Руски нуркачи на 9 октомври го испитуваат Кримскиот мост по вчерашната експлозија и пожар што го оштетија мостот.
Според руските власти станува збор за бомбашки напад со камион, при што се запалиле вагони што превезувале нафта.
Оштетен е железничкиот дел од 19 километри долгиот мост Керч што ги поврзува Русија со анектираниот Поуостров Крим, а пропаднат е и дел од коловозот
Украина не ја презеде одговорноста за експлозијата.
Мостот, изграден од Русија по заземањето на украинскиот полуостров Крим во 2014 година, се смета за клучен пат за снабдување на територијата и за поддршка на руските сили кои се борат во јужна Украина. Мостот го користеше и Кремљ како симбол на неговата контрола над Крим.
Руските новински агенции објавија дека нуркачите ќе започнат со работа наутро на 9 октомври, а потоа во текот на денот ќе се врши проверка и над вода.
Една сообраќајна лента за патен сообраќај повторно е отворена, а поправките овозможија обновување на железничкиот транспорт, но и покрај тоа, гувернерот на Крим поставен од Русија Сергеј Аксјонов, рече дека „ситуацијата е поднослива, непријатна, но не и фатална“.
„Се разбира, емоциите се подигнати и постои здрава желба да се бара одмазда“, додаде тој.
Видете и ова: Експлозија на Кримскиот мост, Русија ќе истражува, за Укрaина „ова е почеток“
Киев, кој во последните неколку недели постигна значителни воени придобивки во украинските територии окупирани од Русија, побара руските сили да го напуштат полуостровот Крим.
Русија минатиот месец ги анектираше делумно окупираните украински региони Доњецк, Луганск, Запорожје и Керсон на југот и истокот на Украина и оттогаш ги повлече своите сили во повеќе региони пред украинската контраофанзива.
Зголемени мерки на безбедност на Кримскиот мост
На 8 октомври, рускиот претседател Владимир Путин ѝ нареди на Федералната служба за безбедност да преземе мерки за безбедност на мостот Керч и друга инфраструктура на полуостровот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Останува нејасно кој стои зад експлозијата на мостот или дали во неа учествувал камион. Руските власти тврдат дека камионот за кој велат дека ја носел бомбата патувал од рускиот регион Краснодар до Крим.
Со оглед на тоа што игра стратешка улога во војната, украинските власти рекоа дека мостот е легитимна мета, зашто ветуваат дека повторно ќе ја преземат контролата врз Кримскиот Полуостров.
Претседателот Володимир Зеленски го призна инцидентот и во своето синоќешно обраќање рече:
„Денеска не беше лош ден и претежно сончево на територијата на нашата држава“.
„За жал, на Крим беше облачно. Иако беше и топло“, додаде тој.
Украинскиот претставник Давид Арахамија, парламентарен шеф на партијата на Зеленски, рече дека „руската дивоградба почнува да се распаѓа и запалува“.
„Причината е едноставна: ако направите нешто експлозивно, порано или подоцна ќе експлодира“.
Украинскиот пратеник Алексиј Гончаренко за Би-би-си рече дека, без оглед на тоа кој е одговорен за нападот, ова била „голема украински победа и многу тежок губиток за Русија“.
„Мостот не е уништен, туку оштетен, но имиџот на Путин е уништен, тоа е најважно“, рече тој.
Стратешкото значење на мостот на Крим
Тешко е да се прецени политичкото, симболичното и стратешкото значење на мостот на Крим.
Руските власти претходно тврдеа дека тој е добро заштитен од закани од воздух, земја или вода, особено затоа што е на повеќе од 100 милји од украинска територија.
Иако Украина сега не ги поврза своите вооружени сили со експлозијата, таа во минатиот период го напаѓаше Крим.
Минатиот месец Украина ја презеде одговорноста за серија воздушни напади на Крим, вклучително и напад врз руската воена база Саки.
Видете и ова: Најмалку 13 загинати во руски напад во Запорожје
Неколку часа по експлозијата на мостот, Русија го именуваше Сергеј Суровикин за нов командант кој ќе ги води руските трупи во Украина.
А во меѓувреме продолжуваат нападите во Украина.
Најмалку 13 луѓе се убиени во текот на ноќта во украинскиот град Запорожје во напад од страна на руските сили, соопшти висок функционер од овој град. Претходно властите соопштија дека бројот на жртви е 17. Во нападот се повредени 87 лица, меѓу кои 10 деца.
Секретарот на градскиот совет на Запорожје, Анатолиј Куртев, на 9 октомври изјави дека пет домови биле уништени, а околу 40 биле оштетени во нападот врз градот.
Градот Запорожје е под контрола на Украина, а регионот Запорожје е еден од четирите украински региони што Русија ги анектираше минатата недела со кршење на меѓународното право.
Проруските сили во текот на ноќта меѓу 7 и 8 октомври објавија дека повторно зазеле неколку села во близина на Бахмут, во источниот регион Доњецк, што е првата територијална придобивка од почетокот на контраофанзивата на Украина пред повеќе од еден месец.
На 8 октомври, властите инсталирани од Русија во регионот Херсон рекоа дека се соочуваат со „тежок период“ и одобриле делумна евакуација наспроти украинската контраофанзива.