Повеќе бастуни од колевки во Пелагонискиот регион

Битола

Во Пелагонискиот Регион во 2020 година имало двојно повеќе умрени од родени лица, покажуваат податоците што ги објави Заводот за статистика поврзани со демографските состојби во публикацијата „Регионите во Република Северна Македонија“.

Пелагонискиот регион, кој опфаќа девет општини, меѓу кои и Битола и Прилеп, кои се вбројуваат меѓу најголемите во земјава, е прв по број на умрени според податоците до 30 јуни 2020 година, а по новородени бебиња втор од назад од осумте регионални целини. Тоа е показател дека овој регион иако главниот снабдувач со храна и електрична енергија во земјава, бидејќи тука е најголемо производството на жито, млеко и струја, а и е и универзитетски центар, сепак никако да запре процесот на иселување на населението, а со тоа следствено и на стареење.

Според објавените податоци, бројот на умрени на илјада жители е највисок во Пелагонискиот Регион и изнесува 16,6, а пред него се сите останати седум региони Вардарски, Источен, Југозападен, Југоисточен , Скопски , Полошки и Североисточен. Двојно помал е бројот на бебиња донесени на свет од умрени лица, на илјада жители и изнесува 7,9. Помалку бебиња има само Источниот регион кој има за 52.000 жители помалку од Пелагонискиот.

Видете и ова: Додека земјава ја тресе иселеничка треска, битолчани се враќаат во Мариово

Битолчани со години алармираат на депопулацијата на населението.

„Егзодусот интелектуален кој ни се случува е страшен. За него вистински одговор засега не гледам во нашето општество. Тоа продолжува до недоглед.“

„Со овој горлив проблем се соочуваме сите во државата, но и другите балкански држави. Со укинувањето на визите за европските земји, се отвори европскиот пазар на кој секој со своето образование може да конкурира.“

„Прво тука почнуваат да барат работа, а откако ќе видат дека нема според струката, заминуваат во странство. Овде кај нас можеш да најдеш работа само со минимална плата.“

„Греота е завршиле факултети, а немаат работа.“

„Не можат да се оженат, омажат без работа.“

„Секојдневно се соочуваме со такви поединци кои заминуваат со карти во еден правец, многу е жално и многу е тешко“, велат битолчани.

Пелагонискиот регион е меѓу првите во земјава со висок индекс на стареење, а исто така меѓу оние до најнизок природен прираст. Заедно со Источниот регион го заземаат првото место во Македонија по население на возраст над 65 години. По младо население до 14 години, Пелагонискиот Регион е шести меѓу осумте. Заедно со Источниот се двата региони со највисока просечна старост кај жителите.

Битола, која е дел од Пелагонискиот Регион, градот на клавирите, културата, конзулите, серенадите денес е со повеќе бастуни отколку колевки. Таа има печалбарска традиција, но вакви поразителни податоци, иако се дел од мозаикот, не се паметат досега.