Тупанчески: Против “затворскиот туризам“ со измени на законот за извршување санкции

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Тупанчески: Основниот граѓански суд Скопје и Апелација се невралгични точки

Нема поврзаност меѓу измените на Kривичникот законик за делото говор на омраза и Билатерален протокол со Бугарија, уверува министерот за правда Никола Тупанчески во неделното интервју. Со министерот разговараме и за “затворскиот туризам“, судските спогодби, проблемите со пензионирањето на седумдесетина судии и обвинители...

По Орце Камчев и поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков преку спогодба со Обвинителството издејствува намалување на затворската казна, а потоа и промена на адресата на живеење за отслужување на казната во затворот во Струга? Кој е вашиот коментар за ваквата пракса и дали е тоа привилегија само за богатите и моќните?

Во принцип јас конкретни пресуди не коментирам, меѓутоа можам да зборувам за состојбите. Спогодувањето на вина претставува елемент или сегмент од прецедентното право којшто е пресликан во нашиот правен систем, посебно во Законот за кривична постапка. Идејата беше добра, во насока на тоа дека доколку постојат пододредени услови коишто се строго определени, заради економичност на постапката да се примени тој институт. Не можам да кажам дека имаме резултати на тој план. Дали имаме злоупотреба на институтот спогодување на вина е прашање за кое можеби треба да се дискутира и тоа е поразличен дискурс. Секогаш потенцирам дека казната мора да биде индивидуализирана и да биде во пропорција со неправото кое претходно било извршено, со квалитетот на неправо и она што се нарекува инкриминација. Без таква пропорција, ние не сме ја постигнале целта.

Во делот на промена на адресата на живеење за да се одлежи казната во друг град?

Е, да испадна дека Струга е градот на „затворски туризам“. Се работи нели за затвор од отворен тип и се разбира дека и во однос на безбедноста и условите за издржување на казната се попривилегирачки или подобри во однос на другите казнено поправни установи во нашата држава. Правна можност за тоа постои, но она што ние можеме да го направиме како правда во иднина, еве се менува и законот за извршување на санкции, каде што еве како идеја би можело да ставиме, односно би било добро „извршувањето на казната да се врзе со последните 2 години на живеалиште од пред извршување на кривичното дело“. На таков начин ние би избегнале оваа апсурдна ситуација, или ситуација која можеби по малку наликува на злоупотреба или излегување од правната рамка.

Министре Тупанчески, во неодамна потпишаниот Билатерален договор со Бугарија многу е општа одредбата за говорот на омраза. На пример, цитирам „Државите ќе создадат, без одложување, соодветна процедура и конкретни чекори за преземање на брзи и ефективни мерки при идентификување на такви случаи“, затворен цитат. Како ќе се спроведува таа процедура? Кој всушност ќе оценува дали нешто е говор на омраза и дали воопшто може да има контрола на тој говор во јавниот простор?

Имаме ние национално сопствено законодавство каде што прецизно го имаме дефинирано поимот говор на омраза или синтагмата говор на омраза. Тоа значи дека доколку има прекршување на она што се нарекува позитивно право тогаш ќе зборуваме за говор на омраза без некакви дополнителни елементи или сегменти. Зошто го велам ова? Затоа што нашата дефиниција за говор на омраза што претставува предикативно дело за некои потешки форми на кривични дела е позиционирано врз основа на добро утврдени европски стандарди, така што без оглед на конкретните состојби, билатералниот договор е прилично апстрактен во таа сфера, меѓутоа ние имаме национална регулатива и доколку се држиме до националната регулатива практично ќе стигнеме и до посакуваната цел дека говорот на омраза не секогаш треба да го врзуваме со Бугарија туку да му дадеме малку екстензивно значење.

Да објасниме попластично преку пример. Еве јас на пример ќе напишам нешто на социјалните мрежи за што некој во Бугарија смета дека е говор на омраза? Што ќе се случува? Дали ќе се иницира постапка, од таму преку министерствата, па ќе се суди според нашиот закон, многу е нејасна процедурата?

