Пендаровски за помирување, Ковачевски за евроинтеграции, Мицкоски за антифашизам

Обраќање на премиерот Димитар Ковачевски по повод Денот на народното востание - 11 Октомври во Куманово

Претседателот Стево Пендаровски, во празничната честитка, побара надминување на поделбите и национално помирување. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека кочењето на евроинтеграциите е предавство, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави градежна офанзива во Прилеп.

Антифашистичката борба нека ни биде инспирација за надминување на поделбите и национално помирување преку меѓусебна почит, порача претседателот Стево Пендаровски во честитката до граѓаните по повод 11 Октомври – Денот на народното востание.

Видете и ова: Русија печали од „уценетите“ македонски евроинтеграции

„Покрај сите здравствени, економски, безбедносни и енергетски проблеми, ние се сочуваме и со длабока поделеност во македонското општество. Како што излегувајќи во партизани, зад слободарскиот бајрак, застанаа левичари и десничари, Македонци и припадници на останатите националности, селани, работници, еснафи и поимотни, така и сега треба да се сплотиме и заеднички да се соочиме со проблемите. 11 Октомври и антифашистичката борба нека ни бидат инспирација за надминување на поделбите и национално помирување преку меѓусебна почит. Да ги оставиме личните интереси и суетите на страна и да работиме за општото добро, благословени со можноста да живееме во слобода и мир, во сопствена држава“, се наведува во честитката на Пендаровски.

Премиерот Димитар Ковачевски, пак, од неговото родно Куманово порача дека не смее да се испушти шансата за членство во ЕУ. Во духот на годинашната порака за празникот – „Секогаш на вистинската страна“, Ковачевски рече дека во 1941 година вистинската страна била борбата против фашизмот, а денеска тоа е полноправното членство во Европската унија за целосна и трајна заштита на националните и државни интереси.

Тој повтори дека ЕУ јасно го потврдува признавањето на македонскиот народ и македонскиот јазик.

„Низ нашата историја, до денес, донесени се тешки одлуки кои барале различни жртви. За време на Втората светска војна тоа биле човечките жртви. Денес, кога го имаме дијалогот како средство за доаѓање до помирувачки решенија – никој нема право да ги погази делата на борците, нивната жртва и нивната верба дека еден светол ден, многу скоро, нашите нови генерации ќе живеат во својата родна Македонија која што ќе биде напредна земја членка на ЕУ“, порача Ковачевски на одбележувањето на Денот на народното востание во Куманово.

Тој ја обвини опозицијата за предавничко однесување.

„Блокадите на закони и мерки дома, на напредокот на меѓународен план, изолацијата на државата – се погрешна страна! И со ништо не може да се оправда ваквото однесување, бидејќи е современ чин на предавство на својот народ и својата држава“, рече Ковачевски.

Видете и ова: Што со преговорите и можните блокади по усвојувањето на преговарачката рамка?

Услов за продолжување на евроинтеграциите е внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, но опозицијата се противи на тоа. Без гласови од барем неколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, власта го нема потребното двотретинско мнозинство за промени на Уставот.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Прилеп рече дека Македонија била и ќе остане антифашистичка држава.

„Вистината е дека за време на Втората светска војна бугарските фашисти извршија злостор на територијата на денешна Македонија, а македонскиот народ се обедини и го порази тој злостор и македонскиот народ веднаш после Втората светска војна беше на вистинската страна на историјата. Така е и денеска, така ќе биде и во иднина. Ќе се бориме против фашистите, а Македонија била и ќе остане антифашистичка држава“, рече Мицкоски.

Тој беше заедно со прилепскиот градоначалник Борче Јовчески и најави градежна офанзива во Прилеп.

На 11 Октомври се одбележува Денот на народното востание, кога во 1941 година граѓаните се дигнале на востание против бугарскиот и италијански окупатор, кои како сојузници на Нацистичка Германија окупирале делови од Македонија. Првите пушки пукнале во Прилеп и Куманово.