Со голема помпа пред неколку години беше најавено јавното приватно партнерство на Министерството за здравство со болницата „Жан Митрев“ за операции на деца до една година со најтешки срцеви мани. За таа цел тимот од Клиниката за детска хирургија кој го предводеше доктор Владимир Чадиковски премина во приватната болница. Но, соработката прва од ваков вид, не траеше долго. По само шест месеци Чадиковски во август 2019 даде отказ од Жан Митрев и премина во Систина.
Чадиковски е единствениот доктор во земјава кој има лиценца за детска кардиохирургија, а прашањето дали болницата „Жан Митрев“ смее да извршува вакви операции, остана отворено.
Чадиковски со својот тим во февруари 2019 година од јавното здравство премина во приватното во „Жан Митрев“. Министерството за здравство на 1 март истата година издало решение за продолжување на дозволата за работа на „Жан Митрев“ во кое се наведува дека болницата ги исполнува условите во однос на опремата, просторот и кадарот за сите дејности кои ги извршува, меѓу другото и за детска кардиохирургија за што има и склучено договор со Фондот за здравствено осигурување-ФЗО. Во делот на стручниот кадар, во документот до кој дојде РСЕ, каде се испишани сите имиња, само Чадиковски е наведен како специјалист по детска хирургија и субспецијалист по детска кардиохирургија.
„Различни концепти имавме како треба да функционира детска кардиохирургија. Апсолутно немаше никаков личен анимозитет. Значи нема никаква лична причина. Строго е заради идејата и замислата како треба да функционира одделот“, вели Чадиковски за причините за неговиот отказ.
Законот недоречен
Во Законот за здравствена заштита се дефинираат условите за основање, почнување со работа, вршење здравствена дејност и проширување на дејноста на здравствена установа. Во однос на потребниот кадар само се наведува дека здравствената установа треба да има определен број здравствени работници во зависност од видот на здравствена дејност, односно специјалност. Никаде во законот не се спомнува терминот субспецијалност.
Државната комисија за спречување на корупција-ДКСК по своја иницијатива по заминувањето на Чадиковски отвори предмет за случајот. Оттаму утврдија дека законот овозможува во мрежата на здравствени установи да функционираат и такви кои имаат само дозвола за работа, но не и лиценца, како и при отворање на клиничка болница во потребни услови не се предвидени лиценци за специјализираните доктори. Ефектот од тоа, според ДКСК, е функционирање на клиника без лиценца и без лиценцирани доктори.
„Значи доволно е да се исполнат условите за простор опрема и кадар за општа хирургија независно за која хирургија станува збор“, велат од ДКСК од каде дадоа препорака да се преиспита законското решение во однос на лиценците.
За се треба да се има лиценца не само за детска кардиохирургија, вели Чадиковски.
„По таа логика јас сум детски хирург и можам да оперирам мозок на деца. Значи јас оперирам деца, ама не можам да оперирам мозок, бидејќи има лиценца по неврохирургија за деца. Треба мислам секој да има лиценца за работата која ја врши. Но, дали треба или не, институциите се одговорни да ги прашате“, посочува Чадиковски.
Според него, во просек по сто деца годишно се раѓаат во земјава со срцеви мани.
Што вели фелата
Иако законот не е конкретен, поранешниот претседател на Лекарската комора, пензиониран кардиолог и професор на Медицинскиот факултет, Владимир Борозанов вели дека во оперативниот тим мора да има лиценциран доктор по детска кардиохирургија.
„Жан Митрев не смее да оперира ако нема лиценца за детски хирург“, дециден е Борозанов.
Од Здружението за кардиохирургија велат дека таква пракса нема низ светот.
„Во европскиот, англискиот и северноамериканскиот курикулум по завршена кардиохирургија се продолжува со субспецијализација во центри каде што има голем обрт на случаи од детска кардиохирургија, која трае три години, по што се добива лиценца. Значи никаде директно кардиохируг не врши операции“, велат од Здружението за кардиохирургија, торакална, васкуларна и ендоваскуларна хирургија, кое е формирано во 2018 година, а претседател е професор доктор Сашко Јовев еден од водечките кардиохирурзи во земјава.
На истото прашање од Лекарската комора ни одговорија со одредбите од законот и дека Министерството за здравство е надлежно да го оценува исполнувањето на условите на здравствените установи. Лекарската комора, како што велат оттаму, согласно истиот закон има овластување да го води регистарот на издадени лиценци.
„Лекарската комора се залага за унапредување на стручноста на лекарската професија, со што се постигнува континуитет во подигнувањето и на нивото на квалитет на здравствените услуги, и ги поттикнува сите институции согласно своите законски надлежности како и стручните здруженија кои согласно законот ги застапуваат стручните интереси да преземаат мерки и активности кон постигнување на оваа цел“, додаваат оттаму.
Министерството за здравство без став
И по една година од ДКСК не добиле одговор од Министерството за здравство дали може лиценциран хирург за возрасни да прави субспецијалистичка операција на деца помали од една година.
И РСЕ го упати истото прашање на истата адреса.
„Министерството за здравство има предмет од ДКСК во однос на прашањето ''дали адултен хирург може да оперира деца под 1 година" и соодветно од страна на надлежниот сектор ќе биде одговорено од стручен аспект согласно законските прописи, по што дополнително ќе бидете информирани“, велат од Министерството за здравство.
Но, министерството иако се уште се консултира, тоа не било пречка да му се даде дозвола на „Жан Митрев“ да врши операции и по заминувањето на Чадиковски.
Од болницата „Жан Митрев“ на 14 август 2019 година поднеле барање до Министерството за здравство за доставување на листа на здравствени услуги, меѓу другото и за детска кардиоваскуларна хирургија кај осигурени лица до 18 години.
