„Светот останува на младите!“ – изрека која е честа во жаргонот на „возрасните“, а која со нејзиното постојано користење, добива сè помало значење. Изреката која ветува иднина, а и треба да бодри и поттикнува надеж кај младите. Покрај нејзината намалена функција, каков свет навистина им останува на младите?
Еден од столбовите на мирот, е високото ниво на човековиот капитал, со особен акцент на грижата за младите и нивна политичката партиципација. Наративот на „светот останува на младите“, е дека светот ќе припадне... некогаш и некаде, во некое идно време. Зошто не сега и денес?
Неопходност е младите да бидат вклучени во социо-политичките процеси, кои се случуваат денес. Со таква инклузија, би се добила јасна слика за политичкиот и општествениот систем во целина, без да постојат небулози и нереални слики за општествените процеси. Младите во тој контекст, е клучно да учествуваат во креирањето на јавното мислење и јавната дебата за сите прашања.
Во тој случај отпаѓаат и популистичките тенденции, за политичкиот систем, да се прикаже како корумпиран и непристапен, та да треба само насилно и радикално да му се пристапи. Ова го потврдува самиот факт што доволен дел од младите, сметаат дека е потребна „цврста“ рака, за да се решат општествените проблеми.
Вклученоста на младите, овозможува креирање на ментален склоп и општествена атмосфера на активно и креативно креирање, наместо аморфно и реактивно делување.
Бенефит од млади кои се заинтересирани и активни денес, може да видат и носителите на одлуки. Младите би биле сè позастапени со нивните барања и интереси, а со тоа би се олеснил и процесот на комуникација помеѓу политичарите и младите. Со ова се ублажува тенденцијата на одливот на мозоци и човечки капитал, бидејќи секој млад човек, повеќе би се чувствувал позитивно околу своето место во општеството.
Во насока на креирање на вредности за едно одговорно и граѓанско општество, голем дел од младите не се интересираат за политичките процеси и ретко се обидуваат да најдат решение за некој проблем кој ги тангира. Оваа состојба е поттикната од дискриминацијата на младите и младинското неискуство, што претставува влезна точка за непрекинат циклус на социјално исклучување, односно губење на социјална кохезија, исклученост и ограничување во однос на пазарот на трудот, материјално лишување и сиромаштија, а понатаму и ниски животни можности.
Оставајќи простор на младите да придонесат со својата енергија, како категорија која има поголеми и пошироки социјални мрежи, поиновативен пристап кон преносот на идеи и платформи, ќе овозможи пронаоѓање и етаблирање на капацитети и решенија на проблеми кои се универзални за целото општество, како сиромаштијата, невработеноста, пристапот и можностите за вработување, животниот стандард, општествено одговорно дејствување на чинителите...
Оставањето простор, младите денес да учествуваат во променувањето на светот, создава можност, младите да се изградат како лидери и носители на промени, па и да поттикнат лична промена кај нивните врсници и останатите членови на нивната околина.
Денешниот брз свет на промени и на движења, кога се ставени под знак прашалник и најконвенционалните и најконзервативните општествени системи, како образовниот, не им останува баш сјаен свет на младите. Само ако придонесат во креирање на свеста и реалноста денес, ќе остане поубава иднина на идните генерации. Затоа што светот ќе остане на младите, но дали младите ќе останат за светот?
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.