Достапни линкови

Колку се силни аргументите на Србија за невоведување санкции кон Русија?


Рускиот претседател Владимир Путин се ракува со српскиот претседател Александар Вучиќ откако му беше доделен Орден Александар Невски во Белград, Србија, 17 јануари 2019 година
Рускиот претседател Владимир Путин се ракува со српскиот претседател Александар Вучиќ откако му беше доделен Орден Александар Невски во Белград, Србија, 17 јануари 2019 година

Сè погласните предупредувања од Западот дека Србија повеќе не може да игра на картата „и на Европската унија и на Русија“ засега немаат ефект.

И покрај тоа што го постави членството во ЕУ како своја стратешка цел, Србија е единствената земја-кандидат за членство во Европската унија, покрај Турција, која не воведе санкции кон Русија за нејзината инвазија врс Украина која започна на 24 февруари. Врз што го темелат таквиот став српските власти?

Тешко е прецизно да се одредат пропорциите на потенцијалната економска штета што би била предизвикана со воведувањето санкции против Русија.

Јоксимовиќ: Кога Србија ќе влезе во ЕУ, ќе мора да воведе санкции кон Русија

На 15 мај претседателот на Србија и лидер на владејачката Српска напредна партија, Александар Вучиќ за телевизијата Прва изјави дека „животот би бил десет пати подобар“ доколку Србија воведе санкции кон Русија, но дека „Србија тоа нема да го направи, бидејќи води независна политика“.

Европската унија е најголемиот трговски партнер на Србија. Земјите членки на ЕУ учествуваат со 60,3 отсто од вкупната надворешно-трговска размена со стоки, односно 64,5 отсто од извозот и 57,2 отсто од вкупниот увоз, покажуваат податоците на Републичкиот институт на Србија за 2021 година.

Истовремено, 3,9 отсто од српскиот извоз отишол во Русија, додека 5,3 отсто од увезената стока пристигнала од таа земја. Точно е дека најголемиот дел од странските директни инвестиции доаѓаат од земјите на Европската унија - 1.848,2 милиони евра само во 2021 година, покажуваат податоците на Народната банка на Србија (НБС). За истиот период во Србија од Русија се инвестирани 162,2 милиони евра.

Истовремено, во областа на енергетиката, Србија доминантно се потпира врз Русија, па од таа земја ги увезува сите количества гас. Сепак, Србија презема чекори кон диверзификација на изворите за снабдување со гас, за да ја набавува оваа енергија и од други земји, што може да укаже на фактот дека таа се движи кон ослободување од целосна зависност од рускиот гас.

Покрај тоа што зависи од руските извори на енергија, Србија смета и на политичката поддршка од Русија во однос на Косово, чија независност не ја признава. Засега никој од Русија официјално не излезе во јавноста со порака дека воведувањето санкции би значело губење на таа поддршка.

Цртање врз Путин: Активисти против воени симболи на улиците во Србија
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:11 0:00

Мнозинството српски граѓани ја доживуваат Русија како пријателска земја, што го покажува најновото истражување на Истражувачкиот и издавачкиот центар „Демостат“, спроведено во јуни годинава.

Мнозинството од испитаниците, 80 отсто од нив, сметаат дека Србија не треба да воведува санкции кон Русија. Само девет отсто од испитаниците сметаат дека Србија треба да го направи тоа. Исто така, 81 отсто од нив сметаат дека Србија по секоја цена треба да ја зачува неутралноста.

Точно е дека Русија во 2015 година го блокираше усвојувањето на Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации за Сребреница со која се осудува геноцидот во јули 1995 година, која беше предложена од Велика Британија и поддржана од Соединетите Американски Држави и земјите од Европската Унија.

Од друга страна, во текот на 1990-тите, тогашната Сојузна Република Југославија (СРЈ), во која беше и Србија, се соочи со големи меѓународни санкции. Во тој период, Советот за безбедност на Обединетите нации донесе три резолуции со кои, меѓу другото, беа предвидени казнени мерки против тогашната СРЈ. Меѓу потписниците на тие резолуции беше и Русија.

„Европската унија е најголемиот донатор во Република Србија. Од 2001 година, ЕУ, преку неколку различни инструменти и фондови, обезбеди повеќе од три милијарди евра грантови за Република Србија за поддршка на реформите“, се вели во веб-страница на Министерството за евроинтеграции.

Самата Србија го определи членството во ЕУ како своја стратешка цел. Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ДСА) е меѓународен договор кој стапи на сила во 2013 година, со кој Србија доби статус на земја поврзана со Европската унија.

Двете најважни обврски што ги презеде со потпишувањето на тој договор се формирање зона за слободна трговија и усогласување на законодавството со правото на ЕУ.

Фајненшал тајмс: ЕУ забива клин во тркалата на проширувањето кон Западен Балкан

Некои од придобивките што Србија ги има од тој договор се: визна либерализација, пониски цени на производите и поголем избор поради либерализацијата на трговијата со ЕУ, пристап до пазарот од 490 милиони потрошувачи за производителите од Србија, привлекување странски инвеститори, како и како можност за користење значително поголеми средства од ЕУ, податоците се од Министерството.

Ниту еден од пакетот санкции што Европската унија досега и ги воведе на Русија и на кои ја повикува Србија да се приклучи, не содржеше ништо поврзано со независноста на Косово. Забраните главно се насочени кон руската економија, увозот на нафта и злато, финансискиот систем, централната банка и медиумите.

Санкции беа воведени и за поединци - највисоки владини функционери, рускиот претседател Владимир Путин и неговото најблиско опкружување.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG