ЕУ го одложува текстот за визната либерализација поради ситуацијата во северно Косово

Полицајци од ЕУ патролираат во северна Митровица, со мнозинско српско население

Чешка, која во моментов претседава со Европската унија (ЕУ), одлучи да го одложи усвојувањето на текстот за визната либерализација на Косово поради политичките прилики во таа земја и тензиите на северот.

„Поради политичките случувања на северот на Косово, утре таа точка на дневниот ред на КОРЕПЕР (амбасадорите на ЕУ) не се чини идеална. Затоа одлучивме да ја одложиме точката за наредната недела (30 ноември)“, стои во дописот кој чешкото претседателство го достави до земјите членки на ЕУ.

Радио Слободна Европа имаше увид во дописот.

Видете и ова: Нема договор за кризата со регистарските таблички на Косово

На денешниот состанок на амбасадорите на државите членки на ЕУ беше планирано да се усвои текст за визната либерализација, според кој укинувањето на визниот режим за косовските граѓани требаше да стапи во сила најдоцна до 1 јануари 2024 година.

Тој чекор би овозможил продолжување на правните процедури за конечна одлука за укинување на визите.

Експертите од земјите-членки го усогласија завршниот текст на вчерашниот состанок.

Ситуацијата на северот на Косово, каде што живее мнозинско српско население, е заострена поради одлуката на владата на Косово да почне со спроведување на одлуката за пререгистрација на возилата со српски таблички, кои ги смета за нелегални, со косовски.

Кризата на релација Белград – Приштина, ЕУ ја оцени како „најсериозна од 2013 година“.

Косовските власти најавија дека од 21 ноември ќе почнат со парични казни за сопствениците на автомобили со српски регистрации, но по неуспешната средба во Брисел, премиерот на Косово Албин Курти одлучи да ја одложи примената на оваа одлука за 48 часа.

Денеска во Брисел има средба меѓу српски и косовски претставници за да се направи уште еден обид за решавање на кризата.