Косовскиот премиер Албин Курти за 48 часа го одложи спроведувањето на втората фаза од одлуката за српските регистарски таблички на северот на Косово, којашто предвидуваше изрекување казни.
Барањето за одложување од 48 часа го упатија САД.
Амбасадорот на САД преку социјалните мрежи објави дека му предложил на косовскиот премиер да се одложи за 48 часа спроведувањето на изрекувањето на казните за возачите на возила со српски регистарски таблички на северот на Косово.
Косовскиот премиер Албин Курти преку Твитер објави дека го прифатил одложувањето, наведувајќи дека е „подготвен да работи на изнаоѓање решение во следните два дена со САД и ЕУ“.
Курти му се заблагодари на американскиот амбасадор во Косово Џефери Ховениер за неговата посветеност и рече дека ја прифатил понудата.
Видете и ова: Нема договор за кризата со регистарските таблички на КосовоАмбасадата на САД во Косово ја изрази својата загриженост поради неуспехот да се постигне договор на средбата меѓу косовскиот премиер Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ на 21 ноември во Брисел.
Министерството за надворешни работи на САД изрази разочарување поради неуспехот да се постигне договор меѓу косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ за ова прашање, по неколкучасовната средба што ја одржаа на 21 ноември во Брисел, со посредство на Европската унија.
Тие го повикаа премиерот Курти да соработува со високиот претставник на ЕУ Борел и специјалниот претставник на ЕУ Лајчак за да се постигне фер компромис.
Курти и Вучиќ „мора да направат отстапки за да не го загрозат тешко стекнатиот мир во и онака кревкиот регион“, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс.
„Ние се придружуваме на ЕУ во повикувањето на Косово веднаш да ги прекине сите планирани мерки кои би ги зголемиле тензиите, вклучително и наметнување казни за возила“, се вели во соопштението на Стејт департментот.
Во него се додава дека двете страни треба да се воздржат од преземање провокативни чекори, да ги исполнат своите обврски во рамките на Дијалогот што го води ЕУ и конструктивно да се ангажираат за постигнување одржливо решение.
Разочарување од недостигот на договор изразија и Европската унија, Велика Британија и НАТО.
Косовската полиција соопшти дека од 22 ноември ќе почне да изрекува казни за возачите кои не ги замениле регистарските таблички издадени од српските власти во РКС (Република Косово).