Киев денеска се спрема за непосреден руски напад, откако напаѓачките сили стигнаа до периферијата на главниот град на Украина. Украинското Министерство за одбрана им порача на жителите да прават молотови коктели за да ѝ помогнат на армијата да ги „неутрализира“ руските напаѓачи.
Истрели се слушаат во близина на владиниот кварт во Киев, а украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека руските сили напаѓаат цивилни области додека напредуваат со војска и тенкови.
Има извештаи за судири меѓу украинските сили и руската војска во северните предградија на Киев.
Украинската армија во меѓувреме се позиционираше со тешка воена опрема во Киев за да го брани главниот град.
Видете и ова: Жителите на Киев во засолништа бараат спас од рускиот напад„Градот е во режим на одбрана“, рече градоначалникот Виталиј Кличко.
Престрелките и експлозиите во некои делови од градот значат дека руските саботери се средени, рече тој.
Зеленски - Украина сама се справува со руските напади
Претседателот Зеленски рече дека неговата земја „сама“ се справува со руските напади. Тој бара поголема помош од Западот, велејќи дека досегашните санкции против Русија не се доволни.
„Најмоќните сили во светот гледаат од далеку. Дали вчерашните санкции ја разубедија Русија? Слушаме на нашето небо и гледаме на нашата земја дека тие не се доволни“, рече Зеленски.
Руските сили се приближуваат кон Киев од север и од североисток, соопшти украинската армија, со што се зголемија стравувањата за судбината на главниот град.
Русите се обидуваат да го „заобиколат“ северниот град Чернигив, откако нивните напади беа одбиени, за да го нападнат Киев, соопшти украинската војска на Фејсбук. Градот Конотоп источно од Киев веќе е под руска контрола.
Советникот во украинското Министерство за внатрешни работи Антон Херашченко на Телеграм напиша дека денеска ќе биде најтешкиот ден.
Киев претходно беше мета на руски ракетни напади. Утринава се огласија сирените за узбуна, а голем број граѓани во тримилионскиот град се засолнија во метро станиците.
На дипломатскиот фронт, пак, ЕУ подготвува санкции против рускиот претседател Владимир Путин и шефот на дипломатијата Сергеј Лавров. Радио Слободна Европа дознава дека била донесена одлука за замрзнување на средствата на Путин и Лавров во странство.
Лавров - Русија подготвена за разговори ако украинската армија се предаде
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Москва рече дека Русија е подготвена за разговори ако украинската армија се предаде. Тој инсистира дека инвазионите сили се обидуваат да ја ослободат Украина од угнетувањето.
Кремљ соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да испрати делегација во главниот град на Белорусија, Минск, на разговори со Украина.
Засега нема реакција од украинска страна.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Зеленски соопшти дека досега загинале 137 украински војници и цивили.
Според украинското Министерство за одбрана, во досегашните судири загинале над 1000 руски војници.
„Руските мајки ги испраќаат своите синови во сигурна смрт, зашто украинските вооружени сили ги држат линиите и ќе ја бранат својата земја против окупаторите“, се наведува во соопштението.
Руската страна, пак, тврди дека нема жртви.
Ниту едно од овие две тврдења не може независно да се потврди.
Зеленски рече дека знае дека руските војници доаѓаат по него, но вети дека ќе остане во Киев, исто како и неговото семејство кое е во Украина.
Русија го започна нападот врз Украина вчера, кога руските сили ја презедоа контролата врз нуклеарната централа Чернобил, каде што во 1986 година се случи најголемата нуклеарна катастрофа во светот.
Тешки борби се водат на југот на Украина, каде што руските сили влегоа од Крим, на исток, и на север, каде што руската војска влезе од Белорусија.
ЕУ соопшти дека Путин сака да ја уништи Украина и ги спореди неговите постапки со тие на нацистите во Втората светска војна.