Не е лесно да си геј во средно училиште во Македонија, вели анонимен средношколец од скопска гимназија кој разговараше со РСЕ. Според него, поголемиот дел од средношколците не ја поддржуваат ЛГБТИ заедницата и сметаат дека е грешно двајца од ист пол да имаат љубовни чувства еден кон друг.
„Многу често се случуваат конфликти меѓу геј луѓето и машките кои не ги поддржуваат и најчесто тие го почнуваат конфликтот, а мотивот е секогаш ист - не мора да има ништо лично за да се почне конфликт, доволна им е причината дека личноста е геј. Ќе се дознае дека некој е геј, ќе се соберат повеќе деца, ќе го начекаат и ќе го истепаат“, вели ученикот во втора година.
Лезбијките поминуваат со напад со погрдни зборови, бидејќи хомофобичните средношколци велат дека „од дома ги учеле да не креваат рака на девојче“.
„Машките од моја генерација сметаат дека не е во ред да се крева рака на девојче и никогаш под никој услов не би истепале девојче, сепак кога им прават булинг ги навредуваат со вербални коментари“, додава средношколецот.
Раскажува дека тепањето на машките не поминува со една шлаканица, туку има и легнување на земја и удари од повеќе страни, а санкции нема и најчесто се случува надвор од училиштето.
„Не се случувало тоа да стигне до повисоки нивоа, бидејќи најчесто личноста која е геј не сака да се дознае наоколу и најчесто страв им е да се жалат и нема никакви санкции, само ќе си добие ќотек и толку. Досега се нема случено да ги фатат тепачите и да се случи нешто“, истакна нашиот соговорник.
Психологот од средното училиште Никола Карев, Гордана Блажевска Спиридонова, потврдува дека девојчињата генерално се потолерантни ако соученикот е перцепиран како некој со поинаква сексуална ориентација.
„Досегашното мое искуство, без да генерализирам во апсолутни категории, покажува дека тоа е поприсутно кај момчињата, позабележливо е. Девојчињата се потолерантни во однос на сексуалните избори на своите врсници“, изјави Блажевска Сппиридонова за РСЕ.
Младите се затвораат во себе поради преголем притисок, вели психологот.
„Ќе се воздржам во однос на преголеми генерализации, но некако како овие избори да им се повеќе дозволени на девојчињата. Така што, ако зборуваме за хомофобичност, поголем е притисокот кога момчињата ги прават овие избори. Поради тоа некогаш количината на притисок знае да биде навистина голема, па многу е мала веројатноста дека детето ќе признае, ќе зборува со некого на оваа тема, ќе се пожали или на некоја основа ќе се бори за некои свои права“, истакна Блажевска Спиридонова.
Причината за различниот став во однос на момчињата и девојчињата, Давид Тасевски, психолог и извршен директор во здружението за сексуални и родови малцинства „Субверзивен фронт“, ја бара во перцепцијата на општеството.
„Тоа е поради перцепцијата кај нас и стравот и тоа што се формира дека по никоја цена и никако машко дете не треба да биде пофеминизирано, додека се толерира ако некое девојче изгледа помаскулино. Можеби се и повидливо, односно понегативно перцепирани оние машки деца кои се пофеминизирани. И тука нагласувам за перцепција секогаш, бидејќи има ситуации во кои некои луѓе се напаѓани затоа што се перцепирани дека припаѓаат на ЛГБТИ заедницата, а тоа не е така во пракса. Имаме насилство кон ЛГБТИ деца, но и напади по перцепција“, изјави Тасевски за РСЕ.
Како да се помогне?
Според Тасевски, истражувањата и бројките покажуваат зголемено насилство кон ЛГБТИ децата кои им носат проблеми со менталното здравје, па и самоубиствени мисли, а праксата како да покажува дека не ни се сите деца подеднакво важни. Оттаму, тој гледа лицемерие од страна на некои стручни тимови и тела кои се претставници на одредени професии.
