Пристигнаа првите читачи на отисоци нарачани за изборите

Првите 200 биометриски читачи пристигнаа во Македонија

Државната изборна комисија (ДИК) денеска ги презеде од германската компанија „Дермалог“ првите 200 уреди за биометриска идентификација на гласачи, т.н. фингер-принт читачи, кои ќе бидат употребени на претстојните локални избори. Во следниот период со овие терминали ќе се вршат обуките, а до 1 октомври треба да дојде и последната пратка и да се комплетира бројката на терминали и целосната дополнителна опрема.

„Прво ќе треба да се обучат обучувачи на тие избирачки одбори и поради тоа овие уреди ќе бидат полнети со фиктивни податоци од тие кои се присутни таму. Ќе се пробува како се ракува со нив за да може да бидат подготвени на денот на гласањето“, рече претседателот на ДИК Александар Даштевски.

Видете и ова: Независни 25 кандидати за градоначалници и 57 листи за советници


Тој најави дека следните четири пратки ќе бидат од по 950 терминали, како и дека во третата пратка ќе биде и софтверот за полнење и празнење на овие терминали, а како што рече, ќе бидат сукцесивно испорачувани во наредните четири недели, секоја недела по 950 со тоа што третата недела ќе дојде со таа пратка и софтверот.

Даштевски додаде дека земјава не направила пилот програма во неколку општини за да се тестира опремата, но рече оти се надева дека се било прецизирано во најмали детали за да не се појават проблеми на денот на изборите. На прашањето дали оваа опрема ќе придонесе да се зголеми довербата во изборниот процес кај граѓаните, тој истакна дека одлуката за нејзина употреба била токму од тие причини.