Јавноста со право реагира околу името на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола, напиша на својот Фејсбук-профил поранешната министерка за правда Рената Дескоска. Таа посочува дека кога била министерка, во 2019 година, Министерството не дало одобрение за употреба на името Иван Михајлов.
„Овие неколку денови слушаме остри реакции околу името на културниот центар Иван Михајлов. Јавноста со право реагира. Се постави и прашањето околу тоа кој државен орган дозволил да се регистрира здружение под тоа име. Надлежен за регистрирање на здруженијата е Централен регистар. Доколку во името на здружението е внесено име и презиме на историска и друга позната личност, се бара нејзина согласност, ако е почината – согласност од нејзини сродници до трет степен во права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда“, пишува Дескоска.
Видете и ова: Еврејската заедница навредена од отворањето на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“ во БитолаВо 2019 година кога е регистрирано ова здружение, појаснува таа, побарано е одобрение од Министерството за правда. Министерството тогаш, посочува, не дало одобрение за употреба на името Иван Михајлов.
Министерството за правда го известило и подносителот на барањето дека не може да даде согласност за употреба на името Иван Михајлов.
„Овој случај покажува дека треба веднаш да почне постапка за носење измени на законот за здруженија и фондации во кои ќе се пропише јасна постапка за регистрирање на истите, јасни критериуми кои имиња би биле забранети за употреба и да се предвиди компетентна комисија која ќе оцени дали одредено лице е историска личност и да дава предлог за одобрување или не одобрување на употреба неговото име“, објави Дескоска на ФБ.
Видете и ова: Остри критики од државниот врв за отворањето на бугарскиот културен центар „Ванчо Михајлов“Отворањето на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола вчера предизвика бурни реакции од македонската јавност. На отворањето присуствуваа бугарскиот премиер Кирил Петков, шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска и потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова.
Критиките од македонската јавност во најголем дел се затоа што Михајлов е познат соработник на нацистите.