За Владата ребалансот на Буџетот е соодветен, за ВМРО-ДПМНЕ неразвоен

Илустрација

Владата го усвои ребаланост на Буџетот, а министерот за финансии Бесими изјави дека тој е соодветен и навремен фискален одговор на тековните глобални случувања. Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека ребалансот на Буџетот нема да ги промени економските состојби.

За власта ребалансот на Буџетот е навремен фискален одговор на тековните глобални случувања. Додека пак за опозицијата Буџетот не е развоен и не обезбедува подобар стандард на граѓаните.

Владата вчера го усвои ребалансот на Буџетот кој предвидува економскиот раст годинава да биде 3,2 проценти. Стапката на инфлација е проектирана на 7,2 проценти. Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3 проценти од БДП, што е за 9,1 милијарда денари повеќе во однос на првичниот буџет.

Видете и ова: Заврши времето на ниски каматни стапки - што ги чека граѓаните?

Министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната прес-конференција на која го презентираше ребаланост на Буџетот изјави дека со него се обезбедени нови дополнителни 76 милиони евра за мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на стопанството како и дополнителни 52 милиони евра за субвенции за земјоделците.

Со ребалансот на Буџетот, како што посочи, се обезбедени и средства за покачување на пензиите на пензионерите, на платите за наставниците, за субвенции за покачување на минималната плата, и во јавниот и во приватниот сектор, како и повеќе средства за социјални надоместоци и субвенции за гарантиран минимален приход.

„Овој ребаланс е соодветен и навремен фискален одговор на тековните глобални случувања. Ова е ребаланс за целосно заздравување на економијата од пандемијата. Ребаланс за поддршка на граѓаните и фирмите во екот на глобалната ценовната и енергетска криза“, рече Бесими.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека ако што буџетот за 2022 не бил развоен и не обезбедувал подобар стандард на граѓаните, така и презентираниот ребаланс, според опозициската партија, нема да ги промени економските состојби. Напротив, како што посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ, ќе продолжи економскиот хаос и пропаѓање.

„Ребалансот на буџетот само ги покажува безидејните политики на власта на СДСМ и ДУИ. Кратењето на капиталните инвестиции докажува дека оваа власт нема ниту план ниту визија како Македонија да излезе од економската криза, за која самата е одговорна. Ако на ова се надоврзе лошата реализација, тогаш доаѓаме до заклучок дека нема да има речиси никаква активност на владата на овој план, што е клучен за економијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, ребалансот на буџетот покажува дека владата во услови на криза предвидела стотици милиони евра непродуктивни трошоци, од кои само дел се кратат.

„Тие стотици милиони евра требаше да бидат искористени од самиот почеток на годината за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на економијата. Со тоа ќе се спречеа последиците на кризата, за која и самите говореа дека занеле дека ќе дојде уште од минатата есен. Сега наместо да се превенира, ќе се потрошат двојно повеќе средства за да делумно се санираат негативните ефекти“, додаваат оттаму.

Владата по седницата на која беше усвоен предлогот за изменување и дополнување на Буџетот соопштија дека со него се кратат непродуктивните трошоци во име на солидаризирање со последиците од актуелната криза.

„Ребаланост на Буџетот ќе овозможи поголема заштита на животниот стандард на граѓаните, особено ранливите категории, финансиска поддршка на ликвидноста на компаниите и оптимизирање на трошоците на позајмување, поддршка на монетарна политика и создавање поповолни услови за остварување на проектираните стапки на економски раст на краток и среден рок“, се наведува во владиното соопштение.

Капиталните расходи, како што информираше Бесими, се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари, за околу 6 милијарди денари помалку во однос на планот за 2022 година. Меѓународните финансиски институции, укажа Бесими, очекуваат во втората половина од годината умерено и постепено да се стабилизираат ценовните притисоци, додека догодина да дојде до нивна целосна стабилизација.

Дефицитот и отплатата на надворешниот и на домашниот долг кои се во износ од 11,8 милијарди денари, или вкупно 54,5 милијарди денари, според Бесими, ќе се финансираат преку задолжување од 59,3 милијарди денари на меѓународниот и од 21,6 милијарди денари на домашниот пазар.

Видете и ова: Без сопствени проекти од Зелената агенда „црно ѝ се пишува“ на Македонија

Вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Планираното ниво на даночните приходи е за пет проценти повисоко во однос на Буџетот. Износот на вкупните планирани расходи, пак, е 288,5 милијарди денари или за околу 16,1 милијарди денари (за 5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

Според Бесими, годинава се очекува раст на побарувачката за работна сила, поттикната преку активните мерки и програми за вработување и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места. Според основното макроекономско сценарио, растот на бројот на вработени е проектиран на 1,6 проценти, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,9 проценти, додека стапката на невработеност да се намали на 14,5 проценти.

Просечната нето-плата, според Бесими, се очекува забрзано да расте со проекција од 11 проценти за 2022, во услови на покачување на минималната плата за 18,4% во март, зголемување на платите во секторот образование, како и пораст на платите во некои високо-продуктивни дејности, како што се информациско-комуникациската дејност, стручни, научни и технички дејности.