Според последните информации од украинските локални власти 35 луѓе загинале, а 134 се повредени ворускиот воздушен напад врз украинска воена база во близина на границата со Полска. Меѓународниот центар за мир и безбедност Јаворив кој се наоѓа на помалку од 25 километри од полската граница е најголем во западниот дел од земјата. Украина таму ги одржува повеќето од своите вежби со земјите членки на НАТО.
Регионалниот гувернер Максим Козицки рече дека руски авиони истрелале околу 30 ракети врз објектот, додавајќи дека некои биле пресретнати пред да бидат погодени.
Исто така, градоначалникот на Ивано-Франковск во западна Украина рече дека аеродромот во градот бил цел на напад.
„Според прелиминарните информации, експлозиите утринава се од напад на аеродромот“, објави на Фејсбук градоначалникот Руслан Марцинкив.
Во друг руски ракетен напад рано на 13 март на повеќекатната станбена зграда во Чернихив загина едно лице, а седум беа повредени, соопштија украински официјални лица. Градот во североисточна Украина постојано е погоден од руски напади.
Украинскиот претседател Володмир Зеленски ги предупреди руските сили дека ќе се соочат со борба до смрт доколку се обидат да го окупираат главниот град Киев, чии жители се разбудија со звук на сирени за воздушен напад, јавува украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.
„Окупаторите извршија воздушен напад врз Меѓународниот центар за мир и безбедност“ во Јаворив, се вели во соопштението на регионалната воена администрација на Лвов, објавено на социјалните мрежи.
Видете и ова: Интензивни борби во близина на Киев, Зеленски вели Украина е на „пресвртна точка“
Зеленски: некои помали градови веќе не постојат
„Ако решат да бомбардираат постојано и едноставно да ја избришат историјата на овој регион... и да не уништат сите нас, тогаш ќе влезат во Киев. Ако тоа им е целта, нека влезат, но ќе мора да живеат во оваа земја со самите себе“, рече Зеленски.
Претседателот, кој постојано се појавува на социјалните мрежи од главниот град, рече дека некои мали градови повеќе не постојат во оваа трета недела од руските напади.
Поради руската инвазија заробени се илјадници луѓе во опколените градови, а 2,5 милиони Украинци ја напуштија земјата. Седум украински цивили, меѓу кои и едно дете, загинаа на 12 март при гранатирање на хуманитарен конвој со бегалци, соопшти украинското Министерство за одбрана.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Седуммината загинати беа меѓу стотиците луѓе кои се обидоа да побегнат од селото Перемоха, 20 километри североисточно од Киев. Непознат број луѓе се ранети во гранатирањето, се додава во соопштението на министерството.
Москва соопшти дека ќе воспостави хуманитарни коридори надвор од конфликтните зони, но украинските власти ја обвинуваат Русија дека ги нарушува тие патишта и пука врз цивили.
На 12 март, заменик-премиерката на Украина Ирина Верешчук рече дека само девет од 14 договорени коридори се отворени и дека околу 13.000 луѓе биле евакуирани низ земјата.
Видете и ова: Зеленски: околу 1300 украински војници се убиени во руската инвазијаЗеленски рече дека Москва испраќа нови војници откако украинските сили онеспособиле 31 тактичка група на руски баталјони, што рече дека е една од најголемите загуби на руската армија во последните децении.
„Сè уште треба да издржиме. Сè уште треба да се бориме“, рече Зеленски во видео обраќањето доцна на 12 март.
Украинскиот претседател кажа дека биле убиени околу 1.300 украински војници и побара од Западот поголема вклученост во мировните преговори.
Зеленски разговараше за руската инвазија со германскиот канцелар Олаф Шолц и со францускиот претседател Емануел Макрон, кои, пак, побараа од рускиот претседател Владимир Путин да нареди итен прекин на огнот.
Русија ги обвинува САД за ексалација на тензиите
Во соопштението на Кремљ по 75-минутен разговор на рускиот претседател со францускиот колега и германскиот канцелар не се споменува примирје. Официјален претставник на француското претседателство рече: „Не видовме подготвеност од страна на Путин да стави крај на војната“.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков ги обвини Соединетите држави за ескалација на тензиите и рече дека ситуацијата е искомплицирана поради конвоите со испораки на оружје од Запад во Украина кои руските сили ги сметаат за „легитимни цели“, јави руската агенција ТАСС.
Разговорите меѓу Москва и Киев ќе продолжат преку видео врска, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, а пренесе руската новинска агенција РИА. Тој не даде детали, но украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба рече дека Киев нема да се предаде или да прифати какви било ултиматуми.
Руските ракетни напади на 12 март уништија украинска воздухопловна база и погодија складиште за муниција во близина на Василков во регионот на Киев, изјави градоначалникот, цитиран од Интерфакс Украина.
Ситуацијата во Мариупол очајна
Гувернерот на Чернихив, град кој се наоѓа на околу 150 километри североисточно од Киев, се обрати преку видео снимено пред урнатините на хотелот во градот.
„Веќе нема таков хотел“, рече Виачеслав Чаус, бришејќи ги солзите од очите. „Но, самата Украина сè уште постои и ќе победи“.
Видете и ова: Шолц и Макрон повторно разговараа со Путин за УкраинаБританското Министерство за одбрана соопшти дека руските копнени сили се на 25 километри од центарот на Киев, додека Харкив, Чернихив, Суми и клучното црноморско пристаниште Мариупол остануваат опколени.
Хуманитарната канцеларија на Обединетите нации соопшти дека луѓето заробени во Мариупол се очајни.
„Постојат извештаи за грабежи и насилни конфронтации меѓу цивилите поради малкуте останати основни залихи во градот“, соопшти Канцеларијата за координација на хуманитарни прашања на 12 март.
Украинското Министерство за надворешни работи на 12 март соопшти дека руските сили гранатирале џамија во Мариупол, каде што се засолниле повеќе од 80 возрасни и деца, вклучително и турски државјани. Министерството не соопшти дали има загинати или ранети лица.
Бројот на загинати во Мариупол надмина 1.500 за 12 дена од нападот, соопшти кабинетот на градоначалникот. Гранатирањето ги принуди екипите да престанат со копање ровови за масовни гробници, така што „мртвите не се ни погребуваат“, рече градоначалникот.