Блокирани патишта во северно Косово, затворени премините Брњак и Јариње

Срби блокираат патишта во северно Косово

Косовската полиција објави дека поради блокадите ги затворила граничните премини Јариње и Брњак за патници и возила и ги повика граѓаните да користат алтернативни правци. Блокадите доаѓаат во пресрет на стапувањето на одлуките за документи и регистарски таблички.

Етнички Срби во северно Косово ги блокираа патиштата во близина на два клучни гранични премини со Србија. Tензиите се зголемија во регионот, еден ден пред да стапат на сила две одлуки на косовската влада кои вклучуваат регистарски таблички и лични документи издадени од Србија.

Бесим Хоти од косовската полиција за Радио Слободна Европа потврди дека е блокиран магистралниот пат Приштина-Рашка, кај местото Рудаде, кое се наоѓа на 5 километри од Митровица. Тој рече дека се поставени и блокади во селото Зупче, кое се ноаѓа во близина на магистралниот пар Брњак- Митровица.

Косовската полиција објави дека поради блокадите ги затворила граничните премини Јариње и Брњак за патници и возила и ги повика граѓаните да користат алтернативни правци.

Блокиран патот кај местото Рударе

Косово воведува документи за влез -излез за граѓаните на Србија

Косовската влада соопшти дека на 1 август ќе почне да издава таканаречени влезно-излезни документи за сите граѓани на Србија кои влегуваат на Косово. Тој документ ќе се издава на сите премини и ќе трае 90 дена. Овој документ ќе го добиваат и лица помлади од 16 години кои немаат лични карти, но мораат да имаат извод на родени. Политиката се совпаѓа со долгогодишната практика воведена од Белград за косовските граѓани кои ја посетуваат Србија.

Документот издаден од српските власти на граѓаните на Косово при влез

Исто тока на 1 август ќе стапи на сила и нова регулатива за регистарските таблички. Етничките Срби на северот на Косово користат автомобилски таблички издадени од српските институции од со акроними на косовските градови, како што се КМ (Косовска Митровица), ПР (Приштина) или УР (Урошевац). Владата во Косово ги смета таквите таблички за нелегални, но ги толерираше во четири северни општини со српско мнозинство. Косово сега ќе бара тие таблички да се заменат со таблички издадени од Косово со акронимот „РКС“ за Република Косово. Сопствениците на автомобили ќе имаат рок до крајот на септември да ги направат промените.

Спорот за возилата избувна во септември 2021 година, откако косовските власти им наредија на сите возачи кои влегуваат во Косово од Србија да користат привремени, 60-дневни, печатени регистарски таблички како одговор на мерките во Србија против возачите од Косово кои се во сила од 2008 година, кога земјата прогласи независност од Белград. Во тоа време, Србите од северно Косово ги блокираа премините Јариње и Брњак со возила и импровизирани барикади, додека косовската влада испрати полициски единици, а српските воени авиони и хеликоптери ја надлетуваат границата демонстрирајќи сила.

Видете и ова: Колку се силни аргументите на Србија за невоведување санкции кон Русија?

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека е уплашен од можните реакции на српскиот народ на Косово, по најавите на Приштина за примена на одлуката за пререгистрација на возилата.

„Моето барање е само да бидат мирни. Што и да се обидуваат да направат, само нашите да бидат мирни. Ако тргнат на митинзи и демонстрации, само тоа да го направат мирно, да не им даваат на Албанците ниеден повод да пукаат во масата, како што направија минатиот пат и без повод. Само да бидат мирни и да ни дадат време“, рече Вучиќ пред новинарите.

Тој упати молба и до Албанците „да не тргнат во напад врз Србите“ и оцени дека во овој момент Западот нема интерес за каков било судир на Косово.

Косовскиот премиер, Албин Курти, претходно денеска изјави дека „нема простор за тензии и за дестабилизација“ по утрешното стапување во сила на реципроцитетот кон Србија за личните документи на граѓаните при влез од едната во другата држава и на одлуката за замена на српските со косовски регистарски таблички, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната прес-конференција пред утрешното стапување во сила на мерките Курти рече дека очекува сè да се одвива во најдобар ред, додека за предупредувањата од Белград за можни тензии оцени дека „тие (српските власти) кажуваат за себе“, а не за Косово.

„Воопшто нема простор за тензии и за дестабилизација, бидејќи станува збор за нешто легитимно и легално. Тие кои говорат за насилство, за блокади, за дестабилизации, тие кои говорат за тензии, кажуваат за себе. Тие не говорат за нас, тие говорат за себе. Ние сме демократска, парламентарна, мирољубива република и уверен сум дека сè ќе помине во најдобар ред“, рече Курти.

Косовскиот премиер порача дека, за разлика од српските лидери, кои, според него, се „водачи на стравот и застрашувањето“, тој е „премиер на прогресот и надежта“.

Србија не ја признава независноста на Косово, ниту нејзиното право да наметнува правила и прописи, како што се регистрација на автомобили и камиони.

ЕУ се обидуваше да посредува во дијалогот меѓу Белград и Приштина, но досега напорите не успеаја да постигнат нормализација на врските.