Политика, абортуси и климатски промени
ПОЛСКА - Полските групи за правата на жените повикаа на дополнителни протести денеска, во знак на револт поради смртта на една жена на која и беше одбиен абортусот според забраната за абортус во земјата. Жената, која почина во септември, беше бремена во 22 недела кога отишла во болница, поради истекување на плодовата вода.
БИХ - Претставниците на американската и европската дипломатија Метју Палмер и Анџелина Ајхорст ќе се вратат во БиХ во средината на ноември за да посредуваат во преговорите за измените на изборниот закон, објавија денеска локалните медиуми повикувајќи се на неименувани извори во Министерството за надворешни работи на БиХ.
ЛИБАН - Најстариот либански дневен весник на англиски јазик, Дејли Стар, ги отпушти сите вработени, со што стана последната жртва на кризата со печатените медиуми во земјата. Вработените во овој дневен весник преку електронска пошта до која имала пристап агенцијата АФП, биле предупредени дека одлуката за отказ важи од 31 октомври.
МАКЕДОНИЈА - Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи и портпарол на ДУИ, за албанската телевизија Њуз 24 истакна дека на државата не и требаат предвремени избори, бидејќи земјата ќе влезе во политичка криза. Тој изјави дека ДУИ и тој како прв министер Албанец за надворешни работи, ќе продолжат да го одржуваат евроатлантскиот курс, кој е од витално значење не само за земјата, туку и за регионот.
УКРАИНА / СРБИЈА / УКРАИНА - Сфаќајќи ја сложеноста на ситуацијата во која се наоѓаат Србија и Унгарија, Украина е подготвена да понуди транзитна испорака на гас преку Украина до пријателските нации, соопшти денеска Амбасадата на Украина во Белград.
АВГАНИСТАН - Најмалку 15 лица загинале во две експлозии кои денеска одекнале недалеку од воената болница во центарот на Кабул, јави агенцијата Франс прес. Очевидци изјавија дека помеѓу двете експлозии имало и пукотници.
БУГАРИЈА - Според здравствените власти во Бугарија, 93,87 отсто од 310 починати од Ковид-19 биле невакцинирани. Во изминатите 24 часа има пријавено и 6.007 новозаразени. Како што јави дописникот на МИА од Софија, 1341 се новопримени во болниците во Бугарија, а 90,16% од нив не се вакцинирани. Дозите на вакцините против Ковид-19 кои досега се аплицирани во Бугарија се вкупно 2.874.721, од кои 14.545 се за последните 24 часа. Бројот на починати од почетокот на пандемијата коронавирусот е 24.309.
РУСИЈА - Русија се закани дека, како членка на Советот за безбедност на ОН, ќе стави вето на обновувањето на мандатот на мировната мисија ЕУФОР во БиХ поради назначувањето на Кристијан Шмит за висок претставник во таа земја, тврди германската новинска агенција ДПА, која се повикува на свои извори.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Учесниците на Светскиот самит за климата COP26 во Шкотска повторно ќе се соочат со старото прашање - дали светот може да се обедини и да се соочи со глобалното затоплување како заеднички непријател, пред да стане предоцна.