Господине Милчин кога би режирале претстава за актуелната ситуација во Македонија, во кој жанр би била?
Па тоа најверојатно би била некаква гротеска, која е типична по тоа дека во неа се мешаат комичното и трагичното и тоа на еден начин кој на крајот, без оглед на тоа дали одвреме-навреме се случува смеа како реакција на она што се случува на сцена, на крај впечатокот е мачен, останува тоа во грлото.
Бевте еден од најжестоките критичари на Никола Груевски, сега не ја штедите ниту власта на Зоран Заев. Што најмногу ви пречи?
Најмногу ми пречи тоа што се откажаа од сопствените ветувања, дефакто излегува дека тоа што беше изложено пред да дојдат на власт беше само демагогија, ветувања во кои, очигледно, и тие не верувале. Ми паѓаат на ум три класични македонски литературни дела. Првото е „Крпен живот“, второто е драма „Печалбари“, а третото е „Арамиско гнездо“. Мислам дека овие три наслови од нашата класична литература одлично ја опишуваат, ја дефинираат состојбата во која ние сме доведени, со тоа што власта на коалиционата влада на Зоран Заев дефакто ја продолжи праксата на претходната, на онаа на Никола Груевски.
Кои неисполнети ветувања први ви паѓаат на памет?
Многу е тешко, со оглед на тоа дека тука има тешка конкуренција.
Прво – Она во што ние сега сме доведени, не е тоа почнато со Заев, ама е развиено со Заев, тоа е тој наслов „Арамиско гнездо“ на Ѓорги Абаџиев. Македонија не е едно арамиско гнездо, таа е конфедерација на арамиски гнезда. Таа е расцепкана и во неа во една ситуација во која од социјализам требаше да се вратиме назад во капитализам за да можеме да одиме напред, ние се вративме уште чекор поназад, ние сме сега во нешто што би го нарекол капиталистички феудализам. Значи една земја, не знам дали можам да кажам држава, прашање е дали ние сме држава, која е дефакто составена од не знам колку феуди во кои владеат партиските моќници рака под рака со новокомпонираните олигарси.
Најлесно ми е да одговорам дека прво што ми паѓа на памет е она – „Нема правда, нема мир“. Нема правда, ама има мир денес, а требаше да има правда за да има мир. Мислам да не беше таа, како би рекол, толку голема енергија која дефакто го урна Груевски, да не беше потрошена во тоа, да ја имаше денес се уште, јас мислам дека на улиците ќе се случуваат слики кои ги гледавме во времето на Груевски. Сега Заев има пред себе, би рекол, една потрошена, изманипулирана поголема група граѓани кои не сакаат одново да се најдат во ситуација да бидат изманипулирани.
Видете и ова: Македонците сакаат во ЕУ поради европски плати, а не поради владеење на правотоКако гледате на дел од тогашните ваши, условно кажано, соборци кои по промената на власта се вдомија во институции и сега глас не им се слуша?
Тие на кој не им се слуша глас, тие се пасивни. Меѓутоа има такви на кои им се слуша гласот, кои делат лекции, кои опоменуваат, па некои од нив и им се закануваат на своите некогашни соборци. Тоа е страшно разочарување се разбира, иако всушност мислам дека имаше една најава за тоа.
Јас не бев тогаш во Скопје кога се случи тоа, Заев игнорирајќи го договорот да ја распушти коалицијата „Граѓани за Македонија“. Не беше проблемот во тоа таа коалиција да се распушти, проблемот беше дека таму требаше двете страни, граѓанското општество и партијата СДСМ со нејзините придружни коалициони партнери, тоа заедно да со соопштат и да го објаснат. Заев тоа го изведе така, што направи всушност – Ај сега досега ми требавте, сега не ми требате! и ги шутна граѓаните. Така што тоа веќе покажуваше што ќе се случува. Потоа почна да се покажува кој од граѓаните веќе фатил фотелја, му ветиле, се исполнило делумно, цело итн., во секој случај тоа е нешто што претставува големо бреме за каков било граѓански ангажман, бидејќи тоа што се случи ја обезвредни, ја поткопа, ја минира идејата за граѓански ангажман.
Кај нас сега не може да се случи она што се случи во Загреб да се избере градоначалник кој претставува глас на невладиниот сектор. Кај нас сега тоа веќе за извесно, догледно време мислам дека не е можно.
Целото интервју со режисерот Владимир Милчин може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.