Четириесет години од отворањето на РЕК „Битола“, битолчани живеат со идејата градот да се затоплува со топлинска енергија од комбинатот. Дури деновиве започна пробивањето на трасата за изградба на топловод, при крајот на работниот век на РЕК. Од раководството на ЕСМ велат дека и кога РЕК нема да произведува струја на јаглен, односно првиот блок ќе се исклучи до 2024 година, ќе биде заменет со когенеративна гасна електрана за производство на електрична енергија и за топлификација на Битола.
Видете и ова: Битола ќе се гасифицира, топлификацијата нереалнаБитолчани се надеваат дека проектот ќе се реализира до крај зашто деценија и половина се најавува од различни политички партии.
„Што поскоро да се постави топловодот од РЕК за Битола, одамнешна желба е на битолчани, откако се градеше РЕК да се направи топлификација. Луѓето нема да се греат на дрва, да се загадува воздухот.“
„Важно е изградбата да продолжи да не застане, да се реализира до крај проектот, со потребната брзина и интензитет“, велат битолчани.
И во изминатите години имаше обиди за топлификација на Битола, но безуспешни. Пред деценија и половина, тогашната локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ го раскопа Булеварот во Битола, постави цевки и проектот заврши. Подоцна во времето на Никола Груевски беше извршена реконструкција на турбините на два термоблока за регулираното одземање на пареата и проектот пак запре. Сега пробивањето на трасата го прави сегашното раководство на ЕСМ, на чие чело се кадри на СДСМ. Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски образложи зошто проектот беше закочен.
„Така како што беше смислен и поставен од страна на претходната власт беше економски неисплатлив и еколошки непроменлив. Претходно немаше стратегија што со топлификацијата кога РЕК Битола веќе нема да произведува струја од јаглен. Сега имаме решение - замена на дел од капацитетот на РЕК со когенеративна електрана на гас, која ќе произведува електрична и топлинска енергија. Имаше нерешени имотно-правни односи, сега ги решаваме со експропријација. Претходно беше предвидено да има потстаница за догревање на влезот во Битола која ќе работи на мазут, што е недозволиво. И тоа го решивме, сега ќе има потстаница на природен гас“, објасни Ковачевски.
По официјалното трасирање, деновиве Мицкоски на својот Фејсбук профил напиша дека нема да критикува кога нешто се гради.
„Напротив, ќе го пофалам почетокот на изградбата на системот за топлификација на Битола, Могила и Новаци, кој ќе користи топлинска енергија од РЕК Битола, проект на кој макотрпно се работеше уште од времето кога управував со ЕЛЕМ. Жалам што повеќе од четири години овој проект беше во фиока, а досега требаше да биде изграден“, напиша тој.
Првично 35 институции од градот ќе бидат поврзани на топловодот, а потоа мрежата ќе се проширува. Битола подолго време нема парно греење откако пропадна битолска топлификација која обезбедуваше греење на мазут на повеќе станбени единици.