Интензивни борби во близина на Киев, Зеленски вели Украина е на „пресвртна точка“

Украина- Пожарникари гаснат пожар на куќа по гранатирањето во Киев на 12 март 2022 година.

Северозападно од Киев во тек се борби, а руските сили се на 25 километри од центарот на градот. Украинското МНР објави дека е гранатирана џамија во Мариупол во која биле засолнети околу 80 луѓе, меѓу кои и турски државјани.

Борби беснеат северозападно од Киев на 12 март, а британското Министерство за одбрана соопшти дека најголемиот дел од руските копнени сили сега се наоѓаат на само 25 километри од центарот на украинската престолнина, додека истовремено со тенкови и артилерија се напаѓаат местата кои се веќе под опсада.

Сирените за воздушен напад се огласија во неколку украински градови рано денеска повикувајќи ги луѓето да бараат засолништа, објавија локалните медиуми.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 12 март изјави дека Русија испраќа нови сили во Украина откако претрпела, како што рече, една од најголемите загуби во последните децении.

Во телевизиско обраќање, Зеленски ја повика Русија да го одржи договорениот прекин на огнот за да се овозможи евакуација од опколениот пристанишен град Мариупол и ја обвини Москва за неуспехот на претходните обиди.

Видете и ова: Киев очекува отворање коридори за евакуација на населението

Вицепремиерката Ирина Верешчук рече дека се надева оти неколку хуманитарни коридори надвор од украинските градови и села, вклучително и од опколениот јужен пристанишен град Мариупол, ќе бидат отворени на 12 март за да можат цивилите да заминат.

„Се надевам дека денот ќе помине добро, сите планирани рути ќе бидат отворени и Русија ќе ги исполни своите обврски за гарантирање на режимот за прекин на огнот“, рече Верешчук во видео обраќањето.

Но, гувернерот на регионот Киев рече дека борбите и заканите за руски воздушни напади продолжуваат за време на обидите за евакуација. Извештаите велат дека украинскиот воен аеродром јужно од Киев бил цел на руски ракети.

Градоначалникот на Василков рече дека нападот ја уништил пистата и складиштето за гориво и дека предизвикал експлозии во продавница за муниција.

Руските сили гранатираа џамија во јужниот украински пристанишен град Мариупол, каде што биле засолнети повеќе од 80 возрасни и деца, вклучително и турски државјани, соопшти украинското Министерство за надворешни работи денеска.

„Џамијата на султанот Сулејман Величествениот и неговата сопруга Роксолана (Хурем Султан) во Мариупол беше гранатирана од руските сили“, објави Министерството за надворешни работи на Твитер.

„Повеќе од 80 возрасни и деца се кријат таму од гранатирањето, вклучително и државјани на Турција“, се наведува во објавата во која не е наведено дали има загинати или повредени луѓе.

Во Мариупол се уште нема начин да се реализираат обидите да се внесе храна и вода и да се евакуираат заробените цивили. Хуманитарната канцеларија на Обединетите нации соопшти дека луѓето заробени во Мариупол се очајни.

„Постојат извештаи за грабежи и насилни конфронтации меѓу цивилите поради малку основни резерви во градот“, соопшти Канцеларијата за координација на хуманитарни прашања на 12 март.

„Лековите за болестите кои се животозагрозувачки се при крај, болниците се само делумно функционира, а храната и водата се во недостиг“.

Бројот на загинати во Мариупол надмина 1.500 за 12 дена од нападот, соопшти кабинетот на градоначалникот. Гранатирањето ги принуди екипите да престанат со копање ровови за масовни гробници, така што „мртвите не се ни погребуваат“, рече градоначалникот.

Смртоносниот напад на породилиште во градот оваа недела предизвика меѓународен гнев и обвинувања за воени злосторства. Светската здравствена организација потврди дека имало 29 напади врз здравствени установи во Украина, кои резултираа со 12 смртни случаи, меѓу кои двајца здравствени работници, а 34 лица беа повредени.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Животот во Мариупол под опсада, без вода, струја и храна

Украинските власти ја обвинија Русија дека со гранатирање од тешка артилерија оштетила болница за лекување на болни од рак и неколку станбени згради во јужниот град Миколаев. Главниот лекар на болницата, Максим Безносенко, рече дека неколку стотици пациенти биле во болница за време на нападот, но дека никој не загинал. Во нападот е оштетена зградата. Руските сили ги засилија нападите врз Миколаев, кој се наоѓа на 470 километри јужно од Киев, во обид да го опколат градот.

Во меѓувреме, жителите на југоисточниот град Мелитопол одржаа протести за да побараат слободување на градоначалникот на градот, откако видеото од надзорните камери покажа дека тој изглегол од градското собрание, очигледно опкружен со руски војници. Официјални лица на 11 март рекоа дека градоначалникот на Мелитопол, Иван Федоров, бил киднапиран од руските сили, откако бил обвинет за тероризам. Зеленски го нарече киднапирањето „нова фаза на терор“.

Протести во Мелитопол за ослободување на градоначалникот


Украинскиот претседател кажа и дека разговарал со германскиот канцелар Олаф Шолц и со францускиот претседател Емануел Макрон да се направи притисок врз Русија да го ослободи градоначалникот на Мелитопол.

На терен, силите на Кремљ се чинеше дека се обидуваат да се прегрупираат по силниот отпор со кој се соочија во изминатите две недели од кога почна руската инвазија. Британското Министерство за одбрана на 11 март соопшти дека Русија се обидува да ги ресетира позициите на своите војници, подготвувајќи се за операции кон Киев. Според последните информации од денеска борбите северозападно од главниот град продолжуваат, а градовите Харкив, Чернихив, Суми и Мариупол остануваат опколени и под силно руско гранатирање.

Видете и ова: ЕУ и САД со нови санкции против Русија „за поголема изолација“ поради нападот врз Украина

Во нападот од повеќе фронтови на Киев, се чини дека Русите напредуваат од североисток, рече претставник на американската одбрана, кој сакаше да остане анонимен. Во меѓувреме, американскиот претседател Џо Бајден рече дека во согласност со групата богати нации Г7, Вашингтон ќе го отповика статусот на Русија за „постојани нормални трговски односи“, за да го казни претседателот Владимир Путин поради неговата инвазија на Украина.

„Слободниот свет се здружува за да се соочи со Путин“, рече Бајден.