Достапни линкови

Нема договор за кризата со регистарските таблички на Косово


Белгија - Средба на високо ниво на дијалогот Белград-Приштина меѓу Жозеп Борел, Мирослав Лајчак, Албин Курти и Александар Вучиќ во Брисел. 21 ноември 2022 година
Белгија - Средба на високо ниво на дијалогот Белград-Приштина меѓу Жозеп Борел, Мирослав Лајчак, Албин Курти и Александар Вучиќ во Брисел. 21 ноември 2022 година

На повеќечасовниот состанок во Брисел не беше постигнат договор за кризата со регистарските таблички на Косово. По средбата, ЕУ побара од Косово веднаш да се откаже од казнување, а Србија да го прекине издавањето на регистарските таблички.

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел изјави дека на денешните разговори во Брисел не е постигнат договор за регистарските таблички. Тој рече дека на договор не се согласил косовскиот премиер, а дека ЕУ сега јасно бара од Косово да се откаже од казните, додека Србија повеќе да не издава регистарски таблички.

„По повеќечасовни разговори, двете страни денеска не се договорија за решение. Мислам дека има сериозна одговорност за неуспехот и за каква било ескалација во наредните денови. Претседателот Вучиќ прифати, но премиерот Курти не“, рече Борел.

Тој побара од двете страни веднаш да ги исполнат барања на Брисел:

„Очекувам дека Косово веднаш ќе ја прекине следната фаза од одлуката за регистарските таблички, а Србија ќе го прекине издавањето на регистарските таблички“, рече Борел.

Косово бара посветеност за нормализирање на односите

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека барањето на ЕУ Косово да не започне со наплата на казните и Србија да не издава нови регистарски таблички е неприфатливо, ако тоа не е придружено со „договор за итно да се заложиме за конечен договор за нормализација на односите“.

Курти изјави дека предлогот на Европската унија за српските регистарски таблички е неприфатлив, но и дека посредниците на ЕУ „се откажале“ од нивниот предлог за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

На тоа портпаролот на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Петер Стано изјави дека не е точно секое тврдење дека Европската унија се откажува од предлогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.

Според него, овој предлог за нормализација на односите е поддржан од Германија, Франција и САД.

Србија се согласи да не издава регистарски таблички

Не постигнавме никаков договор од причини што не ми се јасни, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ за новинарите по итниот состанок во рамките на дијалогот Косово-Србија што го свика Европската унија (ЕУ) поради кризата предизвикана со регистарските таблички на Косово. Откако ја даде изјавата за новинарите, Вучиќ го напушти седиштето на ЕУ во Брисел, а косовскиот премиер Албин Курти ги продолжи консултациите со европската страна.

Тој изјави дека Србија ќе ги послуша советите на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност кој побарал „да не се применуваат казни и да не издаваме нови регистарски таблички“.

„Ќе почекаме и ќе видиме што ќе направи другата страна. На сите им е јасно кој сакаше договор, зачувување на мирот и стабилноста, а кој не. Инсистиравме дека потпишаните договори мора да се почитуваат“, рече Вучиќ.

Тој изјави дека ќе ја чека изјавата на Борел и додаде: „Од нејасни причини не успеавме да постигнеме апсолутно никаков договор“.

„Српската страна беше целосно конструктивна ги прифативме десет пати менуваните текстови, но албанската страна не беше подготвена. Се што можам да кажам сега е дека сакам да соберам впечатоци. Ќе му се обратам на нашиот народ. Имаме непроспиени ноќи и ни претстојат многу тешки денови“, изјави Вучиќ.

„Инсистиравме дека договорите што беа потпишани мора да се почитуваат. Тоа е секогаш камен на сопнување, што некои луѓе не сакаат да го спроведат потпишаното и договореното, но би сакале да спроведат нешто за кое не се ни разговарало. Сакам на народот на Косово и Метохија да му кажам дека ќе бидеме со нив и дека нивната земја секогаш ќе биде со нив без разлика на се“, изјави тој за новинарите во Брисел по средбите.

Итен состанок среде криза

Инаку, денеска тнии средби се одржуваа во Брисел во рамки на дијалогот Косово-Србија на барање на Европската унија (ЕУ) поради кризата предизвикана од регистарските таблички на Косово.

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел нешто по 8 часот најпрвин се сретна со премиерот на Косово, Албин Курти, а потоа нешто по 9 часот почна средбата и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Потоа се одржа заедничка средба.

Во соопштението, ЕУ оцени дека станува збор за „итен состанок“, среде кризата предизвикана од регистарските таблички издадени од српските власти, кои косовската страна ги смета за незаконски.

Косовските власти најавија дека од 21 ноември ќе почнат да наплатуваат казни од 150 евра за возачите кои не ги пререгистрирале возилата на табличките РКС (Република Косово). Но, косовската полиција во неделата најави дека од вторник, 22 ноември, ќе почне со изрекување на казните.

Европската унија смета дека ова е „најсериозната криза од 2013 година“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ден пред средбата изјави дека не е оптимист за разговорите во Брисел.

Во соопштението на прес-службата на ЕУ се оценува дека целата на состанокот е да се најде решение за тензиите меѓу Србија и Косово.

САД се надеваат на договор меѓу Србија и Косово

Американскиот Стејт департмент во неделата на 20 ноември објави дека Соединетите Американски Држави (САД) се надеваат дека Србија и Косово ќе постигнат договор „во наредните денови со поддршка на специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ)“.

Ситуацијата уште повеќе се искомплицира откако на 5 ноември припадниците на српската заедница на север ги напуштија косовските институции, противејќи се на одлуката на Владата на Косово за пререгистрација на возилата.

Овие таблички се нелегални за Косово, но досега се толерирани во четири општини со српско мнозинство на север: Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.

Во рамките на дијалогот, Косово и Србија постигнаа договор за слобода на движење во 2011 и 2016 година, кој вклучуваше пререгистрација на регистарските таблички од српски во косовски.

Иако ја оценија одлуката за спроведување на договорот за легитимна, претставниците на меѓународната заедница побараа од официјална Приштина да го одложи спроведувањето за десет месеци, што косовските власти го одбија.

Разочарување од оваа постапка изразија и претставниците на ЕУ и Соединетите Американски Држави.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG