Кризата годинава ќе натера многу семејства да го прескокнат годишниот одмор, во време на рекордна инфлација и секојдневни поскапувања. Така, апартман за август, за четиричлено семејство во Грција, во сопствена режија сега чини во просек по 100-тина евра од ден, што е за 30-тина отсто поскапо од лани. Во Албанија е доста поевтино ако се оди на Јадранско море, додека на Јонско море како на пример во Саранда, цените за сместување се приближуваат до грчките. Во Црна Гора апартман може да се најде и за триесетина евра, а попристапни цени има и во Бугарија, ама таму според искуството од агенциите, поради политичката ситуација намален е интересот за летување на македонските туристи.
Покрај сместувањето, раст на цените има и кај храната и кај превозот. Затоа , ако изминатите години Музафер Синани вообичаено со семејството одел на одмор во Албанија или Грција, летово вели дека ќе останат дома.
„Нема пари, цените се покачени сегде. Цените се ептен високи за оваа година“, вели Синани.
Видете и ова: Станува ли луксуз ручек во кафеана?Истата загриженост ја споделува и скопјанката Лидија, која ја сретнавме во центарот на Скопје. Црна Гора им била најчеста дестинација за летување поради попристапните цени, ама не и годинава.
„Сме оделе претходните (години), но оваа со оглед на тоа што ќе имам дете за на факултет, тешко дека ќе одиме надвор од Македонија. Тука можеби по селата. Катастрофа е, не можеме сметки и храна да постигнеме на месечно ниво, кај се другите потреби. Тешко дека ќе си приуштиме одмор на душава, и тоа како ни е потребен меѓутоа состојбата си го направи своето“, вели Лидија која пресметала дека одморот би ја чинел најмалку 700 евра, пари кои годинава не успеале да ги одвојат.
Дома ќе остане и Илија Иванов, кој вели дека за годинава испланирале одмор во Грција само за неговата 18-годишна ќерка.
„Народ нема леб да јаде, а не за одмор. Се е поскапено, храна, сигурно и превоз, се е отров. Тешка ситуација. Тие што одат одат еднаш, двапати, петпати. Кој оди оди повеќепати, тој имошниот, другите седат дома. Ситуацијата реална е тоа во Македонија“, револтиран е Иванов.
И покрај растот на минималната плата на 18000 денари ( околу 300 евра) во март, што доведе и до раст на просечната која стигна до 500 евра, инфлацијата го „изеде“ покачувањето. Во јуни Државниот завод за статистика измери рекордна инфлација во земјава од 14,5 проценти споредено со истиот месец лани. Минималната потрошувачката кошница за четиричлено семејство порасна на скоро 650 евра, па одморот остана само желба во многу семејства.
Зголемувањето на цените за летување го потврдуваат и агенциите
Дека цените годинава се повисоки од лани потврдуваат и од агенцијата „Бисер пром“, чиј главен фокус годинава е ставен на изнајмување апартмани во Грција и Бугарија. Сепак укажуваат дека благодарение на долгогодишните соработки со сопственици на вилите, агенциите годинава успеале да обезбедат пониски цени за сместување од оние во сопствена режија.
Ако за Бугарија уште имаат доста слободни места, аранжманите за Грција им се целосно распродадени, вклучително со почетокот на септември. Како што појаснува Билјана Јовановска, вработена во оваа туристичка агенција, цените зависат од местото, но во просек за летување на море за четиричлено семејство ќе треба да се одвојат по 1000 евра од семејниот буџет.
„Само наемот на четворокреветен апартман во високата топ сезона е негде околу 470 евра до 530 евра за 7 ноќевања. Плус е автобуски превоз, 40 евра по лице за повратен билет ако го користат, и храната е во сопствена режија. Горе долу од 800 до 1000 евра за 7 дена“, гласно пресметува Јовановска.
И летувањето дома е поскапено, но сепак, поевтино од странство
Покрај во странство, раст на цените има и во домашните туристички центри. Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на цените на угостителските услуги во јуни 2022 година, во однос на истиот месец од претходната година, е зголемен за 11.2 %. Корекцијата на цените пак во хотелските услуги, според Крсте Блажевски од Хотелската асоцијација на Македонија – ХОТАМ е во просек за 30%.
Видете и ова: Зголемени трошоци, исти плати - синдикатите се закануваат со тужби„20-30% има корекции во однос на цените, со оглед на тоа дека не се само основните продукти поскапени, „поскапе“ и минималната плата. Цената како цена мора да има корекција, инаку нема да опстанат рестораните и хотелите“, вели Блажевски.
Според него, интересот кај домашните туристи е сличен како лани, но забележува дека има одреден пад во посетите кај странските гости, споредено со пред-пандемиската 2019 година. Во просек во земјава една третина од туристите се домашни, при што скоро половината од нив ги посетиле езерата во земјава. Така, само во мај во земјава биле реализирани 153 686 ноќевања, од кои 35 % се на домашни туристи, а 65 % на странски туристи. Во мај пред-пандемската 2019 година имало 205 356 ноќевања или за над 50 000 ноќевања повеќе од годинава.
Во однос пак на тоа дали поради повисоките цени македонските хотели ќе останат полу-празни среде сезона, Блажевски смета дека тоа нема да се случи бидејќи се уште сме поевтина дестинација од соседните држави.
„Истата услуга во Албанија и Грција е многу поскапа“, дециден е Блажевски.
Според последните податоци од Еуростат за 2020 година, дури 55% од македонските граѓани не биле во можност да си дозволат да платат барем една недела одмор надвор од дома. Во 2010 оваа бројка била 74%, при што во изминатата деценија од година во година одморот станувал попристапен за граѓаните. Сличен тренд имало и во останатите европски земји, но независно од тоа, земјава е на дното на листата на земји во Европа чии жители можат да си дозволат одмор. Во Норвешка на пример, само 7% од жителите немаат можност да отидат на еднонеделен одмор.