„Ние години наназад, особено во училишта, во државни институции, вработуваме луѓе по партиска линија или роднинска линија. Различно е кога би се вработил психолог или социјален работник по познавање, по искуство. Во пракса имаме луѓе во стручни служби кои немаат некаква основа на темиве, затоа што се вработени по одреден склоп на околности. Добиваме луѓе кои не се сензибилизирани за одредени теми и не можат да пружат соодветна поддршка“, истакна психологот Тасевски.
Тој заклучува дека не успеваме да протуркаме програми за заштита, не само на ЛГБТИ деца, кои ќе отворат теми како насилство, безбеден секс, интима или сите теми кои ги тангираат сите деца и кои сакале или не, им се вртат во главите.
Додава и дека во општество такво какво што сме, дури ни во 21. век, не можеме да очекуваме дека децата ќе размислуваат поинаку, гледајќи ја средината која не им дава можност да научат нешто повеќе и да бидат поотворени во нивните умови.
Образовните институции да отворат очи
Психологот од училиштето „Никола Карев“ се согласува дека младите мора да се чувствуваат безбедни и слушнати од некој кој навистина може да ги разбере, за да му се обратат за помош.
„Училиштата сè уште не се подготвени да ги отворат овие осетливи и тешки теми меѓу младите. Не се именувани со сите правилни термини за да се воведат во комуникацијата меѓу возрасните и децата, за да се зголеми можноста и капацитетите на младата личност за препознавање, па дури и капацитетите со интегритет да се застане зад своето 'не' или за застапување и одбрана на своите права“, вели Блажевска Спиридонова.
Таа порачува дека образовните институции треба да отворат очи за отворено да видат дека младите комуницираат на многу различни начини, за да се понудат решенија и да се разговара.
„Разговорите треба да се водат внимателно за да им се помогне да ги препознаат меѓусебните права и да ги почитуваат изборите кои ги прават и правото на незагрозување, па и кодексот на однесување кој подразбира дека имаме право на избор во различни области и никој нема право да ни го загрозува истото особено во образовна институција која е уредена со ред правила на однесување кои се очекува да се почитуваат, а и детето да најде начин ако се нарушат, како да одговори на истите“, додава училишниот психолог.
Според неа во училиштата треба превентивно да се воведуваат активности со кои отворено ќе се разговара со младите на овие теми. Таа води работилници за насилство со учениците во прва година, а од оваа година, средношколците од втора, со неа дискутираат и за препознавање на сексуално вознемирување, како надградба на темата за насилствo. Со средношколците зборува и за насилството во младинските врски и она кое може да се случи на основа на сексуалана ориентација.
За време на нејзината работа во средното училиште, вели дека немало пријавено екстремен случај на физичко насилство поради сексуална ориентација. Но се случувало на многу интензивен и јасен начин средношколците да изразат незадоволство, да не прифаќаат, да дискриминираат и да одбијат да ги препознаат правата на соученикот да живее според сопствените избори. Па имало вербално соочување и некој вид на вербално насилство со навредување.
Лекот секогаш се бара во тие внимателно водени разговори кои ќе му помогнат на нападнатиот без да се наруши неговата приватност, а се разговара и со децата кои се посочени дека се однесувале несоодветно, но без да се етикетира.
Видете и ова: Македонија тапка во место во прифаќањето на ЛГБТИ луѓето
Истражувањето на здружението „ХЕРА“, спроведено за време на карантинот во 2020-та година на тема Меѓуврсничко насилство и улогата на стручните служби во справувањето со овој проблем, покажало дека ЛГБТИ младите се четири пати повеќе малтретирани отколку нивните хетеросексуални врсници. Поголемо насилство е забележано врз момчињата, а според анализите, овој тренд, општо, има тенденција на пораст и нормализирање. Младите ЛГБТИ лица имаат помала врсничка поддршка и помалку другаруваат надвор од училиштето, за разлика од нивните хетеросексуални соученици.
Се истакнува и дека ЛГБТИ младите почесто страдаат од анксиозност и депресивни расположенија, посклони се кон изолација и исклучување, но и почесто размислуваат за самоубиство.
Речиси 37% од 1047 средношколци кои биле анкетирани изјавиле дека во нивните училишта се случило најмалку еднаш некој од нивните соученици да бил жртва на насилство поради сексуална определба или родов идентитет.