Димковска: Македонскиот јазик за мене е мојата дијаспора, мојата татковина и мојот дом

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Димковска - Нема да излеземе попаметни од пандемијата

Годината на преживување македонската писателка Лидија Димковска ќе ја помни по стихозбирката „Гранична состојба“ како „една од кулминативните точки на нејзиниот творечки опус“ и по двете големи и значајни поетски награди „Чаша на бесмртноста“ во Словенија и „Наим Фрашери“ во Македонија

Лидија Димковска, по безмалку три децении од деби објавата „Рожба“ и четири години од стихозбирката „Црно на бело“, еве ја повторно пред македонската публика со седмата поетска книга „Гранична состојба“. Делото го чинат три циклуса „Помеѓу утре и вчера“, „Распаѓање“ и „Човекот или човештвото“, а во воведот е забележан цитат од „Дијалог на полноќ“ од Блаже Конески каде се вели „Како се измеша веков косата да ти се крене!“.

На кои горливи прашања се обидовте да најдете одговори во „Гранична состојба“? Како почна и како беше испишана стихозбирката?

„Гранична состојба“ се случуваше и се пишуваше во многу гранични состојби, а граничните состојби ни се случија во време на пандемија, кога останавме затворени пред светот, пред себе си... но исто така отворени пред себе си, соочувајќи се со внатрешното битие, со сето она што сме како човечки битија, како луѓе. И јас некако се свртев повеќе овојпат кон поезијата и така се изнедрија песните од „Гранична состојба“.

Самиот наслов покажува дека песните од оваа книга се песни за смртта, за животот, за љубовта, за распаѓањето, за човекот, за човештвото. За сето она што е гранична состојба во нашето постоење. Терминот „гранична состојба“ се поврзува со филозофот Карл Јасперс којшто и го воведе воопшто и како термин во филозофијата и со којшто ги означува сите оние состојби во човековото постоење којшто не допираат и остануваат во нашето битие и пред сè се болни. Така што, во оваа година на пандемија, и јас се соочив со многу теми и мотиви пред сè на распаѓањето на светот не само како што го познававме, не само на животот каков што го знаевме, туку и воопшто дали е можно да се изгради нешто врз таа основа. Врз основа на она што се распаднало. И, се уште не знам дали е можно, меѓутоа се обидов преку моите песни да дадам одговори на некои од овие горливи прашања. И, како што добро потенциравте навистина светов се измеша и се измести од сопствената оска, како што би рекол можеби Блаже Конески, а сите ние тоа го почувствувавме не само во локалните средини туку воопшто на глобално ниво и едноставно не можевме да ги затвориме очите пред сето тоа што ни се случуваше и што сеуште ни се случува. Така што иако е завршена „Гранична состојба“ и постои во физичка форма во вид на книга, таа продолжува и понатаму и најверојатно ќе најде нов облик во некое идно книжевно дело.

Видете и ова: Измислување на слободата во време на пандемија 


Ќе не направи ли времево во кое живееме со сите негови премрежиња поотпорни и по подготвени за она што не демне утре? Каде оди светот?

Кога почна пандемијата бев краен оптимист морам да признам и мислев дека навистина таа нешто ќе не научи. Дека нешто ќе научиме од историјата. Ние практично сега учествуваме во еден вид историја. Меѓутоа колку што поминува времето се повеќе ми се чини дека нема да излеземе попаметни од оваа несреќа, од оваа катастрофа што му се случи на човечкиот род и на светот воопшто, туку едноставно можеби ќе го продолжиме животот таму каде што застана и ќе посакаме да биде ист како порано иако мислам дека никогаш повеќе нема да биде сè исто, затоа што пред сè изгубивме ние многу луѓе. Од Втората светска војна наваму човештвото и не се сеќава на толкав број загубени животи и тоа на едно глобално ниво. Мислам дека барем од тоа би требало да научиме нешто повеќе и да престанеме да јуриме низ животот. Туку едноставно животот да го живееме пристојно, скромно како што му наликува на човечко битие.

