За купување новогодишни пакетчиња се потрошени 72.000 евра, иако се очекува сумата да достигне и поголема вредност имајќи предвид дека некои државни институции сѐ уште ги немаат објавено договорите и вредноста на потрошените пари за оваа намена, соопшти денеска Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), објавувајќи ги резултатите од истражувањето и базата на податоци на трошоците на државните институции за новогодишни пакетчиња за Новата 2022 година.
„Тендери за купување пакетчиња за новата 2022 година имале 20 институции, додека други 37 институции купиле пакетчиња без примена на Законот за јавните набавки бидејќи вредноста на набавките била помала од илјада евра – колку што изнесува вредносниот праг под кој што не важи Законот за јавните набавки“, се наведува во соопштението.
Според ЦГК, најмногу пакетчиња, 3.274, купила Општина Кавадарци, иако со пониска поединечна цена, а потоа е Општина Прилеп со 3.030 пакетчиња.
„Најскапи пакетчиња, како и претходната година, и сега купила Општина Новаци, по 1.377 денари за едно пакетче. Вкупно најмногу пари за пакетчиња, пак, потрошил Град Скопје – 10.000 евра. Просечната цена која институциите ја платиле за едно новогодишно пакетче изнесува 566 денари“, покажуваат резултатите од истражувањето.
На дури 68 % од тендерите за набавка на новогодишни пакетчиња била добиена само по една понуда. Вкупниот износ на парите потрошени за пакетчиња за Новата 2022 година е малку повисока од онаа што беше потрошена за ланската 2021 година.