Политиките за вработување се дел од социјалните политики и социјалниот систем кој го има една држава. За успешна креација и имплементација на ваквите политики, особено во време во кое се случува брза трансформација на пазарот на труд, дигитализација и модернизација но и се чувствуваат ефектите кои се предизвикани од пандемијата потребно е да се воспостави цврст меѓусекторски пристап кој ќе обезбеди поддршка на секоја една индивидуа која самостојно не може да се вклучи на пазарот на труд, притоа фокусирајќи се на ранливите категории и на младите лица. Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија е одговорната институција која треба да се грижи за планирање, имплементација и поддршка на овие лица при нивното вклучување на пазарот на трудот.
Токму затоа, Државниот завод за ревизија низ своите годишни програми повеќе пати има извршено ревизија на АВРСМ, но и меѓународна паралелна ревизија на тема „Работната сила 2030 – Дали е вашата земја подготвена?“, од која покрај нас дел се ревизорски институции од Израел, Финска, Италија, Полска, Бугарија, Јужна Кореја и Европскиот суд за ревизија. Низ овие извештаи нотирани се неколку клучни предизвици односно отсуство на анализи и критериуми врз база на кои се креираат мерките и програмите, отсуство на систем за финансирање на мерките и програмите кој ќе се базира на критериуми, административни процедури кои влијаат на транспарентноста и интересот и недостаток на мониторинг и евалуација.
Отсуство на критериуми и сеопфатни анализи како основ за планирање на програмите, мерките и услугите за вработување
Активните програми, мерки и услуги за вработување утврдени со оперативните планови на годишно ниво треба да се фокусирани кон подобрување на функционирањето на пазарот на трудот преку создавање и поддршка на креирање на нови работни места, зголемување на вработеноста на невработените лица, особено на младите и на корисниците на право на парична помош од социјална заштита. Сепак, доколку се разгледаат оперативните планови за активни мерки и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот (ОП), неизбежен е заклучокот дека програмите, мерките и услугите се пресликуваат од година во година, без притоа да постои анализа (барем не јавно достапна) каков ефект имале истите, колкава е нивната успешност и какво било нивното влијае врз пазарот на трудот и врз невработените лица.
Видете и ова: Зошто се важни студентските собранија?Единствената анализа за успешноста на планираните мерки од оперативните планови ја релизира Државниот завод за ревизија како дел од својата годишна програма, во далечната 2015 година со наслов „Ефикасност на на политиките и активностите за вработување на млади лица од 20 до 29 години, предвидени во програмата за субвенционирање на вработување и во програмата за обука со субвенционирање на вработување“.
Во овој ревизорски извештај се опфаќаат мерките обука на работно место со субвенционирано вработување и обука кај познат работодавач со субвенционирање, а со цел да се даде одговор на прашањето дали мерките од оперативните планови обезбедуваат задоволително ниво на вклучување на младите лица. Извештајот нотира дека е забележано ублажување на младинската невработеност преку овие две мерки, но дека е потребно да се работи на транспарентност на критериумите и условите од јавните огласи за мерките, воспоставување на контрола и ажурна евиденција.
Со цел креирање на соодветни мерки и политики, како и разработка на методологија за финансиско планирање на мерките, потребно е АВРСМ да подготвува и публикува јавен извештај за реализацијата на оперативните планови, постигнатите ефекти и успешноста на мерките. Овие анализи ќе ја унапредат работата на агенцијата, но ќе помогнат и за соодветно планирање на средствата кои донаторите ги вложуваат во државата.
Ова ќе одговори на две области нотирани како слаба страна во извештајот на Државниот завод за ревизија фокусиран на владино планирање: ефективност на владините мерки за справување со ризиците на пазарот на трудот и начинот на имплементирање на средствата за надминување на истите, а тоа се: отсуство на утврдени критериуми и сеопфатни анализи како основ за планирање, креирање на програмите и мерките за вработување и услуги на пазарот на трудот и имплементација на истите и неусогласеност на вештините на младите со потребите на пазарот на трудот.
Отсуство на критериуми за распределба на финансиските средства по програми, мерки и услуги за вработување
Со оглед на тоа што со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност не е регулирано кој е носител на Оперативниот план и и начинот на распоредување на финансиски средства, воспоставена е пракса на работа каде АВРСМ е вклучена само во реализација на мерките и услугите, додека МТСП го врши планирањето и распределбата на средствата е еден од клучните наоди кои стојат во ревизорскиот извештај на Државен завод за ревизија за успешноста на владините мерки за пазар на труд. Ова значи дека постои минимална флексибилност при распределбата на средствата во текот на годината доколку има зголемен интерес за одредена мерка, а речиси никаков интерес за друга мерка.
Видете и ова: Во младите е вистината!Дополнително, отсуството на критериуми за распределба на средствата по програми значи дека програмите не се креираат на веќе однапред утврдени методологии и анализи на состојбата на пазарот на трудот што дополнително придонесува кон тоа мерките да не се искористуваат или да не го исполнуваат очекуваниот ефект. Ваквата поставеност не дозволува флексибилност на АВРСМ за брзо репрограмирање на оперативните планови и буџетите во ситуации кога е потребна нивна пренамена за да одговараат на брзата флуктуација на потребите на невработените и на пазарот на труд. Промените на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност се вистинската можност овој предизвик да се реши преку нова регулатива која ќе соодветствува на реалните потреби.
Олеснување на административните процедури и пристапот до услугите на АВРСМ како и вклучување на корисниците во процесот на креирање на програмите
Според членот 59-а од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, „невработеното лице е должно лично да се јавува во Агенцијата на секои 30 дена и да докаже дека активно барало работа во последниот месец, а друго лице кое бара работа на секои шест месеци“ во спротивно не би можело да користи мерки, услуги и програми на Агенцијата. За да нема вакво исклучување на потенцијалните корисници кои нема да успеат физички да се регистрираат (поради непристапност на канцелариите, неможност за патување, болест итн) треба да се воведат алтернативни механизми за регистрација и потврдување на статусот на активен барател на работа во АВРСМ, кои би го надополниле начинот на месечно пријавување, со цел лицата да не бидат обврзани лично да ги посетуваат центрите за вработување на секои 30 дена. Ваквата иницијатива Националниот младински совет на Македонија активно ја застапува, со цел олеснување на пристапот до услугите на АВРСМ на младите лица. Вклучување на НЕЕТ лицата, младите и другите корисници во програмирањето и креирањето на програмите, како и олеснување на процедурите за мерките (нивна потенцијална дигитализација) ќе придонесе кон зголемување на бројот на правни субјекти и лица кои би се вклучите во програмите, но и ќе овозможи соодветно креирање на мерки и услуги кои ќе одговараат на потребите на корисниците.
За крај, креирање на соодветни алатки за комуникација на секоја од мерките, во согласност од таргет групата за која е наменета ќе придонесе кон зголемување на опфатот преку мерките, запознаеност на ранливите групи и младите со работата на АВРСМ и потенцијално ќе ја зголеми успешноста на мерките на Агенцијата. Воспоставување на структура со претходно утврдени методологии, критериуми, процедури и персонализирани начини на комуникација се еден од механизмите за обезбедување на ефективни и реални програми, мерки и услуги за вработување. Особено важно е да се воспостави и систем на мониторинг и евалуација на програмите, мерките и услугите за вработување врз база на што може да се базира целосното работење и планирање на оваа Агенција.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.