Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека промовирањето на досега сработените проекти не се предизборна кампања за локалните избори, законот не е прекршен и сакаат да им предочат на граѓаните нешто позитивно на што се работело за време на пандемијата.
„Законот јасно опишува кога е дозволено, кога не е дозволено. Ние го почитуваме законот. Сакаме да им предочиме на граѓаните нешто позитивно, затоа што психолошката траума влијае кај сите нас од пандемијата“, рече Заев.
Премиерот посочи дека тие не промовираат програми, не кажуваат што ќе направат туку само ги констатираат работите на кои Владата вложила труд и енергија. Тој рече дека објекти се отворале и пред шест месеци или пред една година, а не само пред избори.
Видете и ова: Независни 25 кандидати за градоначалници и 57 листи за советнициНа забелешката дека во минатото им забележуваа на претходните власти дека водат предвремени кампањи, а сега тие го прават истото, Заев рече дека кога СДСМ беа во опозиција тоа прашање беше вградено и регулирано во изборното законодавство.
„Денеска се знае кога имате право да пуштате објекти, а кога е тоа забрането, кога имате право да користите јавни ресурси, кога е апсолутно забрането. Казните се внесени во Изборниот законик“, рече Заев.
Премиерот и министрите во изминатите недели речиси секој ден се во посета на некој град или село, каде што ги промовираат проектите што ги сработиле. Локалните избори треба да се одржат на 17 октомври, а предизборната кампања трае 20 дена, односно треба да почне на крајот на месецов.