Повици за здружување, подадена рака, постизборни писма ...

Веднаш по завршувањето на првиот круг од локалните избори, партиите и коалициите го почнаа ловот по гласови на оние што испаднаа од трката. Едни повикуваат на здружување, други подаваат рака до сите, трети пишуваат писма. Целта ги оправдува средствата

Второто полувреме од изборната кампања почна со веќе стекнатото од првото полувреме, па по еднодневното „трезнење“ од славењето или тагувањето, како и анализите што се случи во првиот круг, учесниците во трката го продолжија својот пат кон целта наречена победа и земање на власта.

Без разлика дали славеле или тагувале, оние на кои им остана да трчаат уште едно полувреме тргнаа во лов по гласовите кои ги добиле тие што ќе одмораат во продолжението на кампањата.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара соработка со сите кои се против владата.

Видете и ова: До вториот круг ќе се ветуваат брда, долините доаѓаат гратис

„Повикувам на здружена опозиција. Заеднички до целта за подобра и нова иднина. Секоја наша разлика во опозиција е помала од заедничката цел да ја собориме оваа власт, за да Македонија оди напред со сите луѓе. Здружена опозиција на леви, центар и десни. Со една мисија- рушење на оваа влада“, повика Мицкоски.

Веднаш му одговори Димитар Апасиев, претседателот на „Левица“, кој со цитат од кубанскиот лидер Фидел Кастро одби формално коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ за предвремена пресметка со владеачкиот СДСМ.

„Не смее да има никакво коалицирање со партии кои имаат дамки во своето работење!КОАЛИЦИРАЊЕТО ЌЕ ЈА РАЗВОДНИ ИДЕОЛОГИЈАТА. Од тоа корист ќе имаат само нашите ривали“, напиша пратеникот на Фејсбук.

Апасиев претходно изјави дека е за коалицирање за пад на Владата, но не и преку формално коалицирање.

Истовремено и кандидатот на СДСМ за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов излезе со слична реторика како Мицкоски.

„Подавам рака до сите граѓани, политички партии и организации кои веруваат дека Скопје мора да продолжи да се развива и дека она што го почнавме треба да го завршиме, дека Скопје мора да остане град на граѓаните, град во кој граѓаните одлучуваат и дека Скопје не смее да се врати назад“, изјави Шилегов.

На неговата подадена рака се надоврза и лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој во постизборно писмо до членството, наведе дека е јасна пораката што гласачите му ја испратија на СДСМ во првиот изборен круг. Тој истакна дека партијата сега треба да постапува согласно таа порака.

„Јас и влада предводена од мене не може да продолжи ако градот Скопје и општините, урбани и рурални, одат назад, по сите основи“, рече Заев.

На овие „молби“ од СДСМ веднаш одговорија партнерите од нивната коалиција, кои како по договор се обратија со соопштенија во кои ја потврдуваат поддршката за владиното мнозинство.

Слично настапуваат и партиите на Албанците, кај кои фокусот е насочен кон тоа кој ќе ја освои власта во Тетово, па главнината од „силите“ им се сконцентрирани на таа битка.

„Вториот круг во Тетово се работи за Тетово веќе и тука секоја поддршка што ќе доаѓа од која било политичка партија, од невладиниот сектор или од академската јавност, е добредојдена и ние сме спремни да седнеме и разговараме како да се промени Тетово по вториот круг“, изјави Арјанит Хоџа, Генерален секретар на Беса.

Видете и ова: ЕК извештај-Северна Македонија умерено реформски посветена

Нивните ривали во Тетово, Демократската унија за интеграција го истакнуваат, според нив, значителното зголемување на бројот на гласовите во споредба со локалните избори во 2017 година, сметајќи дека ова е рефлексија на довербата во зелената агенда како најкреативна понуда на политичката сцена во земјата.
„Ги поканувам граѓаните масовно да излезат во вториот круг и да гласаат за кандидатите на ДУИ како и да ја дадат својата поддршка за кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов за градоначалник на Град Скопје“, рече портпаролот Бујар Османи.

Инаку, во вториот круг на локалните избори на 31 октомври главна битка ќе се бие во Скопје, а ништо помалку жестоко се очекува да биде и во Тетово, Куманово, Битола, Охрид...

На крајот наместо заклучок, осврт врз сите оние повици од јавноста и експертите дека партиите треба да се замислат поради пораката која им ја испратиле гласачите со тоа што на првиот круг бил забележан рекордно низок одзив.

Најверојатно дека се во право оние другите, кои мислат оти на партиите „баш им е гајле“ за таквата порака. Четири години власт си се четири години, без разлика дали нивниот кандидат ќе владее со 1000 или со 1300 добиени гласови.