Овластена комисија од министерството, по увидот на фактичната состојба во “Жан Митрев“, на 16 декември истата година, како што се наведува во документот до кој дојде РСЕ, утврдила дека просторот е идентичен, опремата е истата и дека е доставен список на кардиоваскуларни хирурзи и помошен персонал.
„Во форма на заклучок, во записникот е констатирано дека установата ги исполнува условите во однос на простор, опрема и стручен кадар потребни за вршење на услуги од листата на услуги која е составен дел на записникот“, се наведува во документот.
Во него всушност не е нотирано дека болницата го нема истиот стручен кадар, кој го имала при издавањето на решението за продолжување на работата на „Жан Митрев“, ниту дека повеќе нема лиценциран детски кардиохирург.
На прашањето на РСЕ како министерството дозволило да продолжат операциите врз деца во „Жан Митрев“, ако оттаму се уште немаат став дали доктор кој што нема лиценца за детска кардиохирургија може да оперира, не добивме одговор.
Тоа што во моментов Чадиковски е единствениот лиценциран детски кардиохирург во никој случај не значи дека само тој може да спроведува кардиохируршки интервенции кај деца, особено што истиот со ваква субспецијализација и лиценца се стекнал во 2018 година, а во клиниката во континуирано се извршуваат кардиохируршки интервенции на лица помлади од 18 години почнувајќи од 2002 година, па се до денес, велат од „Жан Митрев“.
„Значи, отсуството на д.р Владимир Чадиковски во нашата Клиника, во никој случај не може да претставува некаков хендикеп или попречување на континуирано извршување на кардиохируршки интервенции кај деца, бидејќи истата уште од 2002 располага со стручен и искусен тим кој континуирано и со огромен успех извршува ваков вид на интервенции веќе 17 години“, велат од „Жан Митрев“.
Лиценцата за работа на докторот Жан Митрев, за извршување на кардиоваскуларна хирургија (нема разграничување по возраст за деца и возрасни) издадена од Лекарската комора е со траење до 2025 година, наведуваат од болницата.
По заминувањето на Чадиковски, како што посочуваат, се извршила една од најтешките и најкомплексните операции на срце кај деца, која ја извршил докторот Жан Митрев, кој е и сопственик на болницата која го носи неговото име.
До сега, како што посочуваат, во „Жан Митрев“ биле извршени 192 операции на вродени срцеви дефекти кај деца до 18 години кои ги спроведувале докторите Иван Милев и Жан Митрев поединечно или заедно.
Од кога постои болницата некој ја аминува нејзината работа вели Борозанов за тоа дека со години во „Жан Митрев“ се прават операции на деца.
„Сите се прават будали и тоа не е ништо ново“, вели Борозанов.
Колку пари наплатил Жан Митрев од ФЗО
Буџетот кој го определи Фондот за здравствено осигурување за здравствените услуги во Клиниката „Жан Митрев“ за кардиолошки интервенции за новороденчиња и деца до 18 годишна возраст изнесуваше околу 1 милион евра на годишно ниво.
Цената за операции во приватна здравствена установи кај деца од 1 месец до 18 месеци изнесува околу 16.200 евра. Додека за за бебиња до 28 дена е за околу 2.000 евра повисока.
Во „Жан Митрев“ изминатите три години, според податоците од ФЗО, биле извршени 77 кардиваскуларни процедури на деца под една година.
Тоа значи дека приватната болница од осигурениците за овој период само за тие операции наплатила најмалку 1 милион и 240 илјади евра.
Жан Митрев се обидел да го измами ФЗО
Во ревизорските извештаи како една од позначајните слабости се наведува дека се контролирало од страна на ФЗО за тоа дали правилно е наплатена партиципацијата и дали се наплатени дополнителни средства од пациентите.
Од ДКСК пак на ФЗО му препорачаа редовно да врши контрола во делот на потврдување на веродостојноста на видот и обемот на извршените здравствени услуги од страна на приватните здравствени установи.
Од ФЗО велат дека имало обиди за измами, а токму болницата „Жан Митрев“ била казнета.
„Со самиот факт дека при редовна контрола во ПЗУ „Жан Митрев“ е утврден обид за нерегуларна наплата на средства од ФЗО и истите тие средства не им се исплатени, а згора на тоа им е изречена и казна која што Жан Митрев ја има платено, доволно зборува за квалитетот на контролите од страна на ФЗО“, велат од фондот.
„Жан Митрев“ била казнета со 25 илјади евра. Воедно од ФЗО во 2019 и 2020 година на приватната клиника и го намалиле договорениот буџет за околу 631 илјада евра.
Договор за јавно приватно партнерство, кој беше иницијативата за заминувањето на Чадиковски и неговиот тим од Клиниката за детска хирургија, меѓу Министерството за здравство и „Жан Митрев“ воопшто не се потпиша и такво нешто не постои.
На Клиниката за детска хирургија од тогаш не се вршат операции на срце кај деца иако биле инвестирани средства за обука и едукација, меѓу другото и на Чадиковски и неговиот тим.
„Јас со мојот тим сум во државата и операциите се покриени од фондот, а имаме и подобри услови за работа“, вели Чадиковски кој додава дека само преминале од една во друга институција.
Во меѓувреме во обвинителството во тек е истрагата против докторот Жан Митрев поради сомнеж за измама на пациенти“. Според обвинителството, Митрев е осомничен дека со намера неговата болница да прибави противправна имотна корист со лажно прикажување факти ги довел во заблуда пациентите лекувани од Ковид - 19 со методот на хемофилтрација.