Поранешниот претседател на Сојуз на средношколци, Бленди Ходаи, кон крајот на 2019-та година, за РСЕ изјави дека во првите две години од постоењето на Сојузот, не успеале да воспостават комуникација со Министерството за образование и наука. Истакна и дека надлежните не сакаат да состаноци со средношколците, а ја немало ниту поддршката од училиштата за ученичките иницијативи.
Како е во 2022?
Актуелниот претседател на Сојузот на средношколци, Луќа Павиќевиќ, кој е на функција последниве осум месеци, вели дека трендот е добар, но има простор за продлабочување на соработката.
„Имаме воспоставена комуникација со МОН и периодов се обидуваме да ја направиме таа комуникација редовна. Имавме состанок пред почетокот на второто полугодие, а сега сакаме да имаме редовни состаноци, да кажеме еднаш месечно, со Министерот. Во моментов се обидуваме да обезбедиме фиксен датум. Сакаме и да ја зголемиме соработката со локалните самоуправи. Добивме покана и за номинација на наши претставници во Градскиот совет за превенција од детско престапништво при град Скопје“, изјави Павиќевиќ за РСЕ.
„Возот тргна“
„Не само што работите мрднаа од „мртва точка“, туку Сојузот на средношколци и со претходното и со сегашното раководство навистина ја смени целата клима и медиумски и институционално, со тоа што имаме многу работи направено со директно вклучување на средношколските претставници. Кога зборуваме за соработката со институциите, секогаш станува збор за една битка. Бидејќи тие како институции се трајни и ќе бидат тука засекогаш, додека ние како ученичко движење и ученичко тело, секогаш треба да се докажуваме и на средношколците и на јавноста - дека сме релевантни, дека имаме прашања, решенија и предлози. Ние го носиме тоа бреме, како да ги убедиме институциите да нè послушаат“, додава Павиќевиќ.
Павиќевиќ вели дека ако има расположение за „борба“, ќе има и резултати.
„Институциите нè есапат нас колку што ние сакаме тие да нè есапат, односно ако ние повеќе притискаме, ако ние повеќе се залагаме, ако ние бидеме погласни, тие мораат да не слушаат. Ако ние попуштиме, тогаш и тие ќе попуштат“, вели претставникот на македонските средношколци.
Што ги мачи средношколците?
Лидерот вели дека со црвено мора да се подвлече менталното здравје на средношколците.
„Иако како држава на хартија имаме екипирана стручна служба во секое средно училиште што ја сочинува педагог и психолог, сепак ја знаеме сите вистината - дека таа служба наместо да се посветува на менталното здравје на учениците, за жал или е приморана да работи административна работа и на некој начин да биде како асистент на училишниот директор, или пак, да се користи само како некаков казнен механизам. Моментално сме во преговори со експерти за ова прашање, за да оформиме една иницијатива со која ќе се промовира нов модел за работа на училишните психолози, каде секој ученик би имал право да си закаже индивидуална сесија со психологот“, потенцира лидерот на средношколците.
Видете и ова: КОВИД-19 силно удри по менталното здравје на младитеГо истaкнува и барањето на праведен автобуски превоз, а како проблем го посочува и недостатокот на опции за учениците кои се повеќе заинтересирани за општествените и хуманистичките науки, наспроти оние што повеќе ги влечат на пример природните науки, па Сојузот сака да предложи отворање на две нови училишта - општествено-хуманистичка гимназија и јазична гимназија во Скопје.
Решенија во најава
„Тоа беа проблемите на средношколците кои ги афектираат директно, а кога зборуваме за комуникација со институциите и институционална соработка, можам да го издвојам и вториот најголем проблем, според мене и според мојот тим, а тоа е отсуството на демократски избрани ученички тела. Така што во периодот пролет-лето, до крајот на оваа учебна година, Сојузот интензивно работи да го финализира предлог-законот за средношколско организирање, кадешто за прв пат во македонксата историја ученичките тела ќе бидат законски регулирани, меѓутоа ќе се воведат и други реформи, како на пример, сите ученици демократски да си го избираат претседателот на ученичкиот совет. А понатаму, што е многу важно, до јуни планираме и тој закон да ја помине собраниската постапка“, вели Павиќевиќ.
Што го обесхрабрува лидерот?
„Најмногу ме обесхрабрува тоа што, историски гледано во нашата земја, особено по независноста, се случува нешто да биде само „мртво слово“ на хартија. Тоа треба сите колективно да го запреме. Зошто? Бидејќи џабе ни е нам најлиберрално, најубаво напишаниот Устав којшто најмногу ќе ги брани нашите демократски права и слободи, ако граѓаните на оваа држава не го живеат словото на тој Устав и на тој закон во нивниот дух, ако тоа не е дел од нивниот карактер и од нивната култура на однесување. Затоа и се плашам дека сите иницијативи што ги преземаме моментално, дека по некое време, по 10, по 20 години, повторно ќе бидат само „мртво слово“ на хартија. Бидејќи институциите како сили какви што се, едноставно и нив, би им одговарало тоа да се случи, меѓутоа повеќе ме плаши тоа ако дозволиме ние како средношколци да станеме пасивни и тие решенија да станат „мртво слово“ на хартија“, истакнува средношколскиот лидер.
Затоа Павиќевиќ, како што вели, се надева дека она што го прави Сојузот изминативе години, ќе влијае на самиот дух на граѓаните и на средношколците како група, за да знаат дека ова ние што го прават тие им следува, а не дека е нешто специјално.