Патиштата се катастрофа. Патарините се скапи, ама барем патиштата да се добри. Од дупките страдаат возилата, а и работното време ни се одолговлекува, велат граѓани кои ги затекнавме додека екипата на Радио Слободна Европа направи обиколка по автопатите низ земјава.
Властите да се зафатат со поправка на патиштата пред неколку месеци порача и нобеловецот по економија Пол Кругман, патувајќи од Скопје до Охрид.
Земјава е некаде на средината од балканските земји по километри изграден автопат. Што се однесува до патарините, поевтини од нас има во Србија и Албанија, а во Косово не се наплаќа.
„Непријателски“ дупки на автопатот Пријателство
Автопатот Пријателство, кој го спојува главниот град со грчката граница не е баш пријателски настроен кон возачите. Дупки на патот, нерамнини, и патарини на секој чекор.
На околу 150 километри пат од Скопје до Гевгелија има пет патарини за кои во еден правец ќе треба да платите 360 денари.
Но, само што ќе излезете од Скопје, по патарината кај Петровец, патот се прави, и така веќе две години, иако работите требаше да бидат завршени пред една година, но беше раскинат договорот со градежната фирма. Најновите рокови на надлежните се дека работата треба да биде готова следната година.
Па така излегува дека за реконструкција на пат од околу 10 километри (по пет во двата правци) и изградба на плус една лента во едниот правец, ќе бидат потребни три години.
Проектот за рехабилитација е на Јавното претпријатие за државни патишта. Оттаму не ни одговорија на прашањата дали е избрана нова фирма која треба да го доврши патот. Во меѓувреме на терен стојат само знаците кои предупредуваат на работа на пат, а работници и механизација нема.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
На автопатот од Скопје до Гевгелија, најлоша е делницата кај Неготино, таму се вози 80 километри на час и има знак за нерамен коловоз. Патот треба наскоро да се санира.
„Од Демир Капија до Неготино треба да се направи тој дел, да нема дупки, да е подобар, и тука пред Скопје што се прави, тоа ќе се направи. Патарините скапи се, за овие пари, значи треба да има добри автопатишта“, вели Ангел Петков од Негорци.
Јове Георгиевски е професионален возач на камион веќе 30 години. Дел од кариерата ја поминал и на патиштата во странство. Нашите патишта се многу полоши, а како резултат на тоа се оштетува возилото, вели тој.
„Страдаат доста зглобови, спони. На пример имаме големи дупки, на овој автопат овде, на неколку километри од тука подолу, може сте забележале ако сте доаѓале, има доста дупки, да не зборувам и за понатака, спојките на мостовите се исто, може некогаш и гума да пукне. Со патиштата не можеш да достигнеш резултат. На пример ако треба до Гевгелија да стасам за 2 ипол саати, мора поспоро да возите и го продолжувам работното време на три, три ипол саати“, вели Георгиевски.
После велешката патарина, Благица Тодороска продава ѓевречиња. На лошиот пат се жалат и муштериите што застануваат, вели таа.
„Патот е катастрофа, а се наплаќа патарина, не знам што да кажам, стварно е катастрофа, за ништо не чини“, вели таа.
Видете и ова: Хрватска ИГХ со руски газди веќе наплатила милион евра од тендериСлична е состојбата и со останатите автопати во земјава, барем тие што се изградени. Автопатот Скопје - Штип, иако најнов, е во многу лоша состојба, често има свлечишта, па една лента од патот е затворена, а од неодамна во функција беа пуштени две патарини, па со скопската, сега патот од Скопје до Штип ќе ве чини 160 денари во еден правец за пат од 47 километри.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски не смета дека изградбата на автопатиштата е „приказна без крај“. Тој во интервју за Клик плус на ТВ 21 на 2 октомври рече дека има лоши, но има и добри примери, при изградбата на патишта.
„Многу ми е жал што трошиме време за веќе почнати проекти, да влеземе и да ги репроектираме и тогаш ш многу потешко се санираат грешките, заради тоа многу е важно проектирањето, дека кога ќе излезат машините на терен, тоа што го напишале проектанти, инженери, ќе функционира и на терен“, вели министерот.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, ѝ забележува на власта дека не инвестира во инфраструктура.
„Автопатот Кичево – Охрид не е мрднат од мртва точка, состојбата е иста како што беше во време на ВМРО-ДПМНЕ. Буквално нема поместување. Со години го ветуваат автопатот Скопје – Блаце, а заглавија уште на првите неколку метри“, се наведува во соопштение на партијата од 27 септември.
Сегашната владејачка структура, пред да дојде на власт во 2016 најавуваше дека ќе изградат 600 километри патишта. Но, изградбата на нови автопати тапка во места, а споро оди и реконструкцијата на постојните. Најчеста причина е што пропаѓаат тендери и се губи време додека да се најде изведувач што ќе гради или ќе крпи дупки.
