Продолжуваат и преговорите и руските напади врз украинските градови

Уништена зграда во Харкив

Во Киев се воведува полициски час кој ќе трае 35 часа додека руските сили се приближуваат и ги засилуваат нападите врз главниот град на Украина. Околу 2000 цивилни возила го напуштија Мариупол. Во меѓувреме продолжуваат преговорите меѓу двете страни за постигнување на прекин на огнот.

Околу 20000 цивили денеска успеаја да го напуштат опколениот украински пристаништен град Мариупол, кој е уништен од безмилосното руско гранатирање, соопштија локалните власти. Руските сили ги засилија нападите врз предградијата на Киев, а руските и украински преговарачи ги продолжија разговорите за постигнување прекин на огнот.

Градскиот совет на Мариупол претходно соопшти дека 2000 возила го напуштиле градот преку хуманитарниот коридор, но не кажаа колку луѓе заминале со возилата. Заменик градоначалникот рече дека руските сили држат 400 луѓе, меѓу кои и доктори и пациенти, „како заложници“ во болницата во градот, а конвојот со хуманитарна помош е спречен да влезе во Мариупол.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Немам избор, освен да станам војник“

Градот со околу 400 илјади жители со денови е под опсада од руските сили и е отсечен од остатокот од земјата. Локалните власти проценуваат дека во опсадата биле убиени 2300 цивили.

Во меѓувреме заврши вториот ден од преговори кои се одржуваат преку видеоврска меѓу руската и украинската страна. Членот на украинската делегација Михајло Подољак, кој е советник на претседателот Зеленски, рече дека има „суштински противречности“ во преговорите за окончување на рускиот воен напад врз Украина, но оти компромис е можен.

„Ќе продолжиме утре. Многу тежок и збиен преговарачки процес. Има суштински противречности, но секако има простор за компромис“, напиша тој на Твитер.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно ги оцени разговорите како „прилично добри“, додека Кремљ соопшти дека фактот што има преговори „сам по себе е позитивен“.

Белата куќа најави дека американскиот претседател Џо Бајден наредната недела ќе ја посети Европа, каде што со европските лидери директно ќе разговара за руската инвазија врз Украина.

Бајден ќе се сретне со лидерите на членките на НАТО и ЕУ на вонредниот самит на Алијансата во Брисел на 24 март, а ќе присуствува и на закажаниот Самит на Европскиот совет, соопшти портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.

Ваков потег е исклучително редок за претседател на САД.

Вонредниот самит на НАТО треба да послужи за координација на одговорот на руската воена агресија врз Украина, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

„Ќе се осврнеме на руската инвазија врз Украина, нашата силна поддршка за Украина и понатамошното зајакнување на одвраќањето и одбраната на НАТО. Во ова критично време, Северна Америка и Европа мора да продолжат да бидат заедно“, напиша тој на Твитер.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Последните жители на Ирпин во урнатини и меѓу телата на загинатите

Зеленски од канадскиот парламент и влада денеска побара поголем воен и економски притисок врз Русија и воведување зона на забранети летови над Украина.

Тој утре преку видеоврска треба да се обрати пред американскиот Конгрес.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки, пак, соопшти дека заедно со премиерите на Чешка и на Словенија денеска пристигнале во Киев за да ѝ дадат поддршка на Украина.

Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко соопшти дека се воведува 35-часовен полициски час, и предупреди дека главниот град се соочува со „тежок и опасен момент“ додека руските сили се приближуваат и ги засилуваат нападите.

Руските сили, исто така, извршија нови артилериски напади врз источниот град Харкив, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина на Фејсбук. Во гранатирање била уништена пистата и оштетен терминалот на аеродромот во градот Дњипро во источна Украина, информира гувернерот на регионот Валентин Резниченко.

Еден човек во градот Тростјанец во регионот Суми рече дека ќе мора да го погребе својот татко во дворот на куќата, зашто не можел да ангажира погребален сервис. Володимир Торјањук рече дека руските сили ги уништиле сите погребни возила на еден сервис, а другите се плашат да пружаат услуги.

Дополнително, руските сили поставиле контролен пункт на гробиштата и пукале кон Торјањук и другите кога се обиделе сами да ископаат гроб.

Напната е ситуацијата и во Мелитопол. Руските сили минатата недела го киднапираа градоначалникот Иван Федоров, а граѓаните протестираа за негово итно ослободување.

ЕУ и САД денеска воведоа нова рунда санкции за поединци и субјекти блиски до Кремљ. Санкциите вклучуваат замрзнување на имот на неколку олигарси како сопственикот на фудбалскиот клуб Челзи Роман Абрамович, забрана за увоз на руски челик и железо, забрана за извоз на луксузни стоки вредни над 300 евра, како и на автомобили што чинат над 50 илјади евра. Исто така воведоа забрана за инвестиции во компании од нафтениот и енергетскиот сектор во Русија.