Устоличен Јоаникиј на Цетиње во тензични услови

Јоаникиј и Профириј

Во тензични услови и бројни инциденти во манастирот во Цетиње беше устоличен митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј. Него го устоличи поглаварот на СПЦ Порфириј. Тие со хеликоптер беа донесени во Цетиње, оти патиштата беа блокирани од противници на устоличувањето.

Патријархот на Српската православна црква Порфириј утринава го устоличи митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј во Цетињскиот манастир.

Патријархот Порфириј порача дека мирот е попотребен од што било друго.

„Не сте овде да прашувате кој е кој и на кој народ му припаѓа. Овде сте да ги отапувате остриците и да спојувате мостови“, наведе Порфириј.

Јоаникиј рече дека поделбите се вештачки предизвикани.

Видете и ова: Цетиње ја вжешти атмосферата во Црна Гора и Србија

„Правевме се да ги нема и да ги отстраниме, но ќе ни треба доста време за тоа. Со доаѓањето и со тоа што ја споделивте со нас загриженоста по повод синоќешните настани покажавте голема љубов кон целиот народ на Црна Гора“, порача Јоаникиј.

Порфириј и Јоаникиј го напуштија Цетиње, како што и дојдоа со хеликоптер и со полициско обезбедување.

Полиција во Цетиње


Церемонијата во Цетиње ја следеа тензии меѓу Србите и Црногорците во Црна Гора. Манастирот го обезбедуваат полицијата и припадници на специјалната антитерористичка единица. На плоштадот пред црквата претходно полицијата употреби солзавец за да се справи со демонстрантите по што тие се повлекоа во околните улички. Полицијата уште на неколку локации употреби солзавец врз граѓаните кои протестираат против устоличувањето. Во инцидентите повредени се четири лица кои побарале помош во Општата болница во градот. Полициската Управа соопшти дека сеповредени и двајца полицајци.

Советот за граѓанска контрола на работата на полицијата наведе дека полицајците употребиле и гумени куршуми за растерување на демонстрантите.

Црна Гора - Еден од граѓаните учесници на протестот со повреди со гумени куршуми


Противниците на устоличувањето на Јоаникиј уште од вчера поставија барикади околу Цетиње со цел да спречат свештенството да дојде во манастирот. Утрово патријархот на Српската православна црква, Порфириј и митрополитот црногорско-приморски, Јоаникиј, со хеликоптер пристигнаа во манастирот Цетиње. Автобусите со свештеници кои беа на пат за Цетиње се вратија во Подгорица.

Во меѓувреме премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ објави дека е уапсен Веселин Вељовиќ, советник за безбедност на претседателот на државата поради немирите во Цетиње.
Вицепремиерот Дритан Абазовиќ објави видео на Твитер и напиша дека се гледа како Веселин Вељовиќ и група пратеници на ДПС го започнале нападот врз полицијата утрово.

Тензично во Цетиње во пресрет на устоличувањето на митрополитот Јоаникие


На устоличувањето на новиот митрополит на СПЦ во Црна Гора Јоаникиј во Цетињскиот манастир се спротивставија црногорските национални организации, локалната власти и најголем дел од опозициските партии, меѓу која и партијата на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.

За нив устоличувањето на Јоаникиј во Цетињскиот манастир значи навестување за „окупација“ на Црна Гора и воведување на земјата во „српски свет“. Тие со денови бараат чинот на устоличување да се изведе во кој било друг град во Црна Гора, само не во Цетиње, кој е културно-историски центар на Црна Гора.

Манастирот во Цетиње е седиште на црногорско-приморската Митрополија на СПЦ.