Сигнал за напредок во руско-украинските разговори, бројката на загинати расте

Украина- Чад се крева среде оштетените згради и возила по нападот на воената база Јаворив,13.3.2022

Руските и украинските прегаворачаи сигнализираат напредок во разговорите. Во меѓувреме бројот на загинати од нападот врз украинската база се искачи на 35, а советникот за безбедност на САД рече дека Русија ќе се соочи со одговор од НАТО ако некој од нејзините напади ги погоди членките.

Руските и украинските преговарачи сигнализираа одреден напредок во нивните разговори на 13 март, додека борбите во Украина поради руската инвазија врз таа земја продолжуваат.

„Ние нема да отстапиме во принцип на ниту една позиција. Русија сега го разбира ова. Русија веќе почнува да разговара конструктивно“, рече украинскиот преговарач и претседателски советник Михаило Подољак во видео објавено на интернет.

Видете и ова: Русија распоредува припадници на озлогласена украинска полициска единица во окупираните региони

„Мислам дека ќе постигнеме некои резултати буквално за неколку дена“, рече тој.

Во објава на социјалната мрежа Твитер, Подољак рече дека Русија внимателно ги слуша предлозите на Украина.

„Нашите барања се - крај на војната и повлекување на рускитетрупи. Гледам разбирање и има дијалог“, рече тој.

Леонид Слуцки, руски преговарач кој беше цитиран од новинската агенција РИА рече дека во разговорите постигнале значителен напредок.

„Според моите лични очекувања, овој напредок може да прерасне во наредните денови во заеднички став на двете делегации, во документи за потпишување“, рече Слуцки.

Ниту една страна не кажа каков би можел да биде опсегот на каков било договор.
Досега три рунди разговори се одржаа меѓу двете страни и тие беа фокусирани главно на хуманитарни прашања.

35 загинати, 134 повредени во нападот на украинската база

Според последните информации од украинските локални власти 35 луѓе загинале, а 134 се повредени ворускиот воздушен напад врз украинска воена база во близина на границата со Полска. Меѓународниот центар за мир и безбедност Јаворив кој се наоѓа на помалку од 25 километри од полската граница е најголем во западниот дел од земјата. Украина таму ги одржува повеќето од своите вежби со земјите членки на НАТО.

Советник за национална безбедност на Соединетите Американски Држави Џејк Саливан, за Си-Би-Си Њус изјави дека Русија ќе се соочи со одговор од НАТО доколку со некој од нејзините напади во Украина ги премине границите и ги погоди членките на безбедносната алијанса - дури и случајно.
Исто така, градоначалникот на Ивано-Франковск во западна Украина рече дека аеродромот во градот бил цел на напад.

„Според прелиминарните информации, експлозиите утринава се од напад на аеродромот“, објави на Фејсбук градоначалникот Руслан Марцинкив.

Видете и ова: Тела на загинати руски војници ги полнат белоруските мртовечници, вели локалното население


Во друг руски ракетен напад рано на 13 март на повеќекатна станбена зграда во Чернихив загина едно лице, а седум беа повредени, соопштија украински официјални лица. Градот во североисточна Украина постојано е погоден од руски напади.

Во воздушните напади на јужниот украински град Миколаев денеска загинале девет лица, изјави регионалниот гувернер Виталиј Ким во онлајн изјава.

Убиени 85 деца, оштетени 269 образовни објекти

Канцеларијата на генералниот обвинител на Украина на 13 март соопшти дека од почетокот на руската офанзива во Украина биле убиени вкупно 85 деца, а повеќе од сто се повредени.

Официјални лица, исто така, рекоа дека во бомбардирањата и гранатирањето се оштетени 369 образовни објекти во земјата, од кои 57 се целосно уништени.
Украинскиот претседател Володмир Зеленски ги предупреди руските сили дека ќе се соочат со борба до смрт доколку се обидат да го окупираат главниот град Киев

„Ако решат да бомбардираат постојано и едноставно да ја избришат историјата на овој регион... и да не уништат сите нас, тогаш ќе влезат во Киев. Ако тоа им е целта, нека влезат, но ќе мора да живеат во оваа земја со самите себе“, рече Зеленски.

Претседателот, кој постојано се појавува на социјалните мрежи од главниот град, рече дека некои мали градови повеќе не постојат во оваа трета недела од руските напади.

Седум украински цивили, меѓу кои и едно дете, загинаа на 12 март кога Русија гранатираше хуманитарен конвој со бегалци и ги принуди да се вратат назад, соопшти украинското Министерство за одбрана. Седуммина беа меѓу стотиците луѓе кои се обидоа да побегнат од село 20 километри североисточно од Киев. Непознат број луѓе се ранети во гранатирањето.

Москва соопшти дека ќе воспостави хуманитарни коридори надвор од конфликтните зони, но украинските власти ја обвинуваат Русија дека ги нарушува тие патишта и пука врз цивили.

Расте бројот на загинати во Мариупол

Во своето видео обраќање на 13 март, Зеленски исто така рече дека конвој со сто тони хуманитарна помош е на пат кон опколениот град Мариупол и дека се преземени сите неопходни дипломатски напори за да се осигура дека таа ќе стигне до оние на кои им е потребна.

Хуманитарната канцеларија на Обединетите нации предупреди дека луѓето заробени во Мариупол се очајни.

„Постојат извештаи за грабежи и насилни конфронтации меѓу цивилите околу малкуте основни залихи остануваат во градот“, соопшти Канцеларијата за координација на хуманитарни прашања на 12 март.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Животот во Мариупол под опсада, без вода, струја и храна

Градскиот совет на 13 март соопшти дека 2.871 лице биле убиени во Мариупол од почетокот на инвазијата.

„Во последните 24 часа, имаше најмалку 22 бомбардирања на цивилниот дел од градот. Над сто бомби веќе се фрлени врз Мариупол“, се вели во соопштението на интернет.

Претходниот ден, гранатирањето ги принуди екипите да престанат со копање ровови за масовни гробници, така што „мртвите не се ни погребуваат“, соопштија градските власти.

И покрај многуте, конкретни докази за руските напади врз цивилни области документирани од новинарите, вклучително и дописниците на Радио Слободна Европа на терен, Москва негира дека цели на цивилни области.