Има кривичен законик кој што е ultima racio, односно последно средство кое се одговара за тие тешки форма на говор на омраза односно на дела од омраза, не само говор на омраза практично пакетот на омраза подразбира и сет на други кривична дела. Тоа е првата работа и тоа е последната општествена реакција во нашата држава кога станува збор за омразата. Вториот механизам или алатка е тука токму законот за заштита и спречување од дискриминација, каде што исто така се предвидени одредби односно норми. Апсолутно ќе се реагира само во оној дел кога ќе имаме флагрантно кршење на националните норми кои што ја регулираат оваа материја.

Ќе се реагира од страна на нашите институции или?

Секој може да поднесе кривична пријава и секој може да поднесе укажување или сугестија дека навистина во одреден текст или не знам каде има елементи на говор на омраза, меѓутоа тоа се институциите на нашата држава кои што треба да се произнесат по овие прашања и никој друг.

Видете и ова: Мијалков „искешира“ во сенка на францускиот предлог

Што значи за еден министер за правда податокот дека довербата во судството е само 8 проценти?

Министерството за правда не е ниту суд ниту јавно обвинителство кое подигнува обвинение или што носи пресуда. Меѓутоа Министерството за правда е орган односно институција којашто овозможува оптимални услови за правораздавање. Во таа насока фактот дека деновиве работиме на она што се нарекува дополнителни услови за намалување на лошата состојба во правосудството е зголемување на платите на судиите и обвинителите и сметаме дека тоа би можело да придонесе во однос на зголемување на мотивацијата кај судиите и обвинителите во однос на квалитетно правораздавање. Но тоа е само еден од сегментите. Дефинитивно, јас отворено ќе кажам, ако ние како министерство за правда даваме таков мотив или поттик кон правосудството зголемувајќи ги нивните плати, очекувам дека и од страна на судството и обвинителството едноцифрената доверба ќе стане двоцифрена.

Дали знаејќи го тој податок од денешна гледна точка не мислите дека ќе беше подобро да се направи ветинг во судството? Вие бевте против ветинг, зошто?

Да, јас сум консеквентен во своите ставови и пред да бидам на позиција министер за правда секогаш сум бил приврзаник на ставот дека проблемите не секогаш лежат во законите или во однос на легислативата. Напротив сметав и сметам дека во моментот имаме институции кои доколку си ја завршат својата работа како што треба, дека ветингот може да се спроведен и со моменталните алатки што ги имаме, но и со моменталната регулатива. Да парафразирам, имаме ние тела како што се Судскиот совет и Советот за јавни обвинители, повисоките судови, Врховниот суд кои имаат сериозен импакт во утврдувањето на тоа кои судии се квалитетни, односно кои одлуки на судиите се квалитетни, а кои се неквалитетни. Морам да потенцирам дека во последно време има размрдување во позитивна смисла во однос на работата и судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, така што сведоци сме дека некои работи почнуваат бавно, меѓутоа се менуваат во позитивна смисла на зборот.

Од први јули повеќе од 70 судии и јавни обвинители заминаа во пензија. Во кои судови е најкритична ситуацијата со кадри и имате ли увид колку судски предмети ќе се отворат од почеток?

Најкритична состојба е во Основниот граѓански суд во Скопје, кадешто практично 6 судии за кратко време или отишле или ќе одат во пензија. Со оглед на тоа колкав е обемот на работа на Основниот граѓански суд тука ќе ни биде невралгична точка или место каде ќе треба да е интервенира. Исто така Апелациониот суд во Скопје, до крајот на годината 5, 6 судии одат во пензија, а знаеме дека 2/3 од предметите ги работи скопска апелација. Ако земете дека само една третина од другите предмети се дел од надлежноста на другите три апелациони судови, тогаш еве постои можност дел од предметите да се реалоцираат од едно апелационо подрачје на друго. Истото може да се направи и со судиите, се разбира затоа треба да постои правен основ, и тоа министерството за правда дава идеја, ја помага, но спроведувањето го прават институциите надлежни за таа работа, а не министерството.

Целото интервју со министерот за правда Никола Тупанчески може да го погледнете во видео снимката на почетокот на текстот.