Сепак, во годината во која животот што го знаевме ни се сврте наопаку и се престори во преживување, во годината на испишување на овие стихови, вам лично ви се случија и две награди „Чаша на бесмртноста“, за десетгодишен поетски опус што ја доделува поетскиот фестивал „Лириконфест“, во Велење, Словенија и наградата „Наим Фрашери“ што ја доделува поетскиот фестивал „Денови на Наим“ во Тетово. Колку вам лично ви значат овие признанија?

Да, да...за жал на едната не можев дури ни физички да присуствувам, а тоа е наградата „Наим Фрашери“ на меѓународниот поетски фестивал во Тетово што се одржа во октомври минатата година. Затоа се надевам дека овој октомври ќе биде подобар и ќе можам да дојдам повторно во Македонија, односно во Тетово, и дека ќе можам да се израдувам конечно на оваа награда бидејќи ми е многу важна затоа што сум првата македонска поетеса, првиот македонски поет воопшто добитник на оваа голема и значајна награда според името, ликот и делото на големиот албански поет Наим Фрашери. А, другата награда што ми се случи беше „Чаша на бесмртноста“ во Словенија и за среќа организаторите најдоа еден многу кус временски ваакум во којшто можеше да се случуваат културни настани и можев официјално да ја примам оваа награда. Морам да напоменам дека и оваа награда е многу, многу важна за мене затоа што таму во Словенија сум првата македонска поетеса, односно првиот поет кој не пишува на словенечки јазик а ја добива оваа национална награда. Значи, тоа не е награда за меѓународна поезија, туку е тоа награда за словенечките поети и поетеси. И навистина, во оваа чудна година, во оваа радикална година мене ми се случија две убави нешта на коишто се израдував но не онака како што би се израдувала во едни сосема нормални услови во коишто би можела да ја споделам таа радост и со останатите, со пријателите и мои блиски луѓе.

И обете награди се за творештвото пишувано на македонски јазик. Од таму, тие несомнено треба воопшто да и значат и на македонската литература и култура.

Вие, не без причина, многупати знаете да кажете дека јазикот е вашата татковина.

Видете и ова: Димковска: Кога пишувам во мене бучи и тихува само македонскиот

Апсолутно. Јазикот е мојата татковина. Јас не одлучив само свесно и совесно да пишувам на македонски јазик. Тоа е и моја политичка одлука – да пишувам на македонски јазик. Јас сум доволно способна да пишувам и на словенечки јазик, додека бев во Романија можев да пишувам и на романски јазик, односно ја напишав докторската дисертација на романски јазик. Во Словенија пишувам есеи и останати текстови на словенечки јазик, тоа можам да го правам, но поезија и проза пишувам исклучително само на македонски јазик. Мислам дека ние писателите, писателките коишто потекнуваме од Македонија, ако не пишуваме на својот мајчин јазик од кого би очекувале да пишува на македонски. И, со оглед на сето она што се случува на еден политичко-културен, културолошки, социолошки план јас мислам дека донесов буквално животна и политичка одлука да пишувам само на македонски јазик. И на тој начин да покажам и да докажам дека македонскиот јазик постои бидејќи јазикот е основата на секоја книжевност. Иако лично не верувам во постоењето на еднонационална книжевност и не верувам дека во Македонија постои само една книжевност пишувана само на македонски јазик, бидејќи Македонија е сепак мултикултурно општество, овде живеат и други заедници, овде живеат и писатели коишто пишуваат на други јазици, сметам дека македонската литература е збир и богатство од сите тие мали литератури и јазици. Така е и во секоја останата земја. Јас и во Словенија секогаш се залагам за писателите коишто живеат таму меѓутоа не пишуваат на словенечки јазик. А таму не има многу повеќе, бидејќи сепак Словенија привлекува и автори кои се селат во земјата од едни или од други причини. Затоа и сметам дека националните литератури како такви и не се многу важни и не смеат да бидат многу важни во еден век на номадизам, на селидби, на мешање меѓу народите и културите. Меѓутоа, секој автор треба да си го избере јазикот, да биде слободен да го избере јазикот на којшто ќе пишува и таа слобода да му биде признаена и овозможена. Апсолутно. Слободата може да биде овозможена само во политички рамки. Внатрешната слобода никој не може да ни ја одземе, меѓутоа ако јас во Словенија живеам и пишувам на македонски јазик а тоа никој не го смета како нешто нормално и вообичаено тогаш јас едноставно не припаѓам на словенечката Култура. Оваа награда, „Чаша на бесмртноста“ која што ми беше доделена во Словенија, всушност го призна постоењето на македонскиот јазик во една буквална смисла. Значи, таму има авторка којашто живее и пишува на македонски јазик и иако пишува на македонски јазик припаѓа сепак на корпусот на словенечката литература, а со тоа нормално и на македонската литература бидејќи пишува на македонски јазик.

Во Македонија, во родното Скопје, сте по долга пауза и за кратко. За промоцијата на книгата и еден кус семеен одмор. Како го доживувате секое идно доаѓање? Се менува ли сликата на полошо? Исчезнува ли градот кој го познававте од вашата меморија?

Не сум од оние луѓе коишто имаат само сеќавања. Јас мислам дека активно живеам со македонската реалност. Знам за сè што се случува овде, сето тоа го следам, учествувам активно во некаков културен живот во Македонија, овде објавувам...така што не доаѓам со помислата дека треба да ги барам спомените низ Скопје или низ Македонија. Секако дека ги гледам работите што останале и работите што се промениле и тоа е нормално за секој човек. Но доаѓам многу почесто, иако ова година беше исклучок заради короната. Тука сум многу почесто од други луѓе коишто живеат во странство и се сеќаваат повеќе отколку што го живеат она што им е дадено од Македонија. Во мојот случај мислам дека не никогаш и не правам некаква разлика дека живеам во Словенија, а овде само престојувам. Јас кога сум во Македонија живеам во Македонија, кога сум во Словенија живеам во Словенија, но кога сум во Америка живеам во Америка иако се тоа краткотрајни претстои. Така што имам еден активен однос кон животот во Македонија и таа реалност не ретко ме инспирира и да пишувам. Многу од песните во оваа книга, во „Гранична состојба“, се сигурно поврзани и со животот во Македонија.

Инаку, јас сум многу свесна за сè што се случува не само во градов, туку и во Македонија. Сите бевме сведоци на она што му се случи на Скопје. Градот не е повеќе она што беше. Тој е денес, би рекла, едно монструозно битие кое што мене лично не ми допаѓа којзнае колку, но сепак останале некои моменти од градот коишто ги сакам. Како Старата чаршија, како црквите во Скопје ... Се уште постојат работи кои воодушевуваат, но несомнено ни се случија и работи од политички причини кои несомнено пречат. Јас не припаѓам на оние кои мислат дека тие градби треба да бидат отстранети, срушени...туку едноставно сметам дека врз нив треба да се интервенира на друг начин. Во Македонија има толку многу уметници коишто би можеле да направат инсталации во оние градби кои нам не ни се допаѓаат, не не привлекуваат. Кога поминувам покрај Вардар и ја гледам онаа галија си викам, па зошто во неа не се направи една галерија или игротека за деца. Нека има таму пирати и нека си играат децата и нека учат нешто за себе и за светот околу. За што било. Од секој простор што беше присилно наметнат во урбанистичкиот, во архитектонскиот план на Скопје може нешто да се направи што ќе ја измени целта и функцијата на сите тие објекти. На сите овие споменици коишто се околу нас и не изгледаат добро. Мислам дека може да се најдат решенија, но времето поминува а решенија се уште нема.

Во Словенија има бројна и активна македонска заедница која од моите сознанија и тоа како вредно работи на негувањето на културните врски со татковината. Колку таа може да биде проактивна во промовирањето на стремежите на Македонија на патот на нејзините евро-интеграции во иднина?

Словенија сепак беше дел од заедничката татковина Југославија и таму народот сепак го нема тој проблем со Македонија и со македонскиот јазик. Сите знаат дека постои Македонија, дека сега е Северна Македонија, дека постои македонски јазик и тн. Таму прашањето за Македонија не се проблематизира на тој начин, односно барем јас не сум доживеала некој да ми рече дека македонскиот јазик не постои и слично. Секако сите ние што живееме некаде, не само во Словенија, апсолутно можеме да придонесеме да се запонае нашиот јазик, да се запознае нашата култура. Јас, на пример, не верувам речиси во единствената функција на дијаспората, на македонската дијаспора во светот, којашто пред сè се однесува на фолклорот и на традицијата. Јас лично во Македонија никогаш не сум се поврзувала со фолклорната традиција и мене ми е тоа нешто дури и туѓо. Јас повеќе ја сакам урбаната традиција. Повеќе ја сакам книжевноста која што се пишува. Повеќе ја сакам современата уметност и мислам дека не треба во дијаспората повеќе да се инсистира толку многу на минатото. Дијаспората има нешто што јас го нарекувам идеализација на примарната татковина, а таа идеализација мислам дека никому не му е од помош. Никому не му е од корист. Ако јас постојано ја идеализирам Македонија од Словенија и мислам дека тука сè е убаво, идеално ... понатаму не можам да имам активен однос кон Македонија. Не можам ништо да сменам во Македонија. Не ќе можам да изразам свое критичко мислење. А, тоа за жал неретко се случува во дијаспората. Не само во македонската. Воопшто во тие заедници коишто постојат на одредени народи и нации расфрлани по светот. Затоа јас во Словенија немам некоја допирна точка со македонската заедница, односно не се чувствувам како дел од македонската дијаспора. Не учествувам во заеднички културни или други настани коишто се случуваат во таа дијаспора. Мене дијаспората, а некој начин ме стеснува на некој начин, ме гетоизира, а јас отсекогаш сум била космополит и едноставно не се пронаоѓам во некое такво мини гето од некаква нација. Затоа мислам дека јас живеам во Словенија во македонскиот јазик пред сè и дека македонскиот јазик за мене е мојата дијаспора, мојата татковина и мојот дом. Но, апсолутно постојат луѓе коишто се ангажирани во македонската заедница иако има и такви со поинакво мислење. Еве и кај авторката на оваа илустрација на книгата, прекрасна композиција којашто се вика „Хоризонт во настанување“, Светлана Јакимовска Родиќ, сликарка од Македонија, од Куманово, која живее долги години во Словенија, сум забележала дека не се чувствува како дел од македонската дијаспора. Можеби и македонската дијаспора во светот е виновна за тоа токму поради таа тесно градост на некаква функција да се зачува по секоја цена фолклорот, да се зачува готвачката традиција, да се зачува некоја традиција која ни овде вие не ја живеете. Јас мислам дека едноставно треба да се оди понатаму, да се гледа во иднината и да се зачува сето она што е вредно, но и стабилно меѓутоа и да се надградува со нешто ново.

Родена 1971 година во Скопје, Лидија Димковска е поетеса, романсиерка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик.
Објавила шест поетски книги: „Рожби од Исток“ (1992), „Огнот на буквите“ (1994), „Изгризани нокти“ (1998), „Нобел против Нобел“ (2001), „Идеална тежина“ (2008), „pH неутрална за животот и смртта“ (2009) и „Црно на бело“ (2016); три романи: „Скриена камера“ (2004), „Резервен живот“ (2012) и „Но-Уи“ (2016); американскиот дневник „Отаде Л“. (2018) и една збирка куси раскази: „Кога заминав од Карл Либкнехт“ (2019), преведени на повеќе јазици.

Ги добила наградата за дебитантско поетско дело „Студентски збор“, двапати наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“, европската награда за поезија „Петру Крду“, наградата на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“, Специјалното признание „Европско културно наследство“ за најдобар расказ, словенечката „Чаша на бесмртноста“ за десетгодишен поетски опус, албанско-македонската поетска награда „Наим Фрашери“ и други.

Нејзините книги биле номинирани и за американската награда „Најдобра книга во превод“ како за поезија така и за проза, за германската „Берлински мост“, за полската „Европски поет на слободата“ и за меѓународната „Балканика“.
Учествувала на голем број меѓународни книжевни средби, читања и резиденции низ светот.