Видете и ова: Граѓаните мора да трпат зашто нема јавни тоалети на патиштатаМакедонија на средина од балканските земји по километри автопат
Македонија има околу 300 километри автопатишта. Од главниот град имаме автопат до грчка граница, потоа до граничниот премин Табановце со Србија, до Тетово, и од Тетово до Гостивар што според стандардите не е автопат, но ние си го нарекуваме така и има две патарини на него.
Најновиот автопат е од Скопје до Штип, кој беше почнат од претходната, а довршен од оваа влада.
Владата на СДСМ ја пушти во употреба и делницата Демир Капија – Смоквица, исто така почната од претходната влада. Отворањето на автопатот беше со зурли, тапани и чочеци.
Автопатот Кичево-Охрид, според последните најави на властите, треба да биде готов во 2024, десет години откако беше почнат да се гради. Поради низа нерегуларности изградбата на автопатот излезе поскапа од планираното, па неколкупати беа прегазени роковите што самите власти си ги задаваа.
Во место тапка и изградбата на неколку километри од Скопје до границата со Косово, иако според најавите досега требаше да бидат изградени првите два километри. Проблемот тука е што државата не може да се договори со мештаните и да им откупи земјиште за патот да минува низ нивните ниви.
Од Балканските земји повеќе километри автопатишта од нас имаат Словенија, Хрватска и Србија, а помалку БиХ, Косово и Црна Гора. Но во Косово интензивно се градат автопати во последните години, а во Црна Гора пред неколку месеци беше пуштена во употреба првата делница од 41 километар од автопатот.
Словенија, која по територија е слична на Македонија, има двојно повеќе автопати од нас. Србија има трипати повеќе автопати, но исто толку е и поголема од земјава. Хрватска која е двојно поголема од Македонија има четири пати повеќе автопати. Босна која е двојно поголема од нас, има помалку автопатишта, Косово е двојно помало од Македонија, и има двојно помалку автопати, најголем дел од нив изградени во последните години.
Видете и ова: Евтините кинески кредити доаѓаат по скапа ценаВласта за следната година очекува прогрес на терен, за што ќе издвоеле пари како никогаш досега. В година треба да почнат работите за Тетово-Гостивар, да заличи на вистински автопат, да се почне Гостивар - Кичево и автопатот од Струга до албанска граница. Се најавува и тендер за втората делница од автопатот од Скопје до границата со Косово. До крајот на 2024 треба за заврши и изградбата на автопатот Кичево Охрид, кој почна да се гради во 2014.
Во извештај на Државниот завод за ревизија објавен во август за автопатот Кичево – Охрид се наведува дека застојот и бавното градење се должи на тоа што цената на изградбата е повисока од првично планираната и што има споредни трошоци.
Од Заводот за ревизија наведуваат дека многу од проектите што ги реализира ЈП за државни патишта се започнати во период од 2014-2016 година. Тие бавно се реализираат оти имало слабости во техничките решенија, се раскинувале договори со изведувачи, имало постапка за меѓународна арбитража, административни пречки за започнување на експропријацијата, комплексна правна рамка со повеќе вклучени институции за утврдување на надоместокот за експропријација која го блокира ефикасното решавање на експропријација.
Најевтини патарини има во Србија, а најскапи во Црна Гора
Но дупките на патот не ги спречуваат надлежните да наплаќаат патарина.
Според Законот за државни патишта, во земјава за поминат километар автопат се плаќа по 2,57 денари, а парите што доаѓаат од патарините треба да се вложуваат во изградба на нови патишта и на рехабилитација на постојните.
Според податоците од јавните претпријатија од регионот, најевтини патарини има во Србија, а најскапи во Црна Гора. Патарината на новиот автопат во Црна Гора, од Подгорица до Колашин во должина од 41 километри е 52,5 денари за поминати 10 километри автопат. Во Хрватска се плаќа 39,4 денари за 10 километри автопат, во Федерацијата Босна и Херцеговија 36,9 денари, во Република Српска 29,5 денари, во Македонија 25,6 денари, а во Србија 20,3 денари патарина на секои поминати 10 километри автопат.
Во Косово не се плаќаат патарини.
Во Албанија се наплаќа патарина само на едно место, кај Тунелот Калимаш во Северна Албанија. Тунелот е долг скоро 5,5 километри, на автопат во должина од 128 километри. Тоа значи дека за 128 километри автопат со се тунел, се плаќа 0,39 евра (24 денари) за 10 километри.
Во Црна Гора исто така се наплаќа и тунеларина за Тунелот Созина кај Сутоморе, долг скоро 4200 метри.