Кога пред 21 година беше потпишан Охридскиот рамковен договор, малкумина можеа да ги претпостават промените кои ќе се случат во македонското општество. Но колку навистина се промени животот на граѓаните во овој период, и што навистина донесе овој договор за земјава?
Конкретен одговор на ова нема пензионирата учителка по албански јазик Лирие Шабани, која 38 години минала во образованието. Таа се потсетува дека веднаш по Рамковниот одеднаш пораснал интересот за изучување на албанскиот јазик, па секојдневно и се јавувале Македонци кои барале помош од неа. Сега вели, ги има, ама не со интензитетот како во тој период.
Видете и ова: Две децении од Рамковниот - Нема војна, а соживотот се градиНиз смеа забележува дека младите меѓусебно веќе се разбираат на англиски. Како дете од учителско семејство, таа одлично говори и македонски и албански, но е свесна дека голем дел од нејзините сонародници имаат потешкотии со јазикот на другиот. Затоа за неа образованието на мајчин јазик е голема придобивка, заедно со факултетите на албански јазик чие отворање беше силно поврзано со Рамковниот договор. Но, кога ќе се врати во времето кога таа студирала, и ќе се спореди со денешните деца, многу е разочарана.
„Создаваме функционални аналфабети“, децидна е учителката.
Рамковниот договор донесе повеќе промени во функционирањето на земјава, од воведувањето на албанскиот јазик како втор службен јазик, преку поправичната застапеност на заедниците во јавната администрација, па се до децентрализација на општините, како едно од клучните барање. Но овој процес не одеше лесно.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Децентрализацијата заглави на самиот почеток, за процесот да кулминира со Референдумот од 2004 година за новата територијална поделба на земјава. Поголем дел од македонското население, но и мал дел од етничките Албанци обвинуваа дека со ова се врши нарушување на етничката рамнотежа. Како на пример со припојувањето на општините Џепчиште и Шипковица кон Тетово, при што процентот на Македонци од 28% падна на 23%. 21 година подоцна, на последниот попис во Општина Тетово се избројани само 18% Македонци. Но пад има и на вкупниот број жители.
Деновиве низ градот главно се шетаат иселениците, кои не штедат критики за тоа како денес се живее во Македонија. Меѓу нив е и Бујар Кофли.
„Јас сум дојден од Швајцарија, ама нема ништо од оваа држава, само лопови. Нема правда, нема суд или полиција“, разочаран е Кофли.
Сепак, кога се работи за Охридскиот договор и соживотот во земјава, голем дел од граѓаните гледаат промени на подобро.
„После Рамковен договор поарно се живее. Некако се свестивме и едни и други, видовме дека немаме друг излез“, искрена е Вера Соколовска, пензионерка од Тетово.
На неа се надоврзува нејзиниот сограѓанин, Ибраим Емуглаи.
„Никогаш не бил соживотот проблем меѓу населението. Никако. Гледате и самите. Тоа што го прават, политичарите го прават. Меѓу народот немаме ништо. Секој се бори за парче леб, никој друго не прашува“, вели тетовецот .
Вработувања по етнички клуч за седење дома
Една од главните промени кои ги донесе Рамковниот договор беа вработувањата по етнички клуч во јавната администрација. Тоа го споменуваат голем дел од граѓаните. Посебен фокус беше ставен на полицијата, која според договорот, требаше да го одрази составот и распределбата на населението во Македонија.
21 година подоцна, во Бирото за јавна безбедност при МВР, 72% од полициските службеници се Македонци, 23% Албанци, околу 1,5% Срби, а тука некаде се и Турците. Под еден отсто имаат Ромите и Власите, како и категоријата „останати“. На последниот попис во земјава пак 58 % проценти од населението се изјаснија како Македонци, 24% проценти Албанци, по што следат Турците со скоро 4 % и Ромите со 2.5 %. Останатите заедници се под 2%.
Рамковниот ја отвори вратата за повеќе вработени од малцинствата во целата јавна администрација, но донесе и небулози. Така, Македонци се пишуваа како Албанци, и обратно, само за да влезат во малцинската квота и да станат „погодни“ за државна работа.
Последица од Рамковниот беа и тн. рамковни вработени кои пред повеќе од една деценија беа примени на работа во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор и земаа плата за седење дома, додека чекаа државата да им најде соодветно работно место. Конечно лани Владата потврди дека се работи за 1349 лица, и донесе одлука за нивно распоредување. Така, за 1.023 лица се најде работно место, но 137 уште земаат плата за седење дома. Останатите отидоа во пензија, дадоа или добија отказ.
ДУИ како најголем добитник од Рамковниот договор
За политичкиот аналитичар Сефер Селими, Рамковниот е еден од најбитните договори за земјава, кој се стреми да постигне еднаквост помеѓу граѓаните, предводена од етничката припадност. Сепак, забележува дека како минува времето, тој се претвора во партиски инструмент, а целиот фокус е свртен кон вработувањата во јавната администрација.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Освен што се претвори во инструмент за партиски гласови за ДУИ, исто така се претвори и во едно оружје за убивање на албанскиот интелектуализам во Македонија, каде што за да можеш некако да напредуваш во својата кариера, посебно во јавната администрација,мораш да бидеш партиски војник, член на ДУИ“, револтиран е Селими.
Партијата ДУИ практично се создаде веднаш по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој се оконча воениот конфликт меѓу припадниците на Ослободителната народна армија-ОНА и македонските вооружени сили. Во време на растечки тензии, Албанците во Македонија тогаш тврдеа дека се дискриминирани, а ова е борба за поголеми културни и образователни права, поголема улога во управувањето со власта, во вооружените сили и полиција. Кратко по конфликтот, дел од борците на ОНА се трансформираа во политички субјект, а во 2002 беше формирана ДУИ, на чело со Али Ахмети, кој се уште е лидер на партијата.
Мирот како најголема придобивка
Воениот конфликтот, како што најчесто бидува, заврши со договор. Загинаа стотици луѓе, и војници и граѓани. Илјадници останаа без своите домови. Иако минаа многу години, 25 семејства се уште се водат како внатрешно раселени, и за нив сместувањето го плаќа државата.
Видете и ова: Ќе влијае ли распределбата на функции во новата влада врз меѓуетничките односи?Затоа аналитичарот и истражувач Љупчо Петковски е дециден, мирот кој го имаме и денеска, е најголемата придобивка од Рамковниот договор. Вели дека Македонците треба да се горди поради својата отвореност кон заедниците. Додава и дека сега втората најголема етничка заедница ја гледа државата како своја.
„Така што мислам дека апсолутно имаме придобивки, настрана инфилтилноста на политички партии, настрана што сме подеднакво корумпирана држава како што сме биле и пред тоа, придобивките се несомнени и не се за потценување“, укажува Петковски.
Охридскиот рамковен договор, познат и како договор за внатрешното уредување на малцинските права во Република Македонија, беше потпишан од претставниците на тогашните најголеми политички партии и специјални претставници на ЕУ и на САД. Преговорите се одвиваа во вилата Билјана во Охрид, од каде го носи и името.
Во преговорите кои траеле речиси еден месец на иста маса седеа претседателот на земјава Борис Трајковски, како и партиските лидери Бранко Црвенковски од СДСМ, Љубчо Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ, Имер Имери- ПДП и Арбен Џафери- ДПА.
Договорот беше склучен во екот на ескалацијата на насилствата, поради што голем дел од македонските граѓани во тој момент сметаа дека е изнуден. 21 година подоцна многу од работите се променија, а земјава ги жнее плодовите од овој договор.