални претензии кон Република Северна Македонија изкажани јавно и повеќе пати од страна на Костадинов.

„Фактот што овие изјави се повторуваат, овојпат и во Скопје и тоа на значаен и за двете страни симболичен повод, отворање на нови канцеларии на Културно-информативниот центар како и во пресрет на Бизнис форумот меѓу Северна Македонија и Бугарија, не можеме, а да не ги толкуваме како обиди за минирање на силните напори на двете Влади за унапредување на соработката и како организирана провокација, која треба да биде осудена од сите проевропски политички структури и институции во двете држави“, соопштија од МНР.

Видете и ова: Пред бугарскиот центар во Скопје врие полиција, внатре класична музика и изложба

Во исто време, од минситерството упатија апел до граѓаните на двете земји да не им подлегнуваат на ваквите провокации „кои имаат една единствена цел, а тоа е да ги спречат двете држави во спроведувањето на искрените намери, реафирмирани од двете страни, за продлабочување на односите меѓу нашите држави и народи во духот на европските вредности“.

Костадинов кој денеска присуствуваше на отворањето на Културно информативниот центар на Бугарија во Скопје изјави дека Бугарија е од Охрид до Црното море, а Македонија е втора бугарска држава.