Повеќе од 70 % од младите во регионот не се за опцијата онлајн настава, заклучува Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), по истражувањето спроведено меѓу студентите и учениците од Македонија, Србија и Албанија, во јануари годинава. Заеднички став на младите од трите земји е дека помалку од една третина од нив сакаат да продолжат онлајн, а другите се или за враќање во клупите или за комбиниран модел на настава.
Ставовите во проценти
Во Македонија 27 % сакаат да следат настава онлајн, 41 % се за клупа, а 32 % преферираат комбинирана варијанта. Само 14,6 % од младите во Албанија сакаат да учат онлајн, а 44% би избрале физичко присуство. На 41,4% најмногу им одговара комбинираниот модел. 21% од младите Срби, се за онлајн опцијата, 37% сакаат да учат од клупа, а за комбиниран модел се изјасниле 42%.
Според Бојан Кордалов, комуниколог и еден од авторите на анализата, пандемијата ги фатила неподготвени образовните системи во земјите од регионот и две години подоцна овие бројки недвосмислено покажуваат дека нема големи промени, ниту доволно вложување во градење доверба во новите технологии и методи за учење.
„И јас лично преферирам настава и обуки во живо, но потсетувам дека доколку не беше дигиталната технологија, многу ученици и студенти ќе останеа во пандемијата без завршена година, а дел од младите ќе мораа да го одложат своето дипломирање или магистрирање за 1-2 години. Сепак, технологијата овозможи до тоа да не дојде, односно сите да продолжиме во нови околности да учиме и работиме. Главниот предизвик останува квалитетот на наставата, а сите учесници во оваа онлајн анализа јасно укажуваат дека сакаат дигитални реформи, но според урнек и навики на учениците и професорите. Тоа значи дека нема простор за импровизација“, истакнува Кордалов.
Живот меѓу електронски уреди
Анкетата покажала и дека младите за време на пандемијата речиси двојно повеќе „виселе“на мобилен телефон, таблет или компјутер. Ако пред тоа, во просек само околу 40% од испитаниците поминувале онлајн до три или над три часа на ден, за време на пандемијата, двојно повеќе или над 80% од младите во овие земји се приклучени на интернет на некој од уредите во период од над три часа дневно.
Колку се посветиле наставниците и професорите?
Поделено е мислењето за квалитетот на онлајн наставата, како и за подготвеноста на наставниците и професорите за настава во новите услови, покажуваат резултатите од истражувањето. И во двете категории голем процент млади велат дека наставата била неквалитетна, а професорите - неподготвени, а највисока оценка 5, дале нешто над 20% од испитаниците.
Најнезадоволни се младите во Албанија каде над 40% им дале просечна или ниска оценка на професорите, а само 10% рекле дека тие добро ја извршувале онлајн наставата. Младите Македонци и Срби имале најмногу поделени мислења по ова прашање. Речиси 30% сметаат дека професорите не биле подготвени за онлајн настава, а исто толку го оцениле наставниот кадар со петка.
Колку труд вложиле учениците и студентите?
Учесниците во истражувањето рекле дека не се многу задоволни ниту од сопствениот труд, ниту од наученото онлајн. Најсамокритични се младите Албанци. Меѓу нив, речиси 48% не се задоволни од стекнатото знаење, а над 47% од младите во Македонија и Србија дале повисоки оценки во оваа категорија.
Кордалов вели дека нема враќање назад од процесот на дигитализација, и додава дека пораката на младите е многу јасна - велат сакаме назад во клупите, но во современо образование.
„Истовремено, учениците и студентите бараат избор – тие да одлучат дали и кога ќе бидат дел од физичка, а кога дел од онлајн настава. Можеби на повозрасните генерации ова им звучи чудно или неизводливо, но времето во кое денес се функционира е „по своја мерка“ или „on demand“, потенцира Бојан Кордалов.
Видете и ова: Дигитализацијата во образованието-приоритет и за новиот министерПозитивни аспекти на онлајн настава и препораки на младите
Покрај забелешките, младите ги истакнале просторот за подобро менаџирање на времето, флексибилноста во следење на настава и стекнувањето на нови ИКТ (Информациско-комуникациски технологии) вештини кај сите вклучени во процесот, како позитивни аспекти на онлајн наставата.
Младите во истражувањето рекле дека за подобра настава и онлајн е потребна подобра едукација и подготвеност на професорите. Ја истакнале и потребата од поголема интеракција со учениците, подобрено искористување на алатки за учење - мисловни мапи, дијаграми, презентации и користење на различни дигитални алатки со цел материјалот да биде пренесен на поинаков начин дури и при настава во живо. А дел од нив предложиле и да се снимаат предавањата и снимениот материјал да биде достапен за сите.
Ова онлајн истражување беше спроведено во перидот помеѓу 20. и 31. јануари 2022 година, со над 500 млади луѓе од трите земји, а во соработка со ИДУЕП и Форумот за образовни промени – ФОП како партнерска организација. Од ИДУЕП велат дека резултатите и сите добиени предлози ќе бидат интегрално доставени до државниот врв и владите од земјите на Иницијативата „Отворен Балкан“ – Србија, Албанија и Македонија.