Парламентарни избори за наследник на Меркел во Германија

Избори во Германија

Денеска во Германија се одржуваат избори за нов парламент, односно Бундестаг, кој треба да ја определи иднината на земјата, но и на Европа.
Анкетите покажуваат тесна трка за наследник на канцеларката Ангела Меркел која се пензионира по 16 години на власт. Нејзината коалиција ЦДУ/ЦСУ заостанува зад социјалдемократите (СДП), кои се помал партнер во актуелната влада.

Видете и ова: Меркел - од реформатор до канцелар во ера на кризи

Последните анкети покажуваат дека разликата меѓу нив е само неколку процентни поени, но сепак во маргината на грешка, а многу гласачи се неопределени.

Премиерот на Северна Рајна – Вестфалија Армин Лашет е кандидат за канцелар на конзервативната коалиција ЦДУ/ЦСУ, но од неговата номинација во јануари неговата поддршка паѓа.

Во изненадувачки развој на настаните, поддршката за кандидатот на социјалдемократите Олаф Шолц, министер за финансии и вицепремиер, летово се зголеми. Тој се претставува себе си како „кандидат за континуитет“ со оглед на тоа што е вицеканцелар во владата на Меркел.

Иако исходот на изборите е нејасен, повеќето набљудувачи очекуваат тројна коалиција, но не се знае кој ќе биде во неа.

Шолц рече дека ги сака Зелените во неговата влада, но исто така не исклучи вклучување на крајно левата Ди Линке (Левица), ако го надминат прагот од 5 проценти од гласовите да влезат во парламентот.

Шансите на Ди Линке за влез во владата се отскочна штица и за Лашет кој постојано ги предупредува гласачите дека Германија може силно да заврти во лево ако Германците ѝ дадат поддршка на СДП.

„Ако саката стабилност во Германија, ЦДУ/ЦСУ мора утре да биде на прво место“, рече тој на последниот настан во кампањата во неговиот роден град Ахен, заедно со Меркел.

Канцеларката рече дека Лашет е „градител на мостови“, кој направи многу за градење на европското единство.

Друга можна коалиција е продолжување на соработката на ЦДУ/ЦСУ и СДП, можеби заедно со Зелените или со пробизнис Слободните демократи (ФДП).

Меѓутоа, со години постои незадоволство во левичарски наклонетото младинско крило во СДП поради партнерството со конзервативците.

Зелените се на трето место на анкетите, а нивен кандидат за канцелар е Аналена Баербок. Се очекува тие да го зголемат бројот на пратеници и да влезат во владата.

Ако СДП победи, тие може да се обидат да формираат влада со Зелените и со ФДП, но аналитичарите велат дека таква идеолошки различна коалиција може тешко да се формира.

Крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) не е вклучена во коалициските пресметки и покрај рејтингот од 11 отсто, зашто сите партии одбиваат да соработуваат со нив.

Главни теми на изборите се климатските промени, пензиите, даноците, минималната плата, домувањето, образованието, здравството, миграциите и дигитализацијата.