Господине Ѓерасов по Социјално-економскиот совет во Владата беше соопштено дека се работи на анти-кризни мерки за стопанството. Што вие како синдикат конкретно побаравте од Владата?
Како синдикат, конкретно Синдикат на индустрија, енергетика и рударство (СИЕР) испорачавме барања да може Владата во овој тежок период да ги субвенционира они наши компании кои се најмногу погодени од енергетската криза. Беше кажано дека ќе се одржи уште еден состанок наредната среда, па во исчекување сме да видиме какви мерки може да преземе Владата заедно со нас, да може да се потпомогнат овие компании да го преживеат овој енергетски колапс.
Дали добивте некако уверување дека компаниите кои се на слободниот пазар на струја ќе добијат цени на струјата пониски од берзанската со цел да опстојат и да не отпуштаат работници?
Овие компании што не се на регулираниот пазар до 31 декември ќе останат на слободниот пазар, а од 1 јануари 2023 година ќе се размислува што понатаму. Можам да кажам дека овие компании се големи потрошувачи на енергија, што значи дека и субвенционирањето и барањето на струја на слободен пазар во овие тешки моменти ќе оди тешко.
Видете и ова: Скапата струја му става катанец на големиот бизнис?Колку компании во моментов се загрозени и колку работници?
Во моментов на принуден одмор се две компании од нашиот сектор, онаму каде што сме ние синдикално застапени, тоа е Еуроникел индустри со околу 850 вработени и рудникот за бакар и злато Боров дол -Бучим Радовиш, таму се некаде околу 720-730 вработени, што значи дека некаде околу 1500 вработени конкретно се на 70 отсто, што не значи дека им се загрозени работните места, тоа законот го дозволува и компаниите во овој тежок период ги пратија работниците на принуден одмор. Еуроникел се до 15 декември на принуден одмор, додека Боров дол се до 1 декември.
За колкави сметки станува збор, еве на овие компании, во однос на минатото? Дали имате некаква информација?
Да. Најинтересен податок и најголема цифра за струја секако има Еуроникел компани. За ваша информација и за информација на гледачите дека со оваа цена на струја доколку Еуроникел работи во полн капацитет, само за еден час би трошел околу 40 илјади евра. Од страна на менаџментот и на сите претпоставени во компанијата беше кажано на состанокот што го имавме дека тоа е економски неисплатливо. Тие до пред пет дена ја одржуваа печката на топло греење, но сега печката е изгасната, така што кога ќе се створат услови се надеваме дека ќе се рестартира таа печка и ќе продолжат да работат со полн капацитет.
Колку други компании се во опасност да стават клуч на врата?
Енергетскиот сектор и металната и рударската индустрија се голем сектор во нашата држава, тука спаѓаат, може ќе изоставам некој, тука се поранешна Железарница, сега Топла валалница – Макстил, тие се голем потрошувач на електрична енергија, потоа Ладна валалница – Либерти стил, рудникот Саса, но во разговор со менаџментот тие кажаа дека имаат обезбедено струја и за наредната година по некоја прифатлива цена, тука се исто така и помалите индустриски капацитети Вабтек Металски завод Тито, Раде Кончар, сите тие компании, гиганти, неопходна им е енергијата за да може да работат. Ако прашувате за точен број на работници колку се загрозени, доколку би се десило она што не би посакувале да се деси, мислам дека е бројка на 7000 до 9000 работници директно инволвирани на тие работни места.
Колку овие фирми учествуваат во Бруто домашниот производ (БДП)?
Видете и ова: Македонија во минус, Албанија целосно зелена, БиХ произведува струја и за извозСпоред нашите податоци учествуваат со 10 до 15 проценти во БДП.
Дали сите работници што се пратени на принуден одмор да зимаат платата од 70 отсто што им следува?
Да. Ние во тој аспект сме сигурни, ја зимаат таа плата и бидејќи имаме во тие компании потпишано колективни договори имаме наши загарантирани права и од страна на работодавачот се почитуваат во целост, така што немаме проблем околу тој аспект.
Но од наше искуство на терен, во оние компании во кои нема синдикат работниците секако не добиваат 70 отсто од нивната просечна плата, работодавецот ги користи максимално неговите позиции што ги има и едноставно работниците добиваат отказ без отказен рок. Мислиме дека тоа не е добро за работникот во нашата држава. Упатувам апел до сите вработени да се организираат синдикално за да можат да бидат заштитени баш во овие кризни и тешки периоди.
Има ли такви случаи на работници кои добиле отказ за време на енергетската криза, а кои не се синдикално организирани?
На нашата електронска апликација на Сојузот на синдикати (ССМ), секојдневно пристигнуваат анонимни пријави од вработени во компании каде што им се прекршуваат тие права и едноставно им се откажуваат договорите без отказен рок и без некоја доволна причина и слободно можам да кажам дека им се прекршуваат работничките права во тој дел.