Достапни линкови

Уште не е докажано дека се експериментирало со ковид пациенти


Прес конференција на министерот за здравство Беким Сали во врска со случајот „Жан Митрев“, Скопје, 20.07.2022
Прес конференција на министерот за здравство Беким Сали во врска со случајот „Жан Митрев“, Скопје, 20.07.2022

Здравствените власти бараат уште време за вонредни инспекции во Клиниката „Жан Митрев“ за сомневањата дека се вршени експерименти со Ковид пациенти и непријавени бактериски инфекции. Министерот за здравство Сали тврди дека овој случај нема да биде заборавен и никој не е над законот.

Четириресет и три годишниот велешанец Валентин Алчев, чија мајка починала во јануари во приватната клиника „Жан Митрев“ се сомнева во третманот и лекувањето на медицинската установа. Вели дека за време на целокупниот престој во болницата на неговата мајка имало многу контрадикторности во она што му го кажувале докторите. Неговата 72 годишна мајка била лекувана како ковид пациент.

„Еден доктор на телефон ми кажува една работа, кога ќе отидам таму ми кажуваат друго, реков дајте ми да и ја видам крвната слика, не ми дадода, прво ми рекоа покачени се леукоцитите, потоа ми рекоа има ешерихија коли, од катетерот најверојатно. Значи еден доктор едно ти кажува друг доктор друго ти кажува, едно со друго неповрзани работи. После одам друг ден ми велат има бактерија во крвта, прашав како може да ја фати, ми рекоа па знаете таа е интубирана преку црево два дена лежи така може и од тоа да е фатена, јас ги прашав како може во болнички услови, каде хигиената треба да е на највисоко ниво, не знае конкретно да кажат од каде таа бактерија во крвта“, вели Алчев.

Она што е спорно за него е што откако неговата мајка починала, во отпусното писмо од клиниката никаде не пишувало за бактериите.

„Отпусниот лист после три недели го добив, никаде не е наведено дека добила бактерии туку само дека е лекувана од ковид“, додава Алчев.

Тој за РСЕ раскажа и како морал да набавува скап лек, кој не и помогнал, а откако се согласил да биде интубирана, таа не се разбудила од анестезијата.

Валентин Алчев за лекувањето на неговата мајка во „Жан Митрев“
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:10 0:00
Директен линк

Алчев е уште еден од стотици граѓани кои што пријавија сомнежи за медицинскиот третман на блиски членови од семејството кои биле болни од ковид кои добивале бактерии што не биле пријавувани во Центарот за јавно здравје.

Институциите бараат повеќе време за истражување на случајот

Вонредните инспекции кои ги започнаа институциите по документарецот на ИРЛ, во кој се тврди дека Клиниката „Жан Митрев“ вршела клинички студии на пациенти со методот на хемофилтрација без да ги пријави, но се истражуваат и смртни случаи, поврзани со бактериски инфекции кај пациенти, засега не утврдиле никаква лична, медицинска или институционална одговорност.

Министерот за здравство Беким Сали побара повеќе време за да се истражи случајот и да се излезе со конкретни информации.

„Јас чувствувам длабока одговорност и решен сум случајот да добие разрешница. Мора да има систем што функционира и ќе ги заштитува пациентите. Никој не е над законот , ова нема да биде заборавен случај и ќе го тераме до крај“, рече Сали.

Но тој не даде конкретни одговори ниту дали во Болницата се правеле експерименти односно дали методата хемофилтрација која се користи кај тешко болни било дозволено да се примени и кај болни од Ковид. Според министерот, во време на ковид, ниеден здравствен систем не користел лекови врз основа на докази. Лекувањата се базирале само врз основа на препораки.

“Многу сте сигурни дека се правени експерименти. Јас би повикал да бидеме внимателни во тоа што го кажуваме… Eксперимент е тежок збор“, предупреди министерот.

Резултати се уште нема ниту од инспекцискиот надзор на Агенцијата за лекови која треба да утврди дали е почитувана постапката за клинички испитувања за хемофилтрација.

„Логично е малку да се даде време за да се утврди се според протоколите, прописите и законите. Сакаме да сме сигурни дека тоа било така како што е објавено. Никој не вели дека имало или немало клиничко испитување. Велиме како што кажува законот – ако некој развива некакво клиничко испитување, тоа се санкционира, а за да се санкционира треба да се потврди. Во меѓувреме има состанок меѓу претставниците на МАЛМЕД и тимот од „Жан Митрев“, се соочуваат аргументите, истакна директорот Лирим Шабани.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат во последните три години направил 45 редовни и 52 вонредни инспекциски надзори во 12 приватни здравствени установи. Детали соопшти директорката Иринка Сотировска Бухова, информирајќи дека конкретно во „Жан Митрев“ се спроведени три редовни и девет вонредни инспекциски надзори.

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја објави истражувачката сторија за лекување на пациенти од ковид-19 со хемофилтрација, при што некои починале од интрахоспитални инфекции.

Истражувачката документарна емисија „Нечиста крв“ е базирана на сведочењето на семејство чиј член починал во приватната клиника откако добил повеќе интрахоспитални бактериски инфекции, бидејќи бил подложен на хемофилтрација.

Истражувањето на ИРЛ се потпира на 24 пријави на граѓани од Македонија и од Косово, кои плаќале илјадници евра без да бидат известат дека се дел од медицинска студија.

За случајот предмет овори и Јавното обвнителство, кое е во предистражна постапка и за што засега не се откриваат повеќе детали.

Од Клиниката „Жан Митрев“ за РСЕ велат дека соработуваат со институциите и се што ќе биде побарано од нив ќе го дадат на располагање.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG