Граѓанскиот суд Скопје го одби барањето на докторот и сопственик на приватна болница Жан Митрев за отстранување на документарниот филм „Нечиста крв“, истражување на ИРЛ, како и барањето на новинарите на ИРЛ да им биде забрането да известуваат за него и за начинот на лекување на пациенти со ковид, се додека неговата тужба за клевета и навреда не добие судска разрешница.
Барањата на Митрев се одбиени како неосновани.
Според Судот, истражувањето за начинот на лекување на ковид пациентите е тема од јавен интерес и новинарите не смеат да бидат замолчени да известуваат.
Граѓанскиот суд му укажува на доктор Жан Митрев дека тој во тужбата се претставува како еден од најпознатите македонски кардиохирурзи и човек со импозантна биографија, кој врши дејност од јавен интерес и поради тоа мора да прифати заинтересираност на новинарите за неговата работа.
Видете и ова: „Жан Митрев“ без лиценциран доктор прави операции на срце на бебињаКлиниката Жан Митрев и докторот Жан Митрев минатата недела поднесоа тужба за клевета и навреда кон редакцијата на ИРЛ и новинарите автори на истражувањето „Нечиста крв” придружена со предлог за издавање на времена мерка која вклучува бришење на објавите и забрана за дополнително известување додека трае судскиот спор.
На таквото барање реагираа Здружението на новинари и Синдикатот на медиумски работници и апелираа Судот да не го прифати барањето на Митрев.
Од скопското Обвинителство на 5 октомври соопштија дека Жан Митрев дал гаранција од еден милион евра во кеш во Основниот Кривичен суд во Скопје дека нема да избега од државата.
Против Митрев е отворена истрага под сомнение за измама на пациенти.
Поради опасност од бегство во август му беше одземен пасошот.
Обвинители, здравствени инспектори и претставници од Агенцијата за лекови почнаа да ја истражуваат работата на приватната клиника „Жан Митрев“, по документарниот филм „Нечиста крв“ , во кој откриваат дека Клиниката на кардиохирургот вршела клинички студии на пациенти со методот на хемофилтрација без да ги пријави, а воедно се истражуваат и смртни случаи, поврзани со бактериски инфекции кај пациенти.