Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден најави нови санкции против Русија по инвазијата на Украина, вклучително и замрзнување на средствата на големите банки и прекин на извозот на висока технологија во земјата.
„Ова ќе наметне високи трошоци за руската економија, и веднаш и со текот на времето“, рече Бајден на 24-ти февруари.
Тој додаде дека овие потези на САД се во координација со Европа и дека ќе ги блокираат водечките руски банки од американскиот финансиски систем и „ќе отсечат повеќе од половина од увозот на висока технологија во Русија“. Тој рече дека Русија започнала напад врз Украина, кој бил подготвуван со месеци.
„Путин е агресорот, војната започна и сега тој ќе трпи санкции“, рече американскиот претседател во говорот во четвртокот на 24 февруари, во кој и претстави санкции на Русија.
Видете и ова: Украина трпи „сериозни загуби“ по руската инвазијаРускиот претседател Владимир Путин нареди почеток на воената операција во Украина на 24 февруари рано наутро, а набрзо следеше првото гранатирање. Украина прогласи воена состојба.
ЕУ, САД и другите земји одговорија со санкции, додека САД и Велика Британија побараа од Советот за безбедност на ОН да дејствуваат заедно по одлуката